ЕУ река (24): Почетоците на борбата за рамноправност на жените

29.01.2020 13:02
ЕУ река (24): Почетоците на борбата за рамноправност на жените

РАМНОПРАВНОСТА НА ЖЕНИТЕ

И Фурие и Сен-Симон ја поддржувале еднаквоста на жените; тие биле меѓу првите општествени мислители кои го направиле тоа. Фурие не ја дефинирал женската еднаквост само во политичка смисла. Сметал дека бракот ја изобличува природата и на мажите и на жените зашто моногамијата ги ограничува нивните сексуални потреби: во спалната соба, како и на работното место, човечката природа, секогаш склона кон досада, бара разновидност. Сѐ додека мажените жени треба да ја посветат сета своја сила и време во домаќинството и на децата, тие немаат ни време ни сила да уживаат во задоволствата на животот. Фурие не повикувал на укинување на семејството, но се надевал дека тоа ќе исчезне самото по себе откако општеството ќе се прилагоди на неговите теории. Мажите и жените ќе најдат нови начини да постигнат сексуално задоволство, а општеството ќе биде организирано така што ќе води сметка за децата.

Идеите на Фурие наишле на извесно прифаќање во САД каде во четириесеттите години на деветнаесеттиот век биле основани барем 29 заедници според неговите принципи. Но ниедна од нив не траела подолго од пет-шест години.

Во 1799 година, Роберт Овен (1771-1858) станал косопственик и директор на фабриката за преработка на памук Њу Ланарк во Шкотска. Загрижен заради широко-распространетото малтретирање на работниците, Овен одлучил да ги подобри условите за живот на своите работници и да покаже дека е можно да се направи тоа, а да не се намали профитот. Ги зголемил платите, ги подобрил условите за работа, одбил да најмува деца под десет годишна возраст, и на работниците им обезбедил чисти куќи, храна и облека, сето тоа по разумни цени. Отворил школа за деца и возрасни. Во секој поглед, го демонстрирал своето убедување дека поздравите, посреќни работници произведуваат повеќе од помалку среќните. Како и Сен-Симон, и Овен верувал дека индустријата и технологијата можат да го збогатат човештвото доколку тоа се организира врз основа на вистинските принципи. Од цела Европа доаѓале посетители за да ја видат фабриката на Овен.

Исто како и многу просветители, Овен сметал дека околината е најважна за формирање на карактерот - дека незнаењето, алкохолизмот и криминалот кај сиромашните потекнуваат од лошите услови за живот. Јавното образование и реформата на фабриките, рекол Овен, од сиромашните ќе направат подобри граѓани. Кога парламентот се извлекувал пред реформите, Овен дури заговарал формирање голем национален синдикат на сите работници во Англија. Во првите денови на индустријализацијата, со мал број работници кои биле организирани во синдикати, тој сон изгледал невозможно. Овен поверувал дека целиот општествен и економски поредок мора да биде заменет со нов систем заснован на хармонично групно живеење, а не на конкуренција. Воспоставил угледна заедница во Њу Хармони, во Индијана, но таа била со краток век. Дури и во својата фабрика во Шкотска, Овен имал потешкотии да издржи со работниците, од кои многумина биле лојални христијани и ги презирале неговите секуларни идеи и игрите кои ги учеле нивните деца во неговите школи.

Агитирањето за општо право на глас за жените во Велика Британија ја достигнало својата кулминација за време на бурните години од парламентарните реформи, 1909-1911. Под водство на Емелин Панкхерст (1858-1928) и нејзината ќерка Кристабел, жените се ангажирале во демонстрациите, ги прекинувале политичките собири, а кога биле одведени во затвор, прибегнувале кон пасивен отпор и штрајк со глад. Емелин Панкхерст, која сметала дека таа нова милитантност имала оправдување само затоа што ниедно друго средство не успеало да обезбеди правда, ја покажала врската помеѓу феминистичкото движење и она другото големо движење за слобода кое ја обликувало либералната традиција. Обраќајќи ѝ се на публиката во Соединетите држави 1913 година, изјавила:

Нашите срца се распламтуваат кога ги читаме големите девизи кои ја слават слободата во вашата земја; кога одиме во Франција и ги читаме зборовите слобода, братство и еднаквост, зарем мислите дека не го цениме нивното значење? А кога ќе се разбудиме со сознанието дека тие нешта не се за нас, туку се за нашите браќа, тогаш доаѓа чувството на горчина во срцата на некои жени и тие си велат себеси: „Зарем мажите никогаш нема да сфатат?“

За време на Првата светска војна, жените работеле во канцеларии, фабрики и во услужните дејности, на работни места на кои претходно работеле мажи. Нивното ангажирање за време на војната придонело да стане јасно дека жените играат важна улога во економскиот живот на нациите и многу политички лидери се заложиле и тие да добијат право на глас. Во 1918 година, Англичанките со навршени триесет години добиле право на глас, а во 1928 година, Парламентот ја намалил гласачката старост на Англичанките на дваесет и една година, како и за мажите. Во САД, Конгресот во 1918 година одобрил еден амандман давајќи им на жените право на глас. Добивањето општо право на глас разрешило една голема неправда, но останале другите причини за незадоволство; Движењето за ослободување на жените кое се појавило во шеесеттите години се обидело да го насочи вниманието кон нив.

 

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото