ЕУ река (18): 101 година од убиството на Роза Луксембург

17.01.2020 21:26
ЕУ река (18): 101 година од убиството на Роза Луксембург

Роза Луксембург (5 март 1870 – 15 јануари 1919) била импресивна историска фигура: марксистка, теоретичарка, политичарка, интелектуалка, активистка и револуционерка, која дејствувала на три јазици и во три социјалистички движења – Полска, Германија и Русија. Неуморно работела за Втората интернационала, и неуморно се борела против милитаризмот, империјализмот и војната. Учествувала во неуспешната Руска револуција во 1905. Луксембург заедно со Карл Либкнехт го основала „Спартаковиот сојуз“. Поради своите антивоени ставови била затворана од страна на германската влада. Денес најчесто се спомнува како авторка на еден од најважните „слогани“ во 20 век: СОЦИЈАЛИЗАМ ИЛИ ВАРВАРСТВО.

Економските студии, теоретската перцепција и сопствените искуства ја направиле Луксембург конзистентен интернационалист и најтврдокорен противник на германскиот милитаризам и империјализам. Долго пред 1914 јавно говорела против наоружувањето, експанзионистичките цели и злоупотребите на пруско-германскиот воен естаблишмент. Така станала водечка фигура во борбата против војната и против нејзините поддржувачи, особено во нејзината социјалдемократска партија.

И покрај нејзиното жестоко спротиставување Германската социјалдемократска партија го поддржала финансирањето на воена мобилизација, со што Европа се втурнала во Првата светска војна. Луксембург била ужасната што Европското работничко движење не успеало да ја избегне катастрофата. Според неа, многумина националисти започнале да се борат за своите нации – во суштина борејќи се против своите сомисленици-социјалисти. Спротиставувањето на германскиот милитаризам и европскиот империјализам Роза го сметала за есенцијален елемент на социјалистичка борба. Сметала дека варваризмот ќе биде судбина на идните генерации ако не извлечат поуки од поразот на социјалдемократија.

Теоретски, Луксембург сметала дека социјализмот и национализмот се инкомпатибилни. Национализмот ветува независност но не може да ја обезбеди бидејќи националистичката кауза се користи од средните и високите класи за да ја зајакнат својата моќ на сметка на работниците. Нацијата и националните проекти функционираат како завеса која ги замаглува класните интереси и ги одвлекува луѓето од вистинските борби борби за подобар живот и еманципација.

Во исто време Роза сметала дека интернационализмот и взаемната помош имаат животна важност за работничкото движење. Работниците во империјалистичките земји имаат обврска да се борат против домашниот империјализам. Уште повеќе, револуцијата во една земја зависи од активната поддршка и од сличните револуционерни акции од работниците во други земји. На пример, Луксембург за многу од проблемите со кои се соочувала новата револуционерна влада во Русија ја обвинувала германската работничка класа бидејќи не обезбедила доволна директна поддршка и била неспособна да лансира германска револуција. Таа идеја Роза ја изложува во делото „Кон руската револуција“ (1918). Социјализмот може да биде само интернационален - велела Луксембург.

Таа уште во раниот дваесетти век била во линија со постколонијалната теорија. Критички ги промислувала идеите на Маркс од аспект на маргините на Европа и светот – таа била Другиот и како Еврејка и како жена и како социјалистичка револуционерка. Во својата револуционерна книга „Акумулација на капиталот“ (1913), Луксембург го објаснува движењето на капитализмот во насока на империјализам. Без нејзината корекција на Марксовата теорија на капиталот, неговиот слеп евроцентризам би имал два фатални недостатоци – не би можел да ја објасни европската долговечност на капиталистичкиот систем и би бил ирелевантен за колонијалните екстензии на капитализмот. Луксембург ефективно ја внесува областа на колонијалното во критичкиот апарат на марксистичкото размислување.

Политичкиот проект на Луксембург бил ништо помалку од глобална транзиција во социјализам за да се превенира паѓањето во варварство.

По неуспешните демонстрации од јануари 1919, Роза Луксембург заедно со Карл Либкнехт е заробена од десничарскиот Слободен корпус и набрзо е убиена, на 15 јануари 1919.

Избор: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото