Луѓе со 32 неврона во мозокот

20.01.2020 17:24
Луѓе со 32 неврона во мозокот

Во далечната и одамна заборавена 2016-та, кога Британците на референдум изгласаа излегување од Европската Унија, познатиот американски писател и сатиричар Енди Боровиц напиша во списанието „Њујоркер“ дека „во целото Обединето Кралство Британците се во длабока тага поради губитокот на вековното право да тврдат дека Американците се многу поглупави од нив“. Боровиц бил обдарен со префинета интуиција за случувањата што следуваа неколку месеци подоцна, на американските претседателски избори, па својата статија тој ја заврши со зборовите: „И покрај неверојатниот идиотлук на Британците, сепак постојат големи надежи на наредните избори Американците да испаднат уште еднаш дури и поглупави“. Беше одамна, но постарите сигурно се сеќаваат дека Боровиц испадна во право.

Но, битката помеѓу титаните за првенство во дисциплината национално малоумие, продолжува да се бие со несмалена жестина, а мечевите се одвиваат, како што видовме, на изборната арена во која учествува најшироката публика: на таканареченото народно изјаснување или плебисцит.

Космичка глупост

По декемвриските избори во Обединетото Кралство на коишто Борис Џонсон убедливо победи со политичка програма што се состоеше само од два збора, дека ќе го „спроведе брегзит“, островјаните повторно прејдоа во водство, уништувајќи си ја повторно најомилената национална забава, или како што тоа Боровиц го напиша: „Насладувањето поради интелектуалната супериорност над Американците долго беше најомилената забава во Британија, попопуларна дури и од крикетот, пикадото или билијардот. Но, британските гласачи му нанесоа непоправлива штета на најомилениот спорт што нацијата го познава: третирањето на Американците како идиоти“.

Посебна димензија на несомерливата космичка глупост што на декемвриските избори ја еманираа некогаш остроумните островјани, особено станува видлива доколку се ѕирне во политичките програми што двете најголеми партии им ги понудија на граѓаните. Додека програмата на конзевативците предводени од Џонсон се сведоа на неколку зборови, како што веќе кажав, да се спроведе брегзитот („to get Brexit done“), Џереми Корбин, непопуларниот лидер на партијата на трудот, понуди речиси револуционерна левичарска програма, во неговиот радикален „Манифест“ со одлично и креативно разработени мерки за реформирање на британското општество, за подобрување на социјалната состојба на наjширокото мнозинство осиромашени граѓани и за обезбедување поголема социјална правда.

Во Манифестот на партијата на работниците беше елаборирана програма со следните клучни цели: со градење стотици илјади социјални станови, зголемување на платите на работниците во јавниот сектор, воведување минимална надница од 10 фунти на саат, намалување на возраста за пензионирање на физичките работници, воведување даноци за богатите, бесплатен интернет и мрежно поврзување на сите жители, бесплатна куќна нега на жителите постари од 65 години, намалување на возраста за гласање на 16 години и што сè не. И, ништо од овие добро елаборирани програмски цели не успеаја да го спасат Корбин од најкатастрофалниот пораз што партијата го доживеала од пред безмалку еден век. Осиромашените и ојадени Британци наместо за својата социјална правдина и благосостојба гласаа за купот инфантилни и малоумни лаги на Боу Џоу, како и за плиткоумното ветување дека „че го онади то брексито“.

Масивна деменција

Но, иако Британците покажаа буквално неверојатни резултати во националната интелектуална деградација, скудоумност и глупоштија, големиот шампион преку Атлантикот работи секојдневно да го поврати водството. Во моментот не може да се одлучува со голо око, зашто тековното водство може да се следи само со специјални фотофиниш инструменти, но Американците имаат можност на изборите што ги чекаат на крајот од годинава да им нанесат на британските такмаци повторно одлучувачки удир и да избијат на тешко достижното прво место.

Резултатите од светската лига на нации во дисциплината на културното и интелектуалното пропаѓање, на прв поглед не би требало да бидат интересни за земја како нашата, што успеа пред едвај две и пол години да ја победи децениската диктатура на глупоста на ВМРО. Но, не е така: претстојните избори будат амбиции кај многу Македонци што не ги плаши магнитудата на британската или американската малоумност. Оваа групација е повторно предводена од вмровската елита на севселенски идиоти, а основниот услов да се квалификуваат на следните избори за светскиот шампионат во глупост, е бројот на неврони во мозокот да им е еднаков на бројот на заби во черепот.

Оваа невролошка аномалија е неопходно да ја поседува секој македонски натпреварувач што сака да ја квалификува татковината во светската лига на кретени, зашто за да ја смета вмро како сериозна политичка алтернатива на следните избори, човекот морал да биде способен да го поништи сето свое децениско искуство, да дозволи едно наместено лажно рекетче да му ја засени вмровската рекетарска планина и да заборави буквално сè за грандиозниот злостор што ВМРО-ДПМНЕ му го направи на македонското општество од 2006 до 2017 година. Науката е на становиште дека 32 неврона во мозокот се неопходниот услов за таквата масивна деменција, но колкав е бројот на Македонци што го поседуваат овој невролошки феномен во главата, што им ја овозможува амбицијата да ги загрозат светските сили во планетарната лига?

Америка и Британија, пазете му се!

Гифови: Young (Learn something)

ОкоБоли главаВицФото