Медиум на друм (33): Марсовците напаѓаат!

28.01.2020 15:34
Медиум на друм (33): Марсовците напаѓаат!

Делотворноста на масовните медиуми манифестирана во рамки на пропагандните кампањи во Европа и во Советскиот Сојуз од Првата па до крајот на Втората светска војна произвеле уверување дека масовните медиуми се моќно средство за контролирање на луѓето против нивна волја. Релативно новите појави – киното, радиото и почетоците на телевизијата – комбинирани со брзата урбанизација и слабеењето на традиционалните општествени односи, барем донекаде можат да ја оправдаат општата претпоставка дека публиката е релативно пасивна, наивна и дека преку тие медиуми може со неа лесно да се манипулира.

Но, иако бихејвиористичкиот мит за семоќноста на медиумите главно е веќе отфрлен, сепак постојат некои докази за прилично јасен модел на поттикнување и реакции во врска со некое влијание врз публиката, кое не може лесно да се отфрли. Во врска со тоа, често се наведува примерот на емисијата „Марсовците слетаа“ (The Martians Have Landed, 1938), радио адаптацијата на Орсон Велс на научно-фантастичниот роман „Војна на световите“ (The War of the Worlds) од Х.Д. Велс, писател од деветнаесеттиот век. Необичното во врска со таа драма бил документарниот стил кој симулирал вести и интервјуа со „вистински“ експерти, како што се владини претставници и воени лекари. Бидејќи многу слушатели ја пропуштиле воведната најава за програмата во која било објаснето дека она што следи е уметничка реконструкција, според многу сведочења, дошло до општа паника, а луѓето јавувале дека „виделе“ вселенски брод, па дури и дека имало случаи на силувања извршени од страна на вселенските освојувачи.

„Многу пред да заврши емисијата, луѓето ширум Америка плачеле, се молеле и безглаво бегале во страв дека Марсовците ќе ги убијат. Некои побрзале да ги спасуваат своите најблиски. Дури телефонски им се јавувале на пријатели да се збогуваат или да ги предупредат на опасност, трчале да ги известат соседите, барале известувања од новинските агенции и радио-станици, викале брза помош или полиција. Најмалку шест милиони луѓе ја слушнале оваа емисија, а најмалку еден милион се исплашиле или се вознемириле.

Други, пак, тврдат дека медиумите претерувале во прикажувањето на паниката, а дека самиот Орсон Велс максимално уживал во публицитетот. Уште повеќе, како што забележува Бартон, постоеле други важни фактори што придонеле за паниката таа ноќ - луѓето знаеле дека вистинската војна била неизбежна, поради што веќе биле во состојба на крајна вознемиреност.

Избор и превод: Никола Гелевски
Извор: David McQueen, Television, 1998

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото