Господари на Арктикот

24.01.2020 01:23
Господари на Арктикот

Вистинско чудо е како цели 14 милиони квадратни километри земја и вода на Арктикот го дочекаа крајот на втората деценија на 21 век, а веќе да не се окупирани и поделени помеѓу големите и малите сили.

После колонијалните борби во 19 век и светските војни во 20 век, целата планета е внимателно омеѓена, а секој расположлив квадратен километар одамна ѝ припаднал на некоја од државите. Секако дека соседските спорови меѓу нациите околу точната положба на границите ни денес не се реткост, некои се толку комплицирани што се чини дека ќе траат вечно, но работата е и во тоа што тие невралгични, спорни територии веќе се освоени, и тоа повеќе пати.

Бидејќи северниот поларен дел од планетата е толку негостољубив, Арктикот стана единствената навистина неосвоена територија која не е распарчена. Но, откако беше објавена проценката дека под оваа непрегледна бела пустина од вечен мраз сега лежи една четвртина од светските резерви на нафта и гас, почна да се зборува за отворена војна за мразот која ја водат Русија, Канада, Норвешка, Данска, Шведска, Финска и САД, а во спорот се приклучија и Исланд и Кина.

Во навидум ладнокрвниот свет на меѓународната дипломатија околу ова прашање од 2006 година повеќепати блеснаа очите кои не можеа да се видат од колонијалните спорови. И секогаш, во последните 13 години се развиваа сценарија на сеопшт конфликт, а тогаш, на крајот, доаѓа од пресврт така што ова прашање не се претвора во „ледена војна“, туку се замрзнува и се решава со дијалог.

Арктикот навистина не остава впечаток на место заради кое би вредело да се војува. Оваа земја на поларен мрак и вечен мраз се протегнува северно од таканаречениот поларен круг, територија на Северниот леден океан, со сите острови и полуострови кои се затекнаа над 66 степени и 33 минути северна географска ширина.

Тоа е границата зад која во зима ноќта е толку долга што барем еден ден во годината трае полни 24 часа, а каде во лето сонцето барем еднаш сјае на полноќ. Поларната ноќ е сѐ подолга како што се оди од поларниот круг кон самиот Северен пол каде зимската ноќ трае дури 179 дена.

Речиси целиот арктички регион е окован со вечен, поларен мраз, така што никако не се препознава дали под него е морето или копното. Тука некаде е и границата зад која не растат дрвја, иако и на Арктикот има одредена вегетација која спаѓа во таканаречената тундра. Најпознатото животно кое живее тука е белата мечка, но постојат и помали животни, како што се арктичките зајаци, некои видови глодачи и говеда.

Подлабоко во арктичкиот мраз животот опстојува само ако е во состојба да поднесе екстремни услови. Температурите во арктичкиот регион се толку ниски што во јули, најтоплиот месец во годината, речиси никогаш не надминуваат 10 степени целзиусови. Зимските температури паѓаат под -40 степени, а најниската забележана температура се спуштила дури до -68 степени.

Дождовите во вакви услови во суштина се ретки и сосема се сведуваат на снег. Меѓутоа, силниот ветар го разнесува снегот насекаде по непрегледното бело пространство, па мошне често е присутна илузија дека снегот паѓа постојано.

Самиот назив Арктик потекнува од грчкиот збор арктикос, кој всушност значи „покрај мечка “. Тоа не се однесува на белата мечка, за која старите Грци не знаеле, туку на соѕвездието Голема и Мала мечка, кои се наоѓаат на небото во близина на ѕвездата Северница, која е најдобриот небесен репер на светот.

Светот подобро се запозна со Арктикот по неколку последователни обиди уште од 18 век да го пронајде таканаречениот Северозападен премин преку кој Америка по воден пат би можела да се заобиколи северно од Канада. Почнувајќи од 1937 година, советските и американските истражувачи детално го испитале Арктикот, но сѐ до неодамна таму можеше да се најдат малку нешта кои се интересни. Ништо вредно и за најмала дискусија, а камо ли некаква војна, градење пловечки градови и плутачки нуклеарни централи кои би им обезбедиле енергија на освојувачите.

Во суштина, новите околности се создадени заради климатските промени. Со глобалното затоплување изотермите, замислени линии со иста температура на површината на земјата, секои десет години се поместуваат на север за околу 56 километри.

Затоа арктичкиот регион впрочем се стеснува, а вечниот мраз се повлекува. Ова топење, кое инаку ќе доведе до зголемување на нивоата на морињата, Арктикот го прави далеку попримамлив зашто со повлекување на мразот подземните резерви на нафта и гас стануваат значително подостапни.

Фотографии: Denis Burdin

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото