Повелете, влезете (три кратки раскази)

18.01.2020 20:31
Повелете, влезете (три раскази)

 

ПОВЕЛЕТЕ, ВЛЕЗЕТЕ

Ова е ходникот. А тука лево е дневната. Ако продолжите право ќе влезете во нашата спална, а десно од неа се двете детски соби. Но, нашите деца не се тука. Тука лево е шпајзот, таму чуваме постелнина и други бели работи. Ова се нашите прозорци, а ова е нашиот поглед. Погледнете. А ова, на ѕидот, гледате, е дело на некој наш истакнат уметник. Потпишан е долу, ама името не е баш читливо – знаете, сликарите се повеќе по сликањето, не по пишувањето, ха-ха-ха... А ова до него е артефакт. Многу е стар. Таму во ќошот имаме малку зеленило, а до него има кутија со песок. Таму кака кучето. Многу е паметно. Повелете сега наваму. Еве, ова е трпезаријата. До неа е кујната. Малку е преголема за мој вкус. Дојдете сега ваму. Ах, за малку ќе го заборавев каминот. Колку е само импозантен и колку убаво се вклопува во ентериерот... На копче е. Еве, најпосле стигнуваме до моето омилено место – балконот. Ах, оваа глетка... дојдете. Седнете тука. Гледате, оттука се гледа речиси цел град. Ене го теренот за тенис. Ене го и паркот. Ене ги и гробиштата... Многу се убави гробиштата, нели?

 

DON’T LOSE YOUR FAITH IN HUMANKIND

Г.П., дваесет и петгодишен административец од Скопје, забележа дека се расипал главниот вентил од водоводната мрежа во неговиот влез и реши да побара алат од блиската продавница за железарија. Патем, мина пред дворот на Р.С., шеесетгодишен пензионер, инаку татко на мошне познат и, за жал, доста контроверзен политичар. Р.С. си ја кроеше лозницата, а Г.П. се доближи до него, го поздрави и го праша дали можеби тој би можел да му позајми клуч и клешти. Р.С., иако не беше сигурен дали го има видено овој млад човек порано, пријателски расположен му помогна.

Се почувствува добро.

Кога заврши со работата, Г.П. отиде до продавница и купи природен овошен сок без додаден шеќер, спакуван во тетрапак. Потоа се врати кај Р.С. и, заедно со позајмениот алат, му го подаде и купениот сок, при што искрено му се заблагодари за услугата. Р.С. добродушно се насмевна и рече дека тука ќе биде ако затреба нешто друго. Потоа го врати алатот во гаражата и влезе дома со сокот. Го стави на масата, седна на едно столче, и долго гледаше во него. Најпосле стана, го зеде сокот и се упати кон кантата за ѓубре. Пред да го фрли во кантата, подзастана.

Се почувствува лошо.

 

ТАТКО

Паметам, еднаш со татко отидовме на панаѓур. Сами, јас и тој. Чекорев крај него по тревата и додека ме држеше за рачето, јас како зашеметен се џарев наоколу и само одвреме-навреме ја кревав главата и клемпавите ушиња кон неговото свежо избричено лице. Во еден миг, нешто ми го одвлече вниманието и се оттргнав од татко и се стрчав кон ливадите преполни игри, музика, насмеани девојки и какво не шаренило. Дури по некое време сфатив дека сум сам. Mе пресече страв. Се растрчав наоколу, барајќи го татко. Како цел живот да ми помина во трчање, сè до оној миг кога, туркајќи се меѓу луѓето, најпосле застанав пред стаклото на еден автомобил, во кое го препознав одразот на едно свежо избричено лице. Кога му се насмевнав и лицето во стаклото се насмевна. Во следниот миг некој ме повлече за ногавицата и погледнав кон тревата. Одоздола, кон мене се џареше едно исплашено детенце со клемпави ушиња –„Татко, кај беше досега?“


Од книгата „50 раскази (избор од 10 збирки раскази)“ од Жил Менар (Бегемот, 2019)
Илустрации: Мајкл Сова


Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото