Деветтата офанзива

25.01.2020 14:30
Девета офанзива

Грчкиот поет Јоргос Хуљарас во својата исклучително духовита збирка „Брза храна: класика“ (1992), даде две кратки верзии на Илијада (Заминаа) и Одисеја (Се врати). Според тој пример, деветте филмови од серијалот „Војна на ѕвездите“ би можеле вака да се опишат: Победија во деветтата офанзива. Завршниот дел го гледав во блиското кино (едно од четирите во центарот на Љубљана, од кои ниедно не е комерцијално), на оној првиот Бадник. Во салата бевме околу десетина луѓе, сите на околу четириесетгодишна возраст и постари до многу постари, препознатливи ликови од културата и филмски фрикови. Дежурниот вработен кој го води и симпатичното кафуле на влезот, не ни ги наплати картите, не знам дали и на другите им даде ист подарок. Чувството на целосна изгубеност беше врвно, тамам, онакво какво што треба да биде за простувањето од франшизата, која во раната фаза развеселуваше, во втората безуспешно се обидуваше да нè збуни со спектакуларноста, во третата фаза мачно се обидуваше да се извлече од трансценденталниот мрак, прав и кал...до конечната победа. Се разбира дека компанијата Дизни ќе ја искористи франшизата за уште илјада подгреани додатоци (бебето Јода моментално е во водство), особено за деца, но главната работа е заокружена, јунаците не можат до бесвест да воскреснуваат. За некој кој со триесет години југо-задоцнување го гледал првиот филм, настанат во 1977 година и тогаш неповратно подетинел во еден сегмент на културната сензибилност, овој настан беше од огромно значење.

Завршниот филм „Подемот на Скајвокер“ го режираше Џ.Џ. Ејбрамс ((J.J. Abrams), кој стана познат по мрачните СФ спектакли. Не треба да се меша со Џ. Ејбрахамс (J. Abrahams), кој со браќата Закер (Zucker) направи серија на луди комедии – спуфови. Најдобриот спуф на Војна на ѕвездите го направи Мел Брукс (Spaceballs, тешко преводливо).

А вистинското задоцнување кај нас и не беше толку страшно: романот што го напиша Џорџ Лукас врз основа на сценариото и потоа филмот, како успешен почеток на франшизата, се појави прво како роман во продолженија во весникот „Политика“, а потоа во едицијата „Плава птица“, уште во 1978 година. Тогаш, конечно се појави и основниот производ, филмот. Беше тоа последната година на Тито, која некои ја нарекуваа севернокорејска, а некои оловна. Филмот го гледав или во „Авала“ или во две кина во Атина, кои имаа сè, дури и книжарница. Филмот, а потоа и двете одлични продолженија, освен веселост значеа и нешто повеќе: ја покажуваа еднаквоста како легитимно барање, постоењето на злото главно во едноличноста и покорувањето, а слободата во крајно различните облици. Веселата разноликост конечно го победуваше едноличното покорување: токму тоа ни требаше. Да ја оставиме сега на страна техниката, минијатурните вселенски бродови, на почетокот сè уште висеа на конци во студиото – но севкупниот впечаток беше подобар од сè што дотогаш можеше да се види во овој жанр, а самиот жанр се хибридизираше: одредницата – вселенска опера, можеби е претерана, но она што некогаш беше највозбудливото, различните суштества, во новиот СФ свет стана секојдневно. Некои суштества ги гледате само во втор план, има толку многу јазици што се мешаат во вселенските биртии. Да се каже оперета е сепак поточно. Всушност, звуците ја играат клучната ономатопејска улога – точно знаете како звучат леталата на нашите, а како нивните, онака злокобно.

Иновација имаше и во ликовите на лошите, односно целиот комплекс на злобниот колектив: тој дефинитивно е налик на нацифашистичкиот тип. Партизаните добија нова поддршка во глобалниот културен имагинариум. Прво, „нашите“ секогаш беа движење, нехомогени групи, коалиција која задолжително некаде пукаше, нацрт на федерација, никако држава: успешните држави беа само најизразити жртви на мрачното царство. Патриотизмот е секогаш нешто малцинско и фрагментирано, успесите беа можни едниствено во солидарноста на различните. Без униформи или во импровизирани униформи, борците со опашки или три пара очи, од сите бои и модели на крлушки, крзна или мембрани со адмирали – октоподи, војската на отпорот навистина најмнигу личеше на партизани, герилци или нешто слично. Овој концепт ја преживеа втората тријада на филмовите кои може да ги разбереме како куп напомени и стари трачеви во лабава поврзаност со главните приказни, но во сосема нов и освежен облик се појави во третата, заклучна тријада...ако што побрзо ги заборавиме доплетувањата како што е приказната за младоста на Хан Сол.

Во третата тријада веќе нема двоумење околу цврстите поставки на нашиот свет, па да се тие само во желбите: продорот на женскиот авторитет, недвосмислениот антирасизам и толеранцијата на сите посебности, и еколошката свест. Постхуманоста е хумана со нехуманите, односно со машините, од кои некои се помалку, некои повеќе, а некои сосема хумани. Всушност, нешто што личи на трауматизирана столна ламба ја решава една од главните мистерии во Деветата офанзива. По краткиот излет и бакнувањето од милосрдие со лошиот што има шански да се поправи, хероината до крајот останува да се двоуми помеѓу чесниот црнец и латино мангупот. Но, политичките идеи ги споделува пред сè со женските ликови. А и како поинаку, кога станала водач на галактичкото партизанско движење и пошиоко.

Значи, што е со наци фашистите? Во завршниот дел, тие располагаат со најголемото и најлошто оружје досега, но така би било серијата да има и 85 продолженија. Но, главното оружје не е нешто што може да ја спржи планетата додека кажеш Австралија: главното оружје е пропагандата, психолошка злоба, работа врз мозокот, со почеток во лагите и измамите, со крај во војна, постојана војна. Со други зборови, она што е реалната состојба на светот во кој живееме. Во споредба со злото, да речеме во „Игра на троновите“, ова е вистинското. Како да се бориш против одвратниот дедо кој бил на страната на народните предавници, а сега сака со лаги да ја ревидира историјата и повторно да завладее со пропаганда и психолошко манипулирање? Неговата внука, како и секоја партизанка е подготвена да умре за слободата, но има уште некој кој би умрел за неа, со тоа што тој, уште посклон кон жртвување, има и врвно знаење. Дали ја пренесов едноставната порака, или да повторам? Знаењето, борбата, жртвувањето. Ова важи и за изборите.

Извесно, останува проблемот на злите ликови, а уште поголем проблем се мртвите. Таткоубиецот првпат умира кога мајката телепатски ќе го збуни, пред и самата да умре. Кога ќе оживее, му се прикажува убиениот татко, му простува и го упатува кон добрата страна, односно повторно и конечно да умре: веќе и не знаеме колку пати во последните три филмови ќе исчезне, умре и воскресне Лук Скајвокер, а претходните џедаи, малку – малку па повторно ќе засветлат во некој агол: судејќи според Хан Сол, духовите може да имаат артритис. Најсериозно, во технолошка и етичка смисла, навистина веќе во постхумниот свет, е појавувањето на Кери Фишер, актерката што ја играше принцезата генералка Леа, во животот и по смртта – на актерката, не ликот. Тука тематски припаѓа и потпирањето врз митовите и легендите. По првиот филм во далечната 1977 година, изгледаше дека Џорџ Лукас ќе разработи некои од нему блиските грчки митови и заплети, да речеме оној за Атрејвците. Веќе долго време филмовите не се негова работа, освен во облик на дивиденди. Митолошката мрежа толку се размножила и заплеткала што бара посебна дисциплина, која би можела да излезе од категоријата на тривијалното, но уште не излегла.

Сите тие вистински и лажни умирања, кои сепак имаат своја драмска смисла, служат за прикажување на многу стратешки и етички дилеми кои се карактеристични за партизанското движење. Затоа не е негативна оценка ако кажам дека последниот филм во серијата е всушност чвор од цитати што верниот гледач со добро паметење, со голем напор мора да ги организира. Две поуки се истакнати на крајот на филмот, едната од клучно значење за успехот на партизанското движење и уредувањето на идната федеративна република како некогаш: водачот на движењето своето потекло го наоѓа во своите етички и когнитивни примери, по слободен и разумен избор и тоа се братот и сестрата, Лук и Леа. Ти си тоа што ќе избереш, ништо друго не смее да те одредува и да полага право врз тебе. И втората порака на самиот крај: меѓу многумината кои се радуваат на победата се Ивоки, инаку познати од третиот филм во серијалот, кои се мали, несмасни, диви, но се топли и мрморат – и кои се еднакви со сите други.

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото