Рекорди на факултетите: За 19 години - 14 000 помалку студенти

18.01.2020 00:12
Рекорди на факултетите: За 19 години - 14 000 помалку студенти

Годинава на насоката наставна хемија при Природно-математички факултет во Скопје се запишал само еден студент. Додека на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинија Први„ во Скопје имало само 12 бруцоши, што е досега најмала бројка на запишани студенти на овие студии. Пред само три години оваа бројка била три пати поголема. Поразителна е ситуацијата на факултетите, трендот на опаѓање на бројот на студенти се забележува на сите факултети на територијата на Македонија. Бројот од 53.677 студенти запишани во академската 2018/19 година, е најмалиот број на студенти во високото образование, во последните дваесет години. Споредено со учебната 2000/2001 година кога на високообразовните институции се запишале 39.406 студенти, сега таа бројка е намалена за повеќе од 14.000. Застрашувачки е и трендот во основното и средното образование. Во последните 19 години, бројот на основци е намален за над 61.000, а на средношколци над 21.000.

 Мала заинтересираност за општествените науки

Во моментов најатрактивни се медицинските, економските и информатичко-компјутерските студии. Додека, општествените бележат пад. Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на извештаи, во Република Северна Македонија, во академската 2018/2019 година се запишани вкупно 53.677 студенти, што претставува намалување за 5.7 % во однос на академската 2017/2018 година. Се помалку студенти го продолжуваат високото образование. Нето стапката на запишување во високо образование во Македонија изнесува 26,49%. Ова е соодносот меѓу студенти во високото образование на возраст 18-23 години и популацијата на соодветна возраст. Овој процент е намален за 1,77% во последниве три години.

Професорката Јасна Бачовска-Недиќ објаснува дека запишаните 12 студенти на студиите по новинарство се досега најмала регистрирана бројка на студенти на новинарство. Притоа Бачовска констатира опаѓачка тенденција, од година, во година на заинтересираноста на луѓе за студирање на новинарство.

На Шумарскиот факултет во Скопје, во првиот уписен рок, на трите насоки се запишале само 9 студенти, а вкупниот број на студенти кои можат да се запишат е 120. На Природно-математички факултет на студиите по хемија, насока наставна хемија се запишал само еден студент, иако бројот на слободни места по првиот циклус е 29/30. На студиите по физика се запишале само 13 студенти, додека вкупниот број на слободни места на овој факултет, за сите насоки е 964. На Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски“, на насоката библиотекарство од вкупно слободни 25 места, се запишале само двајца студенти и тоа вонредно. Додека, вкупно на сите девет насоки на Факултет за земјоделски науки и храна, се запишале 64 студенти, на можни 490 места за пополнување.

Професорката Бачовска објаснува како една ваква тенденција на опаѓање на бројот на студенти се забележувала и кон крајот на 90те години, за време на распадот на Југославија, во време на криза, војни, на неизвесност дали државата ќе опстане или не, и тогаш три или четири години студиите по новинарство биле затворени, ставени во мирување. Потоа повторно се актуелизирале. „Меѓутоа, и во овие години, таа мала заинтересираност за студирање новинарство е најверојатно аларм да се констатира ‘Што бара еден млад човек во новинарството’, веројатно само многу проблеми, а многу малку пари“, нагласува Бачовска и додава: „Состојбите на медиумскиот пазар се такви какви што се, сопствениците и капиталот ја диктираат новинарската професија, затоа верувам дека имаме мал број на заинтересирани млади луѓе да студираат новинарство“, заклучува Бачовска.

Таа додава дека Правниот факултет, многу тешко ги одржува студиите по новинарство бидејќи нема кадар, а државата не одобрува средства за вработување на докторирани луѓе во областа на медиуми и комуникација. Бачовска вели дека моментално се одржуваат студиите со еден човек кој што е избран во таа област.

Арбнора Мемети, студент на новинарство, смета:
„До крајот на годината, ни овие 12 студенти нема да ги има, како што и ние во академската 2016/2017, од триесетина студенти останавме едвај 10.“

За Арбнора оваа ситуација не е воопшто чудна, бидејќи како што вели таа: „не можеш да студираш новинарство, а да немаш предмети по новинарство, да студираш новинарство со еден стручен професор“. Според неа, овие бројки се показател дека факултетот треба да презеде нешто во врска со тоа, а не да чека бројката да падне на нула.


Бројот на студенти опаѓа, но на факултетите и професори расте

Од 29 факултети во 2000-та година, бројот драстично скокнува на 111 факултети во учебната 2010/2011 година. Бројот на факултети е во постојан раст, при што во 2017/2018 година се регистрирани 136 факултети. Додека, бројот на јавни средни училишта изнесува 108, бројот на приватни средни училишта е 20. Вкупниот број на наставници и соработници во високообразовните институции постојано расте, при што во академската 2018/2019 година изнесува 4.323, односно се зголемил за 193 во однос на претходната година.

Свесни за очигледната ситуација каде бројот на факултети е поголем од вкупниот бројот на средни училишта, од Министерството за образование и наука најавуваа и можно затварање на факултети.

Со цел да се посвети доволно внимание и на процесот на евалуација, односно мерење на квалитетот на високообразовните институции, според новиот Закон за високо образование, најавено беше Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, да се подели на два органи. Законот предвидуваше формирање на Агенција за квалитет на високото образование, составена од одбор за акредитација и одбор за евалуација, со рок за имплементирање во период од една година. Законските рокови за имплементација на законот изминаа, а од Министерството за образование и наука не ни одговорија до каде е формирањето на Агенцијата за квалитет на високо образование и дали, и од кого ќе се бара одговорност поради непочитување на законски рокови.


Во Германија, во учебната 2017/1028 година, студирале 1.174 македонски студенти

Многумина се одлучуваат да студираат во други држави. Најчесто, младите од Македонија се запишуваат на студии во Словенија, Германија, Бугарија.

Во Германија и во речиси сите скандинавски земји студирањето е бесплатно. Најскапи се универзитетите во Велика Британија – покажува истражувањето на ЕУРОПЕО.
Според Сојузен завод за статистика Визбаден, во учебната 2017/1028 година, во Германија студирале 1.174 македонски студенти.

Словенија, пак, има склучено билатерален договор со земји кои не се членки на Европската Унија: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, со цел студентите да можат да студираат бесплатно. Со оглед на тоа за нашиве студенти, Словенија е многу посакувана дестинација за студирање.Примамливо е и тоа што голем акцент се става на практичниот дел на наставата, која обично се изведува во фирмите со кои факултетот или вишата школа имаат договор за соработка, студентите се платени за време на праксата, а и голем број од нив се вработуваат во фирмите каде што оделе на пракса. Во академската 2016/2017 година, 556 студенти од Македонија се запишале на Универзитетот во Љубљана.

Некои од причините кои младите ги наведуваат зошто не продолжуваат на факултет во Македонија се: немање доволно финансии – студентите се должни сами да купуваат учебници (кои за некои од насоките чинат мало богатство), потоа плаќање партиципација (освен во случај на стипендија), како и потреба од преселување во местото каде што се наоѓа факултетот и плаќање кирија е,,исто така, честа појава.Други причини се и незадоволството од услови во студентските домови, незагарантирана работа по дипломирање, незадоволство од функционирањето на образовниот систем, како и желба за студирање во друга држава.

„Опаѓањето на бројот на студенти не се должи само на околностите и на нелојалната конкуренција во приватните факултети, туку и намален демографски капацитет. Многу луѓе заминуваат. Овој период се споредува со 2000/2001 година, кога беше конфликтот во Македонија и на психолошко рамниште се раѓаа помалку деца, така што оваа година и следната година очекуваме и помалку луѓе да се запишат на студии“, коментира Бачовска.

Доколку продолжи овој тренд на опаѓање на број на студенти, реалноста е дека на многу од факултетите не ги очекува светла иднина. Истовремено, присутен е и трендот на намалување на наталитетот во државава. Бројот на живородените деца во 2018 година, во споредба со минатата година, е намален за 1.9 % и изнесува 21.484 деца. Ова е најмал број на новороденчиња во последниве 25 години, од кога датираат и податоците во Државниот завод за статистика, кога во 1994 година, на територијата на Македонија се родиле 31.421 дете.

Што ќе стане со некои од студиските програми каде заинтересираноста на студенти е рекордно мала и дали треба да заминат во заборав, според Бачовска и со мала бројка на луѓе треба да останат студиите, за тоа е потребна и политичка волја и волја од страна на државата.

Опаѓа и бројот на ученици во основни и средни училишта

Во учебната 2016/2017 година, во прво одделение биле запишани вкупно 23.266 ученици, во учебната 2017/2018 година, бројот на првачиња опаднал на 21.656. Во споредбите од една до друга учебна година, интересно е што преминот на ученици од едно во друго одделение се намалува. Пример, во 2016/2017 година од вкупно 21.351 ученик во осмо одделение, во 2017/2018 година во деветто одделение, од нив преминале 351 ученик помалку, односно 21.000 ученици.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2018/2019 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 188 102, што претставува намалување за 2.3 % во однос на претходната учебна година.

Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2018/2019 година, изнесува 71 650, што претставува зголемување за 0.3 % во однос на претходната учебна година.

Инаку, се до минатогодишното зголемување од 192 ученика, бројот на средношколци, од учебната 2009/2010 година е во постојан пад. Притоа, до 2016/2017 година, се намалил за 23.885 средношколци. Во основните училишта за десет години има 22.189 деца помалку.

Извор: inbox7.mk