Генезата на Жил Менар (автобиографски, автопоетички расказ)

24.01.2020 20:17
Генезата на Жил Менар (автобиографски, автопоетички расказ)

 Во ноември минатата година, Бегемот ја објави книгата „50 раскази“ (избор од десет збирки раскази) од авторот по име Жил Менар. Книгата беше претставена како мала антологија од раскази од десет збирки од еден автор досега непознат за нашата книжевна јавност. Автор на предговорот на книгата е акад. Влада Урошевиќ, а десетте рецензии, по една за секоја од десетте застапени збирки, се во авторство на Искра Донева, Ѓорѓи Крстевски, Мане Манушев, Душко Крстевски, Жарко Кујунџиски, Александар Василиј Станојков, Сања Михајловиќ – Костадиновска, Иван Шопов, Николина Андова – Шопова и Владимир Мартиновски. На крајот од книгата се наоѓа и еден „Допис од читател“ од Исток Улчар. Илустрациите во книгата (за расказите од збирката „Чудесни земји“, претставени подолу во текстот) се дела на Софија Григориаду („Надја Леклерк“) од Атина, Грција. Овој текст ја опишува појавата на авторот Жил Менар.

I. Појавата на концептот

Кратките раскази кои ја сочинуваат збирката „50 раскази“ потпишана од авторот Жил Менар се пишувани во текот на десетина години (2008-2018). Освен во „50 раскази“, некои од расказите во оваа книга се објавени и во „Ветерот носи убаво време: антологија на најмладата македонска поезија и проза“ (Матица македонска, Скопје, 2012), во „Очудувања“ бр.1-2, (Бегемот, Скопје, 2017) и во „Летаат приказни“ (Темплум, Скопје, 2019).

Со оглед на тоа што расказите, во текот на нивното создавање, спонтано се „групираа“ во групи од 5 раскази според тематиката и ним иманентната поетика, нивното објавување првично беше замислено како збирка раскази сочинета од 10 до 12 циклуси составени од по 5 раскази. (На почетокот збирката требаше да содржи уште два циклуса: „Хаибуни“ и „Авторитети“, а книгата да биде насловена „60 раскази“ (12 циклуси од по 5 раскази) со што би се направил обид за суптилен омаж на истоимената, култна збирка од Дино Буцати (кај нас објавена од „ТРИ“ во 2017 год. во превод на проф. Радица Никодиновска).

По еден краток и неформален разговор со акад. Влада Урошевиќ во МКЦ во Скопје, во 2010 или 2011 г. во врска со неговиот тогаш актуелен роман „Невестата и змејот“ (поточно со „користената литература“ на крајот од романот, т.е. со десетината шаренолики наслови на „книги за змејови“ од бездруго фасцинантна провиниенција – а во суштина вешта мистификација на авторот), се појави идејата оние 60 раскази да не бидат претставени како вообичаени циклуси во книга со раскази, туку да се изведе мистификација: секој од циклусите да биде претставен како веќе објавена „збирка“, а секој од расказите во циклусот да биде „избор од најдобрите 5 раскази“ од таа моја веќе објавена збирка. Со тоа, целата книга би била мистифицирана во еден вид „антологија“ – избор од 60 раскази.

Но, ова подразбираше извесен предизвик: во една мала книжевна средина како нашата, како би можел одеднаш да се обидам да ги убедам книжевниците/читателите дека имам објавено цели дванаесет збирки со раскази, та сега уште правам и „антологија“ со „најдоброто“ од тие збирки? Решението на проблемите што ги поставуваше овој предизвик се оформи во наредните месеци: идеално би било кога за секоја од тие збирки би постоела по една рецензија, која би била своевиден „доказ“, убедлива потврда дека збирката некогаш навистина била објавена и претставена пред читателската публика. Рецензиите би биле напишани од 12 книжевници/книжевнички, пред сè автор(к)и на кратки книжевни форми: на секој од нив би му/ѝ биле дадени по 5 раскази, кои би послужиле како основа врз која тие би ја „изградиле“ збирката, слободно домислувајќи ја. Со други зборови, тие 5 раскази би биле пет делчиња од сложувалка, кои тие би ги искористиле за да ја замислат целосната слика. Притоа, создавајќи ја збирката раскази преку рецензијата напишана за неа, авторот/ката на рецензијата би имал(а) целосна слобода не само да ја домислуваат нејзината иманентна поетика, туку и во домислувањето на сите вонкнижевни, општествени стимули што наводно донеле до создавањето на делото. На тој начин, пишувањето на таа рецензија би отворило простор и за ангажираност на самиот рецензент, кој преку сопствениот „прочит“ на оваа фиктивна „збирка раскази“ би имал можност да претстави свои автентични гледишта за книжевноста и за општеството.

Во времето на осмислувањето на овој концепт (2011/2012) беа скицирани 12 „збирки раскази“, а напишани нешто повеќе од половината од потребните 60 раскази. Потоа, 2 од овие 12 „збирки“ отпаднаа од „антологијата“ затоа што нивните стилски обележја беа премногу различни од другите (циклусите со наслов „Авторитети“ и „Хаибуни“ се изразено автобиографски). Во 2017 г. кога најголем дел од педесетте раскази беа веќе напишани, за ваквиот концепт на мистификација се случи разговор со Андреј Јованчевски, уредник во издавачката куќа „Бегемот“ од Скопје, кој покажа особен интерес за замислата.

По разговорот со уредникот, следеше разговор и со издавачот, кој исто така покажа интерес за работа на проектот, и воедно укажа на потребата од обезбедување еден „главен“ рецензент, или „над-мистификатор“ кој би застанал зад мистификацијата со тоа што и самиот би напишал нешто како „рецензија-рамка“, која би била своевиден предговор на збирката. Со оглед на тоа што целиот овој процес на мистификација беше инспириран од книжевниот лудизам на крајот од „Невестата на змејот“, се чинеше сосема природно тој „над-мистификатор“, односно маестро на мистификацијата, да биде акад. Влада Урошевиќ.

По првичното претставување на идејата на проф. Лидија Капушевска – Дракулевска, за оваа идеја со акад. Урошевиќ првпат за ова разговарав на 8 или 9 септември 2017 год., во МСУ во Скопје, на второто издание на книжевниот фестивал на мали фикции „Друга приказна“, организиран од издавачката куќа „Темплум“. Откако заедно со уредникот и издавачот (Бегемот) му беше претставена идејата за „антологијата“ од десет збирки раскази, акад. Урошевиќ, кој беше лауреат на фестивалот таа година, најпрво се потсети на слична идеја за мистификација која тој ја имал пред повеќе децении (некој вид „антологија на македонска надреалистичка поезија“, со песни напишани од опскурни автори и соодветни белешки за нив, која останала нереализирана затоа што издавачките авторитети во тоа време го оцениле таквиот подвиг како премногу „ризичен“), за најпосле да предложи: штом веќе е замислено „збирките“ да бидат измислени – за да се „засили“ мистификацијата – и главната рецензија, односно предговорот, кој би ја напишал тој, би можела да биде потпишан од некој друг книжевен критичар, некој кој можеби веќе не е физички присутен меѓу нас. „Димитар Митрев, на пример?“

Размислувајќи за ова неочекувано „скршнување“ во развојот на концептот што го отвори предлогот на акад. Урошевиќ, веднаш се наложи првичниот заклучок дека ваквото „изместување“ во авторството на главната рецензија, односно засилувањето на мистификацијата, претставува колку имплицитен толку силен импулс за дополнително интензивирање на мистификацијата, кое би подразбирало „преуредување“ и на авторството на самите раскази. Конкретно: ако под главната рецензија, напишана од акад. Влада Урошевиќ, се потпише друг критичар, тогаш сосема логично е и под расказите, напишани од Живко Грозданоски, да се потпише некој друг автор/ка, а тоа би значело „автентичниот“ автор да не фигурира.

Земјата на волшебниот остров

II. „Отуѓување“ на делото

Ваквото „отстранување“ на авторот може да се разгледува под светлото на теоријата на Ролан Барт за „смртта на авторот“, со акцент на тврдењето на Барт дека авторот и делото се две појави независна една од друга, каде што авторот е всушност социокултурен „конструкт“ (според речникот на Дерида) – колаж од безброј други „автори“, а книжевните текстови поседуваат дури и една „метафизичка“ димензија.

Ова тврдење, за сфаќањето за авторот и делото како две појави независни една од друга, и тврдењето за авторот како „колаж“ од безброј други автори нè потсетува на зборовите на Блаже Конески, за „откривањето на песната“, односно за она што го вели тој во неговиот славен есеј „Еден опит“, имено, дека „песната повеќе ја откриваме отколку што ја пишуваме“. Конески, иако ја спомнува „методологијата“ на Микеланџело при изработката на скулптурите и импресиите на Надежда Мандељштам во врска со постапките на нејзиниот сопруг, Осип („Целиот процес на поетското создавање се состои од напорот да се улови и забележи хармонична и смислена целост што веќе суштествува и која однекаде се преточува во зборови“), сепак ја отфрла Платоновата теорија за светот на идеите (односно, она што Џузепе Унгарети (1888-1970) во својата поезија го нарекува „Закопаното пристаниште“: пристигнува таму поетот / а потоа се враќа на виделина со своите песни / и ги развејува / Од оваа поезија / ми останува / онаа недофатлива / неисцрпна тајна), за да се сосредоточи на „речевата дејност на колективот“, како на „сложена јазикотворечка лабораторија“, која во еден момент доведува до „откривање на песната“ – израз кој, според Конески, „може да сугерира намалување на улогата на поетот-креатор“.

Свесноста за „платоновските“ теории на Унгарети и Микеланџело, и почитта кон тезите за „намалувањето на улогата на поетот-креатор“ на Конески и „смртта на авторот“ на Ролан Барт особено ми се зацврстија по исчитувањето на пост-модернистичките дела на Димитрие Дурацовски, во кои исто така често се еродира авторството – на крајот од „Црни пророци“, на пример, стои:Оној што ја составил оваа книга понекогаш и самиот не може да се начуди на некои неверојатни настани што му се случуваат“ […] „Со секој напишан, изговорен или препишан збор тој го губи својот идентитет, се открива себеси во другите, се губи и исчезнува“ […] „Најубаво е да не си присутен“ и „Името да ми биде заборавено.

Имајќи го предвид таквиот контекст, разбирлива е идејата авторот на „50 раскази“ да биде кој било друг освен Живко Грозданоски: од една страна, авторот на „над-рецензијата“ т.е. на „рецензијата-рамка“, ете, може да биде кој било друг освен нејзиниот „вистински“ автор, акад. Влада Урошевиќ, а од друга страна, и оние 50 раскази можеле да бидат „откриени“, „составени“ и „запишани“ од кој било друг.

Сепак, на почетокот, исползувањето на некој псевдоним за да се реши прашањето со авторството на расказите не смееше да биде земено како можност, затоа што предлогот на акад. Урошевиќ (користењето на идентитетот на веќе постоечки критичар со потврден опус за да се покрие авторството на рецензијата) налагаше доследно користење на идентитет на веќе постоечки автор (со макар минимален потврден опус) за да се „покрие“ авторството на расказите. А ваквото припишување на „моето“ дело на некој друг автор се најавуваше како предизвик не само поради потребата од пронаоѓање на тој автор, туку и поради личната, внатрешна дилема: дали сум подготвен сосема да го отуѓам делото од себе? Се потенцира зборот „сосема“ затоа што кога се објавува под псевдоним, авторот сепак „ужива“ во „безбедна тајност“, која во секој миг може да биде растајнета (и обично бидува растајнета), а заслугата му се враќа на творецот на псевдонимот, односно на самиот автор. Бенџамин Френклин објавувал под десетина псевдоними, но сите се познати. Фернандо Песоа, еден од најголемите мистификатори на ХХ век, од друга страна, иако имал над седумдесет хетероними (псевдоними), уште во текот на својот живот штедро (значи, со извесно задоволство) ги опишувал нивните карактери и иманентни поетики. Наспроти ова, што би подразбирало целосното припишување на сопственото дело на друг автор? Тоа не е само времено складирање на делото подалеку од очите на јавноста, туку трајно предавање на заслугите за сопственото творештво на друга личност. „Отсекување“ на дел од себе и „калемење“ на тој дел на телото од друг автор, за да му служи на неговиот веќе постоечки био-библиографски опус. Во тој случај - што е она што всушност го губам јас, кога од себе го „отсекувам“ тој дел од своето творештво?

III. Духовна перспектива

Имајќи предвид дека вакви случаи со припишување на авторството на одредено дело на друг автор неретко се јавувале и во христијанската традиција (нам најпознат ни е примерот со Ареопагитовиот корпус, припишан на Дионисиј Ареопагит од I век од н.е., кого што проф. отец Стефан Санџакоски го растајнува како „намерен фалсификат“ што не можел да биде напишан пред V век од н.е.), може со сигурност да се каже дека целта на таквата постапка – било да се работело за припишување на авторството на други, или едноставно сокривање на авторството (голем број фрескоживописци и монаси своите дела ги потпишувале со зборовите „Насликано од раката на оној што му е познат на Бог“), целта била анулирање на важноста на сопствената личност, бришење на ризикот од гордост, неутрализирање на можноста за овосветска слава и, во суштина, припишување на делото на „славата Божја“. (Нешто слично има и кај Димитрие Дурацовски, кој во „Insomnia“, откако ќе го цитира проф. Милан Ѓурчинов (кој цитира цитат од Д.Д. - „Името да ми биде заборавено“) ги бележи зборовите на отец Стефан упатени до него: „Твојот пристап е монашки“).

Во тој контекст, видено од христијанска перспектива, со отуѓувањето на делото и откажување од авторството, се „отсекува“ дел од личната светска слава, која според христијанската теологија е заблуда, „прелест“ (или „маја“, според хиндуистичката терминологија). Во ред, и со ова отуѓување на авторството на педесетте раскази се прави таков обид за лишување од светската слава (?), но, во име на што? Во име на „славата Божја?“

* * *

На самиот почеток од неговиот есеј „Цветот на Колриџ“, Борхес забележува дека „Околу 1938 година, Пол Валери напишал: ’Историјата на книжевноста не би требало да биде историјата на авторите и на несреќите од (sic!) нивната кариера или на кариерите на нивните дела, туку Историјата на Духот како производител или консумент на книжевноста. Таа историја би можела да се напише без да се спомене ниту еден писател‘“. Ваквото гледиште ни излегува пресрет, затоа што, според Валери, ако се зборува за книжевната историја, од една страна, писателот не мора да се спомнува, а од друга, битен е Духот како производител на книжевноста. „Духот како производител на книжевноста“ може да има повеќе лица, а едно од тие лица – можеме слободно да тврдиме – е лицето на Играта, односно книжевниот лудизам. (Љубиша Стојановиќ, во својот есеј за Пол Валери забележува дека „тој смета дека уметноста, а особено поезијата, ја држи таа моќ за да ѝ овозможи на мислата изобилен контакт со вишиот свет“, а малку пред тоа, во истиот текст, исто така забележува дека „тоа е она што го сфатил Леонардо да Винчи – сликар, научник, инженер и архитект, кој се пројавил во сите области; сушта вистина е дека сите уметности образуваат само различни апликации на една единствена ’голема игра‘“.)

Така, и во овој „подвиг“, кога авторот се самоукинува, тој не му го припишува своето авторство само на друг писател, туку, пред сè, му го предава делото на „Духот (на Играта) како производител“ на книжевноста. А тоа совршено се поклопува со она што го вели Ап. Павле до Галатјаните (2:20), кое – доколку „Христос“ од христијанскиот дискурс се замени со „Духот“ од дискурсот на Пол Валери (односно дискурсот на Борхес, затоа што и тој се залага за истиот тој термин) и со „Играта“ од ова наше излагање – би гласело: „Јас веќе не живеам, туку Духот/Играта живее во мене“.

Како исход, може да се изведе дека ваквото „себе-укинување“ на авторот би било обид личниот удел, авторството, био-библиографијата на индивидуата, па дури и нејзината „слободна волја“, ако сакаме, да се анулира во име на – Играта. Играта, како манифестација на Духот како производител на книжевноста. Значи, се прави обид да се победи авторовото „его“ („Јас“ што „веќе не живеам“) за сметка на Играта. „Името да ми биде заборавено“ за сметка на Играта.

Земјата на клопците

IV. Потрага по авторот/авторката

Оттаму, да се прифати Играта би значело по потреба свесно да се направат лични отстапки (во поглед на авторството, правата над творбите, итн.) и да се експериментира во насока на она што може да се нарече интуиција на природниот тек на Играта. За акад. Влада Урошевиќ, „правото на игра“ е едно од трите основни поетички начела, но и без тоа неговиот оригинален предлог да се побара друг автор кој би се потпишал под неговата главна рецензија (т.е. расказ-рамка) може да се смета како автентична манифестација на Играта. Доколку, пак, „лудистичката постапка“, како што вели проф. Соња Стојменска – Елзесер, „се остварува на границите помеѓу […] рационално и интуитивното“, тогаш и рационалниот след на настаните и интуицијата наложија оваа мистификација на акад. Влада Урошевиќ да биде следена од кохерентна мистификација, т.е. некој друг писател да се потпише под самите раскази.

Резимирајќи: за да биде мистификацијата извршена согласно текот отворен од предлогот на акад. Урошевиќ, требаше да се најде некој/а наш/а починат/а критичар/ка и да се обезбеди дозвола од неговите/нејзините блиски за „користење“ на неговото/нејзиното име и презиме за да се поткрепи авторството на над-рецензијата, и, пред сè, да се најде некој друг, по можност опскурен автор на раскази, и да се обезбеди одобрение за користење на неговото/нејзиното име за да се покрие авторството на педесетте раскази.

Со оглед на тоа што обезбедувањето автор се најавуваше како поголем предизвик, барањето на критичарот беше ставено во втор план, и напорите беа вложени во потрага по авторот.

Во тоа време, се чинеше дека идеално ќе биде доколку се најде некој помалку познат писател, или некој опскурен, непознат автор што зад себе оставил мало, едвај забележано творештво. По неколку неуспешни обиди да се најде автор, беше разгледана антологијата на добитници на наградата за најдобар расказ на конкурсот на „Нова Македонија“, насловена „Бубамара на зрно калинка“. Во оваа антологија, пред секој од дваесет и деветте раскази, наредени хронолошки по години, поместени се и основните био-библиографски податоци на секој автор. Во низата познати и непознати имиња на автори, сепак, се издвои името на Ѓорѓи Мангар (награда за најдобар расказ за 1971 г.), крај кое немаше никакви податоци, што ме наведе да помислам дека се работи за нечиј псевдоним. По брзото пребарување на Интернет, не беа најдени никакви податоци за таква личност, а тоа го засили верувањето дека „Ѓорѓи Мангар“ навистина е псевдоним, совршено погоден за да биде искористен како автор на „50 раскази“: нема потреба да се бара никаква дозвола за користење на името, а авторството успешно би било припишано на автор со минимален, но признат творечки опус. Беше отпочната кратка потрага по личноста Ѓорѓи Мангар, секако, со надеж дека тој како личност воопшто не постои. На почетокот, впрочем, навистина не беа најдени никакви податоци, но потоа беше откриено дека Ѓ.М. е новинар во пензија. Независно од тоа, постоеше можност да се разговара со него и да се „договори“ преземање на авторството, односно негово учество во мистификацијата. Но, и таа замисла мораше да биде исклучена поради веста за тогаш лошото здравје на Ѓ.М. кое не допушташе изненадувања од каков било тип.

Во тој период, на тема „припишување на авторството на друг автор“ беше разговарано и со проф. Наташа Аврамовска, која, меѓу останатите забелешки, чинот на откажување од авторството го окарактеризира како (несфатлива) „жртва“. Иако ваквото толкување на чинот на откажување од авторството веднаш беше отфрлено од моја страна, следеше период на интроспекција, по што таа теза не беше сосем исклучена како можна, особено имајќи ја предвид иницијациската природа на потфатот. Освен тоа: свесни ли сме кога жртвуваме нешто? Најпосле, онаа изрека на Гете („Никој не е толку безнадежно заробен како човекот што лажно верува дека е слободен“), во спрега со оној цитат од култниот „Дежурни виновници“ (“The Usual Suspects”, 1995), „Најголемиот трик што успеал да го изведе ѓаволот1  е да го убеди светот дека тој [ѓаволот] не постои“, наведуваа на размислување дека намерното, иссилено неутрализирање на „авторското его“ (наводно) на сметка на триумф на Играта и книжевниот експеримент всушност би било дефинитивен триумф токму на тоа авторско его. Мојата „слободна“ волја, која би била наметната со бескомпромисна предумисла и наспроти навестениот тек на Играта, би била всушност во служба само на моето его. Така, идејата за „убиството на писателот“ и пред сè монашкото „името да ми биде заборавено“ – во средина во која другите веднаш ќе бидат запознати со овој (претенциозен?) обид за тотална мистификација – веднаш се покажуваат само како провидна мамка за (и нус-производ на) она за коешто зборува проф. Венко Андоновски (цитирајќи го Јустин Поповиќ), кога вели дека „антрополатријата нужно заршува со лудило и самоубиство“. Накратко: категоричното инсистирање на целосното отстранување на моето име и презиме од книгата што би била објавена би било во суштина – книжевно самоубиство.

Откако на почетокот на 2018 год. разговаравме со акад. Урошевиќ за изминатиот пат што го отвори неговиот предлог за употреба на име од друг критичар под неговиот текст (над-рецензијата, расказот-рамка), за барањето друг автор, за Духот на книжевноста според Пол Валери и Борхес, за триумфот на егото, за „ѓаволот маскиран како монах“, и за ќорсокакот во кој најпосле се најдов, јас предложив да му предадам дел од педесетте раскази, а тој, академикот В. У. да биде потпишан под рецензијата што би ја напишал – доколку се согласи да ја напише. Идентитетот на авторот на збирката, пак, би зависел од содржината и приказната на самата над-рецензија на професорот. Тој, од своја страна, се согласи со овој предлог, но ми предложи да му ги предадам сите раскази наеднаш. Исто, ми предложи најпосле да напишам и автобиографски расказ за изминатиот пат и за развојот на настаните и размислувањата околу авторството и изготвувањето на книгата. Имено, овој текст.

V. Егото на другите

Во јуни 2018 на акад. Урошевиќ му беше предадена првата верзија од сите 50 раскази, а по добивањето на неговата согласност за пишување на расказот-рамка на почетокот од збирката, беше потребно да се обезбедат десетте рецензент(к)и кои десетте циклуси од по пет раскази ќе ги претворат во десет збирки раскази со јасно дефинирани контури, содржина и иманентна поетика.

Пронаоѓањето на рецензентите траеше подолго од очекуваното, а притоа се појавија и некои непредвидени прашања околу целиот концепт и природата на соработката. Имено: чиј е всушност овој проект? Дали се работи за потфат на Живко Грозданоски, а сите други учествуваат во остварување на „туѓа“ замисла? Или можеби се работи за една групна играрија, во која секој се вклучува на свој оригинален начин? Некои од оние што беа повикани да соработуваат не прифатија, некои да. Некои го критикуваа концептот, а некои се согласија со радост. Од една страна, оние што не прифатија да соработуваат имаа разбирливи причини, а од друга страна, убеден сум дека сите оние што прифатија всушност пристапија кон Играта, нешто што е далеку поголемо од личниот напор на еден автор (кој, патем, прави напори да се самоукине). И самиот акад. Влада Урошевиќ, кога се согласува да соработува со дузината автори, всушност се согласува да влезе во Играта, т.е. да си го допушти себеси она нему исклучително важно – право на игра. Гестот на акад. Урошевиќ, кој својот габарит на академик и меѓународно признат автор го вложува во соработка со дванаесет млади и главно неафирмирани автори, можеби најдобро може да се илустрира преку новозаветната епизода во која Исус им ги мие нозете на дванаесетмината свои ученици – и со тоа најдобро покажува како ѝ се служи на книжевноста – оти Играта е Духот, а професорот, навидум пристапувајќи кон нешто што наликува на соработка со дванаесет млади автори всушност е гест извршен во име на Духот, при што акад. Влада радосно си го допушта себеси она нему исклучително важно – право на игра.

(Две забелешки:
1. Стои „дванаесет“ а не „единаесет“, затоа што на самиот крај од процесот на пишување на десетте рецензии, кога веќе беа обезбедени речиси сите текстови, во еден момент беше вклучен и поетот Исток Улчар, чијшто првичен ангажман (пишување рецензија) беше непредвидено заменет со пишување на белешката на крајот од книгата. „Дописот од читател“ беше договорен ад хок, низ телефонски разговор со И. У., и тоа беше претпоследното парче од сложувалката, по што требаше да се напише главната, воведна рецензија, т.е. предговорот на книгата.
2. Независно од обѕирот кон автопоетичкото начело на акад. Влада Урошевиќ, поместено на крајот од „Седмата страна на коцката“, според кое „потсиленоста на религиозното чувство не води кон откритија од поетски вид“, тука корисно е да се напомене дека споредбата со новозаветната парабола и цитатот од посланието на Ап. Павле погоре не се цитирани во религиска смисла, туку како дел од едно помеѓу другото и книжевно дело (Библија) кое има исклучителен придонес во обликувањето на голем дел од западната култура и светската книжевност.)

Земјата на висечките возови

VI Предговорот на книгата и откривањето на авторот

Првата целосна верзија од ракописот, со педесетте раскази и десетте рецензии (и „дописот од читател“) му беше предадена на акад. Влада на крајот од септември 2018. Ракописот со педесетте раскази, кој му беше предаден на акад. Урошевиќ беше придружен од куса белешка, во која на професорот му беше укажано дека авторот на збирката „50 раскази“ ќе зависи од неговиот предговор, а начелно му беа изложени три можни замисли: 1) Живко Грозданоски (постоечкиот писател) 2) Живко Грозданоски (непознат автор) и 3) Жил Галор (некој сосем трет автор). Професорот својот предговор (во форма на расказ-рамка) ми го предаде кон крајот на следниот месец, а од трите решенија се беше решил за – комбинација од сите три. Во еден дел, помеѓу другото, расказот-рамка (кој својата рамковност ја стекнуваше со тоа што се повикуваше на оној „допис од читател“ сместен на самиот крај од збирката) на акад. Урошевиќ сугерираше дека десетте млади автори-рецензент(к)и, инаку наши книжевници и мои пријатели, не познаваат автор по име Живко Грозданоски, а тоа не ѝ оди во прилог на мистификацијата. За да се реши оваа состојба постоеше можноста во расказот-рамка на акад. Влада да се внесат минимални измени (Живко Грозданоски да се замени со Жил Галор), и така мистификацијата да биде успешна. Секако, тоа подразбираше и менување на авторот на делото.

Кога ваквата идеја за предложување минимални измени им беше обзнанета на некои од рецензентите и на други професори-книжевници, тие предложија нештата сепак да останат такви какви што се, укажувајќи ми притоа дека тоа (автор да биде Живко Грозданоски) би било подобро „за мене“. Тука повторно стана збор за „личните придобивки“ што би произлегле од името на корицата, наспроти „Играта“, односно тоа дека – барем со ова дело – се сака да ѝ се даде предност на Играта, и „отстрана“ да се посматра како таа работи на своето „исцелување“. За природниот тек на ова постепено исцелување на Играта повторно беше разговарано со акад. Урошевиќ, при што и тој се согласи со тоа дека мистификацијата би била поефективна доколку наместо Живко Грозданоски стои (тогашниот псевдоним) Жил Галор.

Како што беше однапред договорено со десетмината рецензент(к)и, нивните текстови им беа вратени на уредување, затоа што како што нивните десет текстови го условуваа текстот на акад. Урошевиќ, така и текстот на акад. Урошевиќ налагаше „корекции“ во содржините на десетте рецензии (во најмала рака, требаше името на авторот, Живко Грозданоски, да се замени со Жил Менар, а требаше да се направат и некои други измени).

* * *

Три раскази потпишани од Жил Галор излегоа во првиот број на „Стожер“ за 2019 год., но бев измачуван од мислата дека презимето Галор е прилично испразнето од значење, и освен онаа самоиронична нишка (galore, освен тоа што звучи „француски“, на англиски означува „изобилие“, „раскош“), не означува ништо повеќе. Од друга страна, во текот на летото 2019 год. расказите полека доаѓаа до својата финална верзија, и единственото нешто што преостануваше да се реши беше презимето на авторот. „Жил“ беше оставено (по откажувањето од лажната победа над егото) поради релативната препознатливост и поврзливоста со вистинското име на авторот, но недостасуваше презимето, и тоа сè почесто ме замислуваше - сè додека едно попладне не седнав во еден од рестораните на кејот на Вардар и, размислувајќи, не се „проектирав“ во некој иден јас, по што почнав да пишувам во минато време, свесен дека текстот што го пишувам ќе биде дел од овој текст. Имено, „седев во еден од рестораните крај кејот, кај онаа убава статуа со оние двајца што седат, се држат за раце и разговараат − нема столчиња, но нивните тела ги врзува асталот (за мене ова е можеби најубавата скулптура во центарот на градот: иако прво в очи паѓаат формите на двете лица, за мене во оваа скулптура љубовта е второстепена: ова дело е главно за важноста за асталот: како симбол на разговорот, кој како (совршено, тркалезно) сврзувачко ткиво буквално ги крепи луѓето). Се прашував по не знам кој пат во тие неколку дена: кое ќе биде презимето на Жил. Бев малку заморен и напнат од тоа што, и по сево ова време, сè уште не го знаев. Но, кога го помислив тоа на тој начин, ова незнаење почна да ми годи: во тој миг се сетив на почетната замисла за одвојување на делото од себеси, и си реков – да не е ова тоа што го барав цело време? Ова незнаење, овој вакуум помеѓу Жил и она што ќе треба да се открие, и ова убаво чувство што произлегува од оваа празнинка, од ова незнаење, од ова небидување, ми кажува дека можеби, барем малку од малку, сум ја постигнал првичната цел. Бев едноставно Жил. Жил некој. Жил кој било. Жил ќе видиме. Жил кој во суштина не е ни Жил. Бев најмалку што може да се биде: едноставно - некој. (Можеби?) Но, во секој случај, најпосле, се почувствував сосем растоварен од себеси. Од овој миг па наваму, си реков - во ред е: Жил може да биде Жил кој било.“ (петок, 26 јули 2019, 16:20)

По ова дефинитивно, и на некој начин созерцателно „растоварување“ од себеси, се случи да го откријам расказот на Борхес „Пјер Менар, автор на Кихот“, кој освен тоа што на длабок и оригинален начин го третира прашањето на авторството и „присвојувањето“ туѓо дело, нуди и еден главен лик кој од страна на критиката е виден помеѓу другото и како „карикатура на Стефан Маларме и Пол Валери“. Ваквиот исход се чинеше како одлично „заокружување“ на потрагата по презимето на авторот на збирката „50 раскази“.

VII Чекор понатаму во играта

Во еден момент, откако десетте рецензии, „дописот од читател“ и расказот-рамка беа готови, и се работеше на финалните уредувања на самите раскази, се појави следната идеја: што ако авторот на педесетте кратки раскази и автор(к)ите на десетте рецензии направат „размена“ на авторството? Односно, што ако секој од десетмината автор(к)и на рецензиите ги „присвои“ петте раскази за кои ја напишал(а) рецензијата, а, во замена, таа рецензија биде потпишана од – Жил Менар? На тој начин, она што беше замислено како избор од творештвото на еден автор (избор од 10 збирки раскази од Жил Менар), би било претставено како „антологија на дел од младата македонска проза“ (избор од по една збирка од десет автори), а приредувачи би биле Влада Урошевиќ (авторот на предговорот) и Жил Менар (авторот на десетте рецензии).

Од една страна, ваквата игра со „инверзија во авторството“ ќе подразбираше мое целосно откажување од авторството (што значи, и од авторските права) над педесетте раскази, и присвојување на авторството на десетте рецензии напишани од други десетмина автор(к)и. Од друга страна, пак, секој од десетмината рецензент(к)и, ќе требаше да „присвои“ по пет раскази и не да влезе во коавторство, туку целосно да застане зад нив, да ги измени согласно сопствените видувања, и неотповикливо да ги потпише. (Додека јас, по реципроцитет, би интервенирал во рецензијата, а Жил Менар би се потпишал под неа). Ваквиот развој на играта секако ќе резултираше со интересен исход: она што рецензент(к)ите го „виделе“ во она што требаше да биде збирка раскази од Жил Менар, одеднаш станува туѓо видување на самите нив и на нивното творештво, при што креативниот процес повторно се здобива со една духовна димензија, која најдобро е искажана преку славната мисла на американската писателка од шпанско-кубанско потекло, Анаис Нин: „Ние не ги гледаме нештата онакви какви што се, туку онакви какви што сме ние“. Како и да е, иако варијации на ваквото „предавање“ на творештво се јавувале низ книжевната историја (познато е дека Оскар Вајлд, на пример, „им подарувал“ раскази на свои колеги писатели), ваквата идеја беше отфрлена од неколкумината консултирани рецензент(к)и, па така овој возбудлив експеримент со авторството завршува тука, а „размената“ на делата останува за некоја следна книжевна игра.

Земјата на катакомбите

VIII По конечниот исход

Остануваат уште неколку прашања. На пример, кога книгата е веќе објавена, а мистификацијата е „спакувана“ – чуму овој текст, зошто сето тоа целосно се демистифицира? За да се одговори на ова прашање, од една страна, можеме да се потсетиме на тоа дека самото настанување на овој текст беше иницирано од акад. Урошевиќ, кој ми предложи да го напишам, претпоставувам, поради релативната невообичаеност на креативниот процес. Од друга страна, пак, може да се одговори со прашање: дали навистина овој текст „целосно“ ја демистифицира книгата? Одговорот е и да, и не. Пример за целосна демистификација е „Таблица перваја“ од Б. Конески: тој текст, потпишан од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, веднаш потоа е следен од белешка потпишана од Конески, во која тој ја демистифицира играта. Наспроти тоа, „50 раскази“ е потпишана од Жил Менар, а Живко Грозданоски во книгата е претставен само како натрапник што прави обид да го присвои авторството на расказите. „Се разбира, не му поверував.“, тврди акад. Урошевиќ во предговорот, и тоа остава простор јас – и коавторите, и секој друг што знае за мистификацијата – според желба и расположение, до бескрај да ја „играме“ мистификацијата, со секој оној што не е запознат со процесот на подготовка на книгата и со овој текст. Значи, овој текст им ја демистифицира книгата само на оние што ќе го прочитаат. А разумно е да се тврди дека ќе остане мошне голема „залиха“ од читатели и конзументи на книжевност што ќе дојдат во контакт со „50 раскази“ од Жил Менар без да го имаат прочитано автопоетичкиот текст напишан од Живко Грозданоски.

Најпосле, ако на составувањето на оваа книга се гледа како на книжевен експеримент, може да се постави и прашањето: дали експериментот е успешен? Би рекол дека одговорот на ова прашање е троен.

Имајќи ја предвид првичната цел, т.е. „неутрализацијата на авторовото его“, сосем мирно може да се тврди дека експериментот е многу неуспешен, а тоа во голема мера се должи на самиот овој текст (ох, опојноста да пишуваш за себеси во трето лице!). Од друга страна, ако како главна цел се земе мистификацијата на делото, може да се претпостави дека експериментот е релативно успешен, затоа што прилично сложениот креативен процес најпосле е вкоричен во разбирлива приказна која сепак остава простор за продолжување на играта. Од трета страна, пак, може да се рече и дека (меѓу другото) испитани се и границите на авторството, а целта е исполнета со самиот процес на играта. „Делото на духот2  постои единствено во текот на создавањето“, вели П. Валери.

IX Завршни забелешки

Забелешката на проф. Соња Стојменска – Елзесер, дека играта е „суштинска човекова константа“ ме наведува да се сетам дека и претходно сум имал слични мистификаторски пориви: во една од моите збирки раскази, еден од расказите е потпишан од друг автор, а еден од ликовите на „Куфер за тројца“ (Или-или, 2014) пред објавувањето на книгата „оживеа“ и на еден web-портал ја објави својата колумна, која потоа беше преземена од други портали, за на крај една новинарка да се обиде да стапи во контакт со авторката на колумната (т.е. со ликот, Симона Д.). Оттаму, и овој текст можеше да носи наслов „Исповед на еден мистификатор“, но во книгата „50 раскази“ од Жил Менар се вклучени повеќе автори што ја градат мистификацијата, па затоа таквиот наслов (позајмен од споменатата мистификаторска играрија „Таблица перваја“ на Блаже Конески), немаше да биде сосем прецизен. А ако мистификацијата е создавање „лажни документи“, како што вели Конески во својот есеј „За историските мистификации“, при што „Определбата лажни овде не носи грда конотација, зашто тие документи не се правени за злоупотреба, ами за да се одговори со нив на некоја ургентна потреба“ – тогаш, се прашувам: ако оваа книга, потпишана од Жил Менар, може да се смести во таа категорија - која е „ургентната потреба“ поради која таа настана? Дали можеби за уште еднаш да се потврдат оние тези на проф. Соња Елзесер, изнесени во нејзиното дело „Игропис“, дека „авторството како институција станува небитно“, и дека „сè почести се и такви книжевни креации што се плод на повеќе автори“? Или, можеби, за да се потврди она езотеричното тврдење според кое (парафразирајќи ги стиховите на Халил Џибран, од неговата песна „За децата“) – книжевното дело е едноставно плод на реализацијата на копнежот на Играта по самата себе?

1Поистоветувањето на егото (на авторот) со „ѓаволот“ е особено впечатливо во микро-фикцијата на Митко Маџунков со наслов „Ѓаволот како сликар“, застапена во споменатата антологија „Летаат приказни“
2Внимателниот читател ќе забележи дека тука „духот“ е напишано со мала буква, додека погоре, на местото каде Борхес го цитира Валери, (од изборот „Есеи“ во превод од шпански на македонски од Ненад Велковски), е напишано со голема, „Духот“. Во шпанскиот оригинал, Борхес „Духот“ секаде е со голема „Д“. Од друга страна, пак, во српско-хрватското издание на книгата на Пол Валери, „духот“ е со мала „д“ и, најпосле, во францускиот оригинал, исто така – „духот“ секаде е со мала „д“. Очигледно, Борхес бил добро упатен во она што го бележи Коља Миќевиќ во предговорот од српско-хрватското издание на споменатата книга, дека „ќе биде потребно уште доста време додека не се воспостави рамноправен однос помеѓу нам познатиот Валери и оној непознатиот, помеѓу текстовите што ги објавил во животот и овие што фрагментарно се објавуваат и коишто сè уште остануваат како таен облик на судбината на Валери“, и решил да ја искористи таквата состојба (и тоа што Валери во своите теориски текстови многу често користи голема буква за општи термини од типот на „Јазик“, „Книжевност“, „Мисла“, „Глас“...) за една мала-голема игра (или Игра?), па така, одлучил дека францускиот „esprit“ на шпански може да биде „Еspirito“. Можеби и ова е една од сите оние длабоки игри на Борхес што шведската академија за Нобел не успеа правилно да ги цени и вреднува?

Земјата за младите војсководци

Литература: 
- Влада Урошевиќ, „Невестата и змејот“, Магор, 2008
-
http://www.reper.net.mk/2014/10/25/rolan-bart-smrtta-na-avtorot/
- Блаже Конески, „За литературата и културата“, Култура / Македонска книга / Мисла / Наша книга, Скопје, 1981
-
https://www.italialibri.net/opere/portosepolto.html
- Димитрие Дурацовски, „Црни пророци“, Темплум, 2018
- Димитрие Дурацовски, „Insomnia“, Темплум, 2018
- о. Стефан Санџакоски, „Апофатичка философија“, Три, 2003
- Хорхе Луис Богхес, „Есеи“ (избор), Конгресен сервисен центар / Макавеј, Скопје, 2014
- Љубиша Стојановиќ, „Пол Валери – толкувач на религијата на зборот“, во Современост бр.4, Скопје, 1988
- Vlada Urošević, Vladimir Jankovski, „Sloboda imaginacije, verovanje u čudo, prаvo na igru.“ Sarajevske sveske br. 49-50, 2016
- Соња Стојменска – Елзесер, „Игропис – есеи за книжевниот лудизам“, Магор, Скопје, 2004
- „Бубамара на зрно калинка“ (НУК Нова Принт, Скопје, 2010)
- Владимир Мартиновски (приредувач), „Летаат приказни“ (мала антологија на македонската микрофикција), Темплум, 2019
- Венко Андоновски, „Достоевски и Мекдоналдс“, Три, Скопје, 2019
- Влада Урошевиќ, „Седмата страна на коцката“, Магор, Скопје, 2010
- Emir R. Monegal, Alastair Reid, „Borges. A reader.”, Е. P. Dutton, New York, 1981
-
https://www.radiomof.mk/kolumna-da-ne-bideme-statui/
- Влада Урошевиќ, „Астролаб“, МАНУ, 2000
- Pol Valeri, “Pesničko iskustvo”, IRO Prosveta, Beograd, 1980
-
http://classiques.uqac.ca/classiques/Valery_paul/varietes/Lecon_1_esthetique_Var_V/lecon_1_esthetique.html
- Халил Џибран, „Пророкот“, Три, 2018

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото