ЕУ река (19): Да се биде против брегзит не значи да се биде за Европа

20.01.2020 22:17
ЕУ река (19): Да се биде против брегзит не значи да се биде за Европа

Конзервативците и националистите од источна Европа нудат јасен совет како да се биде Европеец. Тие сметаат дека би било добро кога овој континент би бил сличен на своите источни, а помалку на западните нации. Би бил подобар кога би го отфрлил мултикултурализмот, би ја ценел хомогеноста и би ги почитувал своите христијански темели. Тие ја сфаќаат нацијата на источноевропски начин, повеќе како етничка припадност отколку како државјанство, а нациите како етнички групи околу кои се создаваат држави, а не како ентитети создадени од државите. На нивната вера во етничката нација како крајна основа за суверенитет се темели нивната вера во „Европа на нации“, асоцијација на суверени држави а не „Соединети Држави на Европа“.

Тоа е емоционално моќен и самоуверено искажан став. Припадноста на Европската унија, напротив, повеќе е производ на правни апстракции отколку на емоционално обоен израз на идентитет. Дефинирани се некои нешта кои можат да ги прават граѓаните (најважната - можат слободно да патуваат во рамки на Унијата и да работат во која било од нејзините држави членки), но тие граѓани не ја прават замислената заедница. Останува да се види дали Европејците ќе замислат и ќе создадат таква заедница.

Една од ироничните последици на брегзитот е тоа што Британија денес, според зборовите на главниот преговарач во европскиот парламент за брегзитот, има „најголемо проевропско движење во цела Европа“. Маршот за Останување, чии учесници неодамна ги преплавија улиците на Лондон, извесно изгледа како почеток на колективно замислена народна визија за Европа. Тешко е да се процени, а лесно е да се преувеличи бројот учесници во такви демонстрации, но може да се каже дека стотици илјади учествуваа во трите неодамнешни маршови кои ги организираше Кампањата за втор референдум - а последниот, во октомври 2019 година, собра најмногу европски знамиња некогаш видени на едно место.

Сепак, противењето спрема брегзитот пред сѐ е поврзано со визијата за Велика Британија, а не за Европа. Да се биде дел од голема замислена европска заедница подразбира чувство на заедништво со вистинските Европејци во другите европски земји и грижа за предизвиците со кои се соочува Европа како целина. Но, иако чувството на европејството растеше како што се развиваше движењето, тоа и натаму се задржува на островот. Повеќето учесници на маршовите против брегзитот во Лондон несомнено би сочувствувале со оние кои маршираат за ЛГБТ+ правата во Лублин и би го осудиле непријателството кон нив - но дури и проевропските Британци би ги виделе како жртви на чудна, туѓа политичка култура, а не како земјаци Европејци. Фактот дека „Ние Европејците“ не е вообичаен израз во реториката на движењето за останување во Европа, зборува многу. Погледот на приврзаниците на Движењето за Останување подеднакво е вперен кон внатре како и оној на приврзаниците за излегување. Иако бескрајно жалат заради неверојатните последици од брегзитот во однос на Британија, тие ретко се грижат за тоа што би можело да им направи нивното излегување на Унијата и на европскиот проект. Да се биде против брегзит не значи да се биде за Европа.

Тогаш зошто знамиња на ЕУ? Тие не би биле потребни кога противењето на брегзитот би се засновало само на материјалните причини како што се отежнатото патување или падот на БДП. Колку и тоа да изгледа контраинтуитивно, знамињата го симболизираат мислењето на приврзаниците за Останување за тоа во каква земја сакаат да живеат. Останувањето е национално движење кое смета дека Британија треба да биде отворена, космополитска и кооперативна, кон внатре и надвор. Станува збор за карактерот на нацијата и за тоа како да се изгради. Приврзаниците за Останување ги прифаќаат знамињата на ЕУ како потсетник на соодветните европски вредности. Тој гест е познат од другите европски земји: Романците мавтаат со знамиња на ЕУ додека протестираат против корупцијата, а Полјаците ги носат на демонстрациите против мерките на власта кои ги гледаат како закана за демократијата.

Овие сличности сугерираат можност за заедничка жива историја на Европејците од различни националности. Од друга страна, постои веројатност дека Британците ќе продолжат да се делат на два табори чии уверувања за тоа каков вид нација е Британија суштински и непомирливо се разидуваат. Иако Полјаците се изразито обединети околу прашањето за членството во ЕУ - во овогодинешната анкета поддршката за останување достигна 91 процент наспроти 5 проценти на оние кои повеќе би сакале „полксит“ - и тие се поделени со фундаменталниот антагонизам помеѓу конзервативните и либералните визии на националноста. Нас, Европејците, нѐ обединуваат нашите поделби.

Тешко е јасно да се види патот кон помирување во толку поларизирани општества. Во тие околности апстрактниот патриотизам можеби е најдобар вид медијација кој можеме да го оствариме. Во услови на ограничено попуштање на напнатоста - можеби според формулата „ќе престанеме да ве нарекуваме идиоти ако престанете да нѐ нарекувате предавници“ - тој можеби би овозможил двата табори да живеат еден кај друг и апстрактно да ја сакаат својата заедничка нација, ако не баш и другата половина од оние кои ја сочинуваат.


Слики: Макс Бекман, Грабежот на Европа (1933) и Одисеј и сирените (1933)



Избор: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marek Kohn, The New York Review of Books, 12.11.2019.

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото