Драга кошарко

28.01.2020 16:26

Од моментот
Кога почнав да си правам топка од чорапите на татко ми
И да давам замислени
Победнички кошеви
Во Големиот западен форум
Знаев дека едно нешто е вистинско:

Се вљубив во тебе.

Љубов толку силна, што ти дадов сѐ од себе  ̶
Од мојот ум и тело
До моите дух и душа.

Како шестгодишно момче
Силно вљубено во тебе
Никогаш не го видов крајот на тунелот.
Се гледав само себеси
Како истрчувам од него.

И така, трчав.
Трчав горе-долу на секој терен
По секоја „мртва топка“ за тебе.
Ми побара непоштедност
Ти го дадов моето срце
Оти тоа донесе многу повеќе.

Играв преку пот и крв
Не зашто предизвикот ме повика
Туку зашто ТИ ме повика.
Правев сѐ за ТЕБЕ
Зашто така се прави тоа
Кога некој прави да се чувствуваш толку
Жив како што Ти направи да се чувствувам.

На едно шестгодишно момче му го исполни сонот да биде „Езерџија“
И секогаш ќе те сакам поради тоа.
Но не можам уште долго да те сакам вака опсесивно.
Сезонава е сè што ми остана да ти дадам.
Моето срце може да го поднесе биењето,
Мојот ум може да се справи со чкрипењето,
Но моето тело знае дека е време да се збогуваме.

И тоа е во ред.
Подготвен сум да те пуштам.
Сакам сега да го знаеш ова
За двајцата да уживаме во секој миг што ни преостанува.
И доброто и лошото.
Си дадовме еден на друг
Сè што имаме.

И двајцата знаеме, без оглед што ќе правам следно
Јас секогаш ќе бидам тоа дете
Со топка од намотани чорапи
Корпа за ѓубре во ќошот
уште :05 секунди на часовникот
Топка во моите раце -
5 ... 4 ... 3 ... 2 ... 1

Ќе те сакам засекогаш,
                                    Коби

 

препев од англиски: Јулијана Величковска

 

Слични содржини

Балкан / Свет / Спорт
Балкан / Спорт

ОкоБоли главаВицФото