Сликовницата „Кралот кој го забрани мракот“ и „Изворите на тоталитаризмот“ од Арент

27.01.2020 18:53
Допирни точки на сликовницата „Кралот кој го забрани мракот“ со „Изворите на тоталитаризот“ од Арент

Да се кренат раце од фактите значи да се кренат раце од слободата. Ако ништо не е точно и вистинито, тогаш никој не може да ја критизира власта, бидејќи за тоа нема никаква основа. Ако ништо не е вистинито, тогаш сѐ е само претстава. Најбогатите ги плаќаат светлата кои највеќе заслепуваат.“
- Тимоти Снајдер, „За тиранијата“

 Си било еднаш едно мало момче кое се плашело од мракот. И тоа не е ништо необично – многу деца страдаат од тој страв. Но тој не бил обично дете – туку кралче. Обидете се само да замислите: кралчето спие во својата соба, таа е голема и студена во камениот дворец без греење, околу креветот му висат набрани украсни завеси што повремено се нишаат на ветрот, можеби ветрот ќе зафијука, ќе се чуе нешто однадвор, некој ќе викне па нешто ќе шушне во аголот од големата соба, одеднаш некој непознат звук, животинче или парче хартија... А кралчето под дебелиот јорган умира од страв! Затоа кралчето, кога пораснало, одлучило да преземе нешто радикално. Сега е крал и ќе го забрани мракот!

Така започнува слоевитата сликовница за деца и возрасни „Кралот кој го забрани мракот“, повеќекратно наградуваниот првенец на англиската авторка и илустраторка Емили Хејворт Бут.

На првиот ден од своето владеење кралот на советниците им го соопштил својот план да го забрани мракот, а тие се се загрижиле – што ќе се случи ако кралот со забраната на мракот го сврти народот против себе, наспроти првичниот добар односот со народот? Но, дошле на генијална, веќе испробана идеја: го советувале дека треба да ги увери поданиците дека забраната на мракот е нивна идеја, па планот и би можел да успее. И така полека започнува анти-мрачна пропаганда, советниците меѓу народот започнале да шират лоши гласини за мракот. Поданиците – кои дотогаш за мракот воопшто и не размислувале, а камоли да го доживуват како нешто лошо – одеднаш станале уверени дека мракот е извор на сите зла, заслужен за сите нивни проблеми - дека им „краде пари и им ги зема играчките и слатките“! Така самите дошле пред палатата и го замолиле кралот да го забрани мракот. Над кралството било поставено големо вештачко сонце, биле остранети пердињата, пропишани биле противмрачни шешири, луѓето постојано биле будни и славеле - сѐ додека страшно не се измориле од преголемата количина светло и славење.

Народот, накратко, сфатил дека погрешил и дека можеби и не била најдобра идеја да се посака забрана на мракот. Но, што да се направи? Насекаде демнеле кралските чувари и ги казнувале оние кои пробувале да го изгасат светлото. Кралот бил известен дека народот започнал да се бунтува, преиспитувајќи ја одлуката за забраната на мракот, па советниците се досетиле: ќе им ја приредат на поданиците најдобрата забава, „ најсветлото нешто на светот“, за да престанат да размислуваат и да ја преиспитуваат исправноста на кралските одлуките. Но водата на поданиците им дошла до гуша и ниту забавата веќе не можела да ја спаси работата, па се нашле неколкумина храбри граѓани кои постапиле храбро и за општо добро... Кралот на крај ја укинал забраната на мракот а својот личен страв го решил со спиење со мало ноќно светло.

„Кралот кој го забрани мракот“ е интересна алегорија и може да се чита на повеќе начини. На децата сликовницата може да им се чита како приказна за стравот – секој од нас од нешто се плаши, и затоа е добро да имаме некој покрај себе – кој ќе нѐ утеши, кој ќе знае да се погрижи за нас. Кралчето како да било само - кралот и кралицата можеби биле зафатени со владеење, можеби со раскалашни дворски забави, којзнае? Во секој случај, не успеале да го ослободат кралчето од тој страшен страв.

Ова е приказна и за важноста на вистината и знаењето и за штетноста на манипулацијата и индоктринацијата. Стравовите треба да ги разбереме, треба да се просветлиме со знаење. Старите Грци мислеле дека молњите ги праќаат боговите кога се лути, бидејќи не ги разбирале добро физичките закони. Во Средниот век мислеле дека оние кои ги лечат луѓето (често жените) имаат натприродна моќ и дека заслужуваат да бидат спалени, бидејќи не ја познавале доволно медицината.

Денес тоа е особено важно, бидејќи и феноменот на пост-вистина доведе до тоа поради ирационалноста и подложноста на теории на завера основните научни претпоставки да се доведат во прашање. Поимот пости-вистина прв го употребил американскит драматург Стив Тесих во 1992, а во меѓувреме стана широко користен бидејќи се чини дека живееме во време кога поважни стануваат емоциите и субјективните уверувања наспроти важноста на вистината, дури и кога е научно проверлива. Кон тој феномен значајно придонеле социјалните мрежи кои на поединците им овозможуваат да минат многу време исклучиво во кругот на истомисленици и така немаат премногу прилики да се запрашаат за исправноста и/или вистинитоста на своите ст(р)авови. На крајот, неверојатно е што денес постојат опасно индоктринирани луѓе, уверени дека земјата е рамна плоча или дека вакцинирањето ќе им наштети на нивните деца. Затоа е важно стравовите да се „лечат“ со знаење, информации, вистина, а не да се допушта да нѐ водат пропагандата, ирационалноста или сомнителните и нестручни извори на информирање.

Низ целата сликовница „Кралот кој го забрани мракот“ може да се примени и познатата поговорка „Внимавај што посакуваш бидејќи може да ти се оствари“. Кога поданиците барале и добиле од кралот забрана на мракот, и едната и другата страна биле задоволни, па авторката потенцира: „И сите го добија тоа што мислеа дека го посакуваат па затоа мислеа дека се среќни“. На децата треба да им се објасни дека за грешките треба да се разговара, а не да се држиме до своите погрешни постапки и одлуки само зашто не сакаме да отстапиме од своите првобитни одлуки. За тоа говори самиот крај на сликовницата, кога победува разумот: кралот ја сфаќа својата грешка, ја укинува забраната на мракот и започнува да спие со ноќно светло: да го сторел тоа веднаш, целата таа збрка немало ни да се случи!

Важна е и компонентата на одговорност – многу наши одлуки вклучуваат други луѓе, влијаат на нашата околина. Затоа е важно да постапуваме одговорно и да размислуваме за последиците од своите одлуки – како што кралот со забраната на мракот изрично влијаел врз животот на своите поданици, така во секојдневниот живот постојат многу ситуации во кои треба да се размислува за другите - од тоа дека на улица треба да се собере кучешкиот измет за некој зад нас да не згазне во него, па сѐ до претераните купувања и натрупувања нешта со кои создаваме непотребен отпад на планетата и ја искористуваме туѓата евтина работа.

Иако нуди разни теми за разговор со децата, „Кралот кој го забрани мракот“ е секако приказна и за возрасните, кои ќе забележат дека тоа е всушноста сериозна приказна за тоталитаризмот, политички систем кој не толерира индивидуализам, слободно мислење ниту било каква критика. Се работи за систем кој сопствените граѓани ги измамува поради исполнување на некои од своите цели – правата вистина станува неважна и целта е всушност преку медиумите и со сите останати средства народот да се увери во илузијата, обично насочена кон некоја поделба. Во оваа приказна светлото и мракот се универзална метафора за поделбата на нас и нив, на нашите, оние кои припаѓаат, и нивните, оние кои не припаѓаат и кои треба да се елиминираат за наша добробит. Не еднаш во историјата после манипулација и индоктринација се случило такво исклучување на Другите. Хана Арент во „Извори на тоталитаризмот“ вели дека суштината на тоталитаризот е да го увери народот во својата стварност. Таа тврди дека снагата на тоталитарната пропаганда е токму во способноста да ја изолира масата од реалниот свет и да се однесува како нивната стварност да е вистина – да ја нормализира. Доколку сите во општеството, или барем големото (главно немислечко, пасивно) мнозинство, започнат да се уверуваат дека лагата е вистина, се создава плодна платформа за разни видови манипулација и индоктринација. Оттаму овој текст нѐ потсетува дека вистината постои и дека е голема опасноста да ја заборавиме, да престанеме да се прашуваме што е правилно, а што не.

„Кралот кој го забрани мракот“ нѐ потсетува и на важноста на критичкото мислење. Кога кралските советници меѓу народот започнале да ги шират гласините против мракот, поданиците тие гласини не ги дочекале критички туку ги прифатиле како вистина, едвај дочекувајќи го надворешниот непријател, во случајов мракот, кого ќе можат да го обвинат за сопствените проблеми. Им се чинело всушност дека мракот отсекогаш го мразеле, дека никогаш и не било поинаку. Таквата индоктринација на народот е апострофирана на една илустрација во сликовницата на која учителката на учениците на табла им пишува зошто мракот не е добар, наметнувајќи им на децата одново нова идеологија. Денес е ова особено актуелно, во време кога пречесто се случува и децата некритички да консумираат интернет содржини и вести. Децата треба да прашаат: каде можеме да се информираме и да ги добиеме точните информации? И кога треба да престанеме слепо да ги слушаме другите и да почнеме да ги проверуваме фактите, да се уверуваме со свои очи во нешто, па на крајот да си веруваме себеси?

Околу одвраќање од мислењето и одговорноста симптоматичен момент во приказната е кога се чини дека некои поединци почнале да поставуват прашања т.е. дека всушност започнале да размислуваат за мракот, се запрашале дали тој е навистина толкав проблем? Тогаш кралските советници, во надеж дека повторно ќе ги заинтересираат за забрана на мракот, им приредуваат голема забава – поданиците повторно добиваат прилика да ги заборават вистинските проблеми и да се вратат на идеолошките прашања! Зарем не е тоа нешто што го сведочиме и денес? Опкружени сме со привидно празна забава која не произлегува толку од глупавоста колку од некој вид пасивност, сѐ како да е наместено за автоматизирано консумирање на брзи и површни содржини: ѕвезди кои пеат, танцуваат, готват, се облекуваат или се соблекуваат... Како да се работи за некој организиран заглупувачки проект насочен кон пасивизација на граѓаните кои во демократијата би требало да ја активираат и користат својата слобода? Пред сѐ слободата за – станување активен и одговорен поединец, а не само слобода од – терор, тоталитаризам, угнетување итн.

„Кралот кој го забрани мракот“ е исто така и приказна за важноста на разновидноста и контрастот. Кога мракот бил забранет, на луѓето тоа им се допаднало бидејќи можеле цел ден да бидат будни и да слават. Меѓутоа, брзо се измориле од тоа бидејќи, секако, на луѓето им е потребен мрак за да знаат да ја ценат светлината и за воопшто да ја препознаат. Тоа е илустрирано со ефектна метафора на огномет на крајот од сликовницата. Кралските советници на народот му приредиле огномет, но големото вештачко сонце создавало толку силно светло што огнометот воопшто не можел да се види! Пораката е јасна: неопходен ни е мракот за да можеме да ја видиме светлината, но и за да се наспиеме и одмориме. Доколку тој живот под константно силно светло го сфатиме буквално, можеме да го интерпретираме како метод на мачење – затворениците во ќелиите неретко биле излудувани со константно силно светло поради кое не можеле да се фокусираат, го губеле чувството за време и не биле во состојба да размислуваат и да се одморат. Но тоа константно осветлување може да се сфати и како метафора за прекумерно зјапање во блескавиот екран. На човекот за нормално функционирање, а особено за креативност, создавање и мислење му се потребни моменти на тишина, природа, контемплација, мислење и самотија.

Фактот дека луѓето во приказната се измориле од светлината и постојаното славење за децата е многу добра поука: и тоа како од славење и од неработење може да се измориме. Човек за сѐ треба да се потруди за да знае да го цени тоа, треба да работи и нешто што не му е уживање, па дури и нешто што го заморува, што му е тешко, изискувачко, за на крајот да има заслужен одмор, во кој многу повеќе ќе ужива како личност задоволна со својата мината работа. Постојаната забава со себе носи испразнетост, досада и незнаење, и тоа ништо не го објаснува подобро од фантастичната протестантска поговорка: „Да не се прави ништо е ѓаволско дело“.

Кога станало јасно дека сите се уморни од претераната светлина и славење и дека им треба промена, било важно да се надмудрат чуварите и да се изгаси светлото. Во тој момент „Кралот кој го забрани мракот“ станува приказна за отпорот и можноста за индивидуално спротиставување на немислечкото, автоматско и често опасно движење на мнозинството. Бидејќи некои луѓе ќе успеат да се издигнат, да се одвојат од масата и да извикаат дека царот е гол, и не само тоа туку и навистина да тргнат и да делуваат за својата но и општата добробит. Вистински промени ќе покренат поединците кои размислуваат и имаат потреба за доброто – под услов да не се сосем сами и да имаат помош, значи да успеат да се организираат. Токму тоа и се случило во оваа приказна – организираниот отпор вродил со плод.

Со оглед на бројните детали, сликовницата „Кралот кој го забрани мракот“ е многу погодна за индивидуално читање и проучување на ситниците, со едно или две деца во скут. Илустрациите во сликовниците се едноставни, повремено наликуваат на скици, но се многу ефектни и духовити (особено ми се допаѓаат кучињата кои носат противмрачни шешири). Целата сликовница е во црно-бело-жолти тонови, а авторката, покрај молив, користела и пастели и туш. Разни нијанси на топла жолта, повремено портокалова боја се пригушени на „мрачните страници“ а жарки преку ден. Насловната илустрација е црно-сиво-бело-жолта, многу едноставна, но ако ја свртите на светло (!) на средината ќе забележите дека жолтата лента светлина е премачкана и тоа ѝ дава чудесна магија. После читањето на целата приказна ми се чинеше дека тој зрак светлина симболизира просветлување во онаа филозофска смисла на верата во човековиот разум, во можноста за сопствено доаѓање до вистината и интелектуалното надоградување.

Емили Хејворт Бут всушност многу ефектно си поиграла со боите, бидејќи во првиот дел од сликовницата доминираат црна, бела и жолта, за дури на крајот, кога преку граѓанската непослушност била отстранета забраната и бил допуштен мракот, воведува палета нови, шарени бои: приказната живнала и животот престанал да биде сив и еднообразен.

Што можеме да заклучиме од тоа? За шаренилото на животот треба да се избориме, за индивидуалност, креативност, мислење и слобода треба да се потрудиме и да преземеме одговорност. Повеќето луѓе ќе се обидат да нѐ турнат во своите сиви безлични калапи, да нѐ изманипулираат за што повеќе да си личиме едни на други, никој да не отскокнува, сите да носиме исти шешири и да пропагираме еднакви вредности, и уште постојано уверувајќи нѐ дека постојат некои од оние против кои треба да се свртиме. Да го читаме на децата и себеси „Кралот кој го забрани мракот“, и да не допуштиме тоа да се случи.

Извор: Идеје

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото