Деценија на заблуди

24.01.2020 17:15
Деценија на заблуди

Постојат периоди во историјата, како педесеттите години од дваесеттиот век, кога постарите луѓе ги поставуваa културните и моралните норми за младите. А има и периоди како шеесеттите, кога беше обратно.

Последната деценија беше како последниов. Впрочем, почна на 17 декември 2010 година кога 26 годишниот уличен продавач во Тунис, Мухамед Буазизи, поттикна протести кои брзо ја соборија регионалната влада. Деценијата заврши со 16-годишната климатска активистка од Шведска, Грета Тунберг која Time ја прогласи за личност на годината.

Во меѓувреме, деценијава фундаментално ја обликуваа технолошки иновации на млади луѓе, во форма на социјални мрежи и апликации, масовни миграции на младите од Африка и од Блискиот исток во Европа, и од Латинска Америка во САД, болестите на младите, особено менталните и зависностите, но и моралните осуди на младите, од #MeToo и Black Lives Matter движењето во Америка до масовните демонстрации во Хонг Конг.

Зошто и како младите луѓе доминираа во оваа деценија? Ајде да го стесниме фокусот на Америка.

Прво, демографијата. Она што историјата го смета за „шеесетти“ (кои почнуваат околу 1964 година со Законот за граѓански права), коинцидираше - во Америка - со растењето на бебибумерите, 75 милиони. Нашата претходна деценија коинцидираше со растењето на миленијалците, генерација од околу 80 милиони луѓе. Повеќе луѓе, повеќе моќ - или барем поголемо влијание.

Второ, бесот. Историјата често се согледува преку акции и реакции. Го паметиме неконформизмот од шеесеттите како одговор на конформизмот од педесеттите. Последната деценија исто така беше реакција на претходната деценија: на двете војни кои почнаа во морален занес и завршија со стратешки неуспеси, и на финансиската криза чии жртви се бројат во милиони, а за која никој не презеде вина.

Нималку изненадувачки, оваа деценија ја обележа интензивната хостилност на младите спрема очигледностите кои некогаш нѐ тераа да размислуваме. Како што сфаќаат тие, либералниот меѓународен поредок не воспостави мир - туку ни зеде сѐ. Капитализмот не нѐ збогати - само богатите станаа уште побогати. Силиконската долина не донесе технолошки иновации - ги зема нашите податоци. Полицајците не служеа и не штитеа - профилираа и убиваа. Медиумите не ја кажуваа вистината - ја спинуваа.

Оваа хостилност не е присутна само кај прогресивната левица. Таа е одговорна и за подемот на популистичката десница.

Во контекст на технологијата, младите не само што ги создадоа и обликуваа социјалните мрежи, туку социјалните мрежи ги обликуваа младите луѓе и создадоа нови генерации. Ова беше деценија кога алгоритмите создадени да го насочат нашиот вкус само го стеснија; кога создавањето онлајн заедници доведе до нашата балканизација во онлајн племиња и до сеење дезинформации и омраза; кога дигиталната поврзаност ги продлабочи личната изолираност и ранливоста.

Една од последиците е дека нашите внатрешни животи се поплитки: многу помалку време поминуваме во љубопитност, лутање, читање, сонување или просто размислување за нештата. Друга е што водиме поповршен политички живот бидејќи острината ја заменивме со цинизам, а разумните аргументи со серии бесни твитови.

Технологијата имаше уште еден ефект: во огромна мера ја зголеми брзината со која претходно маргиналните идеи, главно во рацете на младите заговорници, стануваа морални убедувања.

Некои од тие идеи, како еднаквоста во бракот (една од најголемите морални победи во оваа деценија) долго беа повеќе од потребни. За другите, како родовата флуидност, новите стандарди на сексуална согласност или централната улога на расизмот во американскиот идентитет, може да се дискутира дополнително.

Моралното убедување не е својствено исклучиво за младите, но лесно е да се држиме до него кога животот сѐ уште ти дал доволно време идеализмот да го снабдиш со искуство. Како и секоја втора деценија, оваа содржеше парадокси. Еден од нив е изборот на најстариот претседател во американската историја.

Сепак, Доналд Трамп го отелотвори духот на ова време исто онолку колку што го одбиваше тоа, не помалку со своето присуство на социјалните мрежи и циничната, сомничава и бесна природа на политиката што ја води.

Гифови: Dain Fagerholm
Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото