Црквите во Германија проговорија за својата „вина за Аушвиц“

27.01.2020 15:39
Црквите во Германија проговорија за својата „вина за Аушвиц“

По повод годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, двете главни христијански цркви во Германија проговорија за сопствената „историска вина“.

Христијаните соработувале со нацистичкиот режим, не зборувале јавно за егзекуцијата на Евреите или дури го охрабрувале тоа, се наведува во заедничката изјава на Католичката и Протестантската црква, објавена минатиот петок.

„Црковните челници и претставниците исто така често стоеле завртени со грб кон жртвите. Нема никаков сомнеж: црквите во Германија мора да ја објават оваа историска вина“, се наведува во изјавата.

Денес се одбележува 75 годишнината од ослободувањето на германскиот концентрационен логор Аушвиц, кој го ослободија припадниците на советската Црвена армија во Полска, која беше окупирана од нацистите.

Се смета дека само во Аушвиц нацистите убиле еден милион луѓе, додека во холокаустот вкупно се убиени шест милиони Евреи. Биле убивани со стрелање, труење во гасни комори или умирале од глад, болести и исцрпеност.

„Им се поклонуваме на сите жртви“, наведуваат црквите во соопштението. „Сеќавањето на вас не смее да биде индиферентно за генерациите кои живеат денес или ќе живеат во иднина“, заеднички истакнаа Католичката и Протестантската црква во Германија.

Извор: http://www.novilist.hr/

ОкоБоли главаВицФото