Што е трансакциска анализа?

20.01.2020 00:21
Што е трансакциска анализа?

Трансакциска анализа, или популарно ТА, e теорија на личноста, моќен психијатриски модел и модел за комуникација. Трансакциската анализа е создадена во шеесеттите години на минатиот век и нејзин творец бил Ерик Берн. Берн, роден 1910 година во Монтреал, бил и пионер на радикалниот пристап во областа на психијатријата. Зад себе остави длабока и систематска теорија на личноста и распон на алати кои се користат секаде во светот за да се промовираат здравјето и развојот.

Иако Берн ја започнал својата психотерапевтска кариера како психоаналитичар, во својата пракса постојано се соочувал со ограничувањата на овој модел и го менувал, така што психотерапијата што ја практикувал била далеку од психоанализа, и најпосле се претворила во посебен терапевтски модалитет. Трансакциската анализа стекнала голема популарност кога книгата на Берн, „Која игра ја играш?“ станала бестселер. Термините како: „психолошка игра“, „внатрешно дете“, „животно сценарио (приказна)“, „јас сум ОК, ти си ОК“... од трансакциската анализа преку популарната култура влегле во секојдневниот говор и се одомаќиниле. Трансакциската анализа е социјална психологија која во последните четири децении се разви така што стана дел од психотерапијата, советувањата, едукациите и организацискиот развој. Таа е официјално прифатена како психотерапевтски модалитет од страна на Европската асоцијација за психотерапија - ЕАП.

Трансакциската анализа е оптимистичка и хуманистичка во својата суштина и како теорија и психотерапевтска практика се заснова на три претпоставки:

- Во основа, сите луѓе се во ред

- Сите луѓе имаат капацитети да размислуваат (освен лицата со тешки мозочни оштетувања)

- Секој донесува одлука за сопствената судбина (главно од третата до шестата година), но таа одлука може да ја промени

Накратко, ова значи дека секој од нас, без разлика што прави или правел во животот, има јадро кое во основа е во ред и со кое е роден (ова не го ослободува од одговорност за евентуалните не-океј нешта што ги прави, но е причина да веруваме дека може да се промени ако сака и да се потпре на оној дел од себеси кој е океј), дека може да размислува и да одлучува за себеси и дека може да го промени својот пат ако во одреден момент во животот веќе не му одговара. Работата во трансакциската анализа се базира на анализа на структурата на личноста на клиентот, неговите обрасци за комуникација со другите, неговото лично минато и секако неговото доживување на сето тоа. Притоа, мошне е важно клиентот и терапевтот да се движат кон постигнување една специфична терапевтска промена. Што значи дека е релативно едноставно да се процени дали терапијата била успешна или не, и во која мера. Често се случува една промена да води кон друга, понекогаш спонтано а понекогаш преку продолжување на терапијата, и квалитетот на животот на клиентот да продолжи да се подобрува и по завршувањето на терапијата.

Трансакциската анализа е договорен терапевтски модел во кој клиентот и терапевтот го преземаат својот дел од одговорноста за текот на терапевтскиот процес. Тоа подразбира активно учествување на клиентот во изборот на исходот од терапијата, но и патот по кој се доаѓа до таа цел. Клиентот е вклучен во текот на целиот процес и неговата волја и ангажманот, со стручноста на терапевтот, се најважни критериуми за успех. Затоа трансакциската анализа е доброволна терапија и подразбира дека клиентот доаѓа мотивиран за да промени нешто кај себеси, во своите односи или својот живот.

Во областите со практична примена, трансакциската анализа како психотерапевтски правец може да се користи за лекување на сите видови психолошки нарушувања, од секојдневни животни проблеми до тешки психози. Трансакциската анализа се применува во работа со поединец, двојка или група.

Слики: Hyatt Johnson

Извор: https://pulse.rs

Слични содржини

Психологија / Живот
Графички Дизајн / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото