Кој ќе биде следниот?

29.01.2020 14:33
Кој ќе биде следниот?

Значи, да повторам, триесет години ги имаме сите елементи од кои е составен еден демократски систем: партии, Устав, закони, избори, државна администрација, а сепак, за успешна демократија, нешто важно недостасува. Тоа што недостасува нема да го најдеме во партиите, Уставот, законите, изборите или државната администрација оти тоа е во нас самите: духот на законите. Духот на законите е моралната посветеност на почитување на правилата на поведение, посветеност на вистината, на правдата, посветеност на заемна доверба и на разумност и во несогласување. Нашите политичари не ги поседуваат овие морални квалитети што ја прават разликата. Кај нас важи правилото: со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право. Но, без кохезивниот елемент наречен демократски вредности, нема успешна демократија. Тоа да ти биле, разбирам сега, тие „шајки“ за кои пишува Маркс, кои треба да го приковаат толку силно нашето срце за вредностите, да не можеме да се оттргнеме без да го парчосаме. Без тие вредности има само борба на сè или ништо меѓу поединци и групи (партии) кои си дозволуваат сè за да ја освојат и сочуваат власта. Ќе ја откриете нивната злоупотреба на власта, ќе барате одговорност (или барем извинување за онеспособување на лифтовите за постарите луѓе да не можат да гласаат!), ќе добиете среден прст. Со огромни напори на странски претставници ќе формирате Специјално јавно обвинителство за да стасате до вистината и одговорноста, засегнатата страна ќе го прогласи за неуставно и ќе ви покаже среден прст. На крајот јавната обвинителка во која сте ги вложиле своите надежи, со своето коруптивно поведение ќе ви покаже среден прст.


Општество што секогаш било управувано од друг центар, неподготвено демократски да се управува себеси, во 1991 година тргна на патот на демократијата без ниту еден ден демократско искуство. Промената на геополитичката карта на Европа лесно беше прикажана со нови бои: вакуумот создаден со повлекувањето на моќта во границите на Русија, беше пополнет со влијанието на Западот, но не и со западните вредности. Практично ние продолживме да се однесуваме како политика и како народ со долга историја на автократија и национализам со кои ги исполнивме лушпите наречени демократски институции. И сега, партиите се исправени пред задачата да соработуваат и да се согласат за текст на закон за Јавното обвинителство. Обвинувајќи се за исти работи – за корупција, за измама, за кражба, за контрола на судството, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја преземат или да ја задржат власта, убедувајќи го народот дека токму нивната партија е спасителот. Никако да разберат дека само демократскиот систем на заемна контрола нè спасува нас, граѓаните, од нивните зулуми. Но, тоа бара ниво на соработка и на доверба што не постои, па, оттаму, не е можен ниту демократски систем, туку само повеќе од истото. За догледно време, заемното уништување на водствата на партиите ќе биде нивната школа на демократијата. Тоа ќе трае сè додека не ја заринкаат државата во нова криза, а самите не заглават во затвор. Така политичарите ги решаваат проблемите кај нас. Поинаку не знаат. Нормално ли е ова? Во една земја која почива врз демократски вредности и во која владее духот на законите – не.

Книгата што одамна ја прочитав за Отоманското Царство, инаку дел од македонско-албанската автократска традиција, имаше една застрашувачка поента: речиси и да нема султан во историјата на царството кој не завршил со свилен гајтан околу вратот или со нож во грбот, за веднаш по неговото убиство, да почне жестока пресметка меѓу кандидатите кој ќе биде следниот!


Гифови: Kajetan Obarski
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото