Медиум на друм (28): „Жените немаат глас за читање вести“

21.01.2020 21:26
Медиум на друм (28): „Жените немаат глас за читање вести“

„ЖЕНИТЕ НЕМААТ ГЛАС ЗА ЧИТАЊЕ ВЕСТИ“

Со години на жените не им било дозволувано да читаат вести на BBC бидејќи владеело раширено убедување дека женскиот глас е премногу поврзан со озборувањето и гласините, за да биде погоден за пренесување информации кои изискуваат создавање впечаток за најголема можна вистинитост и јаснотија.

Како што истакнува Франсес Дајсон, работата не била само во тоа што преку првите микрофони машкиот глас имал поголема јаснотија, туку и технологијата била развивана така за на машкиот глас да му даде поголема јасност, дополнително да го подобри гласот кој веќе бил прилагоден за задачите на ораторството и јавниот говор (на пример, при говорниците, во Парламентот, на говорничкиот агол во Хајд парк, во концертните и другите сали итн.).

„Женскиот глас мошне доследно бил отстрануван и потценуван. Не само што стилот на јавното обраќање на радио се развил со усовршување на ораторството, традиционално машко, туку и основното технолошко средство на радиото, микрофонот, од самиот почеток било усовршувано според опсегот на машкиот глас.“ (Дајсон, 1994)

Кога радиото се афирмирало како средство на јавното информирање, гласот на јавноста бил машкиот глас, а технологијата на радиото била така усовршувана за да го зацврсти тој факт. И покрај технолошкиот развој кој драстично ја подобрил осетливоста на микрофоните и приемниците („звучниците“) женскиот глас и понатаму немал пристап до многу клучни области на радио програмата со образложение дека неговите својства не одговараат за одредени видови емисии.

Ваквиот став оставил трајни последици во средствата за јавно информирање и би било наивно да се верува дека воведувањето на „еднакви можности“ ги избришало сите траги од овој тип. Дејвид Гредол и Џоун Свон во својата книга Машкиот и женскиот глас велат: „Уредниците на радио го покажуваат веќе добро познатото колебање кога станува збор за доделувањето ’сериозна’ работа на жените, од типот читање вести. Многу години поминаа пред публиката да можеше да слушне женски спикер на вести и најавувач на програмата, а и кога тоа се случило, била вршена селекција на гласови само со ’соодветни’ својства.“ (Гредол и Свон, 1989)

Избор и превод: Никола Гелевски

Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски

Извор: Мартин Шинглер, Синди Виринга - Радио, 1998

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото