Конкурс за „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“

28.01.2020 09:41
Конкурс за „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“

Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) по трет пат го распиша конкурсот за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“.

Станува збор за доделување на награди за новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.

Улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.

„Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам“, велат од МППС.

Новинарската сторија треба да е објавена во периодот 1 февруари 2019 – 1 февруари 2020 година.

Објавата може да биде на радио, телевизија, печатен или онлајн медиум. Медиумот може да работи на национало, регионално или локално ниво.

Сторијата мора да е поврзана со сиромаштија или социјалната исклученост и да се однесува на ситуацијата и луѓето во Македонија.

Еден новинар може да пријави само една сторија. Може да бидат пријавени повеќе стории од иста редакција, но од различни новинари.

Краен рок за доставување на сториите е 01.02.2020 година. Деталите за конкурсот се објавени на следниот линк.

 

ОкоБоли главаВицФото