Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (1)

30.01.2020 14:47
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (1)

  За овогодинешната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности што ја доделува Фондацијата во соработка со Град Скопје, а под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД, се пријавија вкупно 38 романи.

Жири-комисијата во состав Николина Андова Шопова (претседателка), Милован Стефановски (писател), Весна Мојсова Чепишевска (професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“), Славе Ѓорѓо Димовски (писател) и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“) ќе го соопшти името на лауреатот најдоцна до 15 март, додека свеченото врачување на наградата ќе се случи во првата половина од април.

 

Во текот на следниов месец „Окно“ ќе објавува извадоци од пристигнатите романи.

Следуваат првите два извадоци, од романот „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков во издание на „Или-или“ и од романот „19.“ од Верица Ацеска во издание на „Прозарт медиа“.

„Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков, „Или -Или“

„Зошто повторно би се правел записник за место на живеење на лице кое одамна е починато?“, гласно изговорив.

„Веројатно е некаква грешка“, подвиткувајќи ја долната усна ми одговори татко ми. „Туку, прочитај ја ‘Службената белешка‘. Се чини дека ни по издржувањето на казната, тате немал мир. Повторно бил следен и за него се прибирале податоци“.

Не чекав двапати да ми каже. Белешката е од 21.06.1966 година од ОВР - Куманово.

„Извор:Миленковски Лазаров Цветко, отчукано во три примероци“, прочитав гласно.

„Еве кој е кодошот!Еве го ‘бучалото‘ на ревидираните!Еве ти го системот во кој веруваше!“, му се обратив дрско на татко ми. „Систем заснован на кодоши!“

„Тогаш не сум ги знаел овие работи, сум бил млад, неискусен“.

„Зошто во ниту еден момент не си го прашал дедо што се случува? Каде згрешил и дали воопшто згрешил?Зар не сакаше да знаеш?

„Тогаш не.Бев на Академија, па потоа во служба. А претходно знам само дека кога доаѓаше Тито во Куманово,ревидираните беа во домашен притвор чувани од Управата за државна безбедност. Знам дека сега е премногу доцна, дури и да се покајам.“

Повторно му се насолзија очите.

„Предмет: Истапи на ИБ линија на Младеновски Киро“, почнав да читам гласно. Белешката е потпишана од Бедиу Хаки.

„На ден 21. 06. 1966 година обавив разговор со Миленковски Цветко, по занимање кондураџија, приватен, инаку пензионер, и покрај другото изнесе дека неколкупати се сретнал со Младеновски Киро, пензионер, и во разговорот со него, Киро реагирал против денешното општествено управување, а особено против тоа што биле затворани по ИБ. Од неговите дискусии тој го оправдува ставот на РИБ, велејќи дека денес нашата власт поддржува полно ставови на РИБ, само што директно не се споменува РИБ. Во врска со ова рекол: ‘Да му е... мајката, ние едно време страдавме кога сакавме да и кажеме на оваа власт дека не е во право, а тие нас сите не затворија, протераа и не испратија на Гргур. Тогаш бевме лоши затоа што бевме за Русија, сакавме да имаме добри односи, но тоа скапо го плативме. А ете денес, мајката да им ја е..., не само што имаат добри односи туку и голема меѓусебна доверба, се прегрнуваат... а ние за ова страдавме‘. Според зборовите на изворот, Киро вака честопати истапувал, ја пцуел власта, сметајќи дека бил неправедно во затвор и дека се борел меѓу Југославија и СССР да има добри односи како што сега се воспоставени.

Наводите во службената белешка ги земам за точни. Киро е поранешен приврзаник на РИБ. Истиот повремено истапува по истата линија. На изворот му се поставени следни задачи повторно, поопширно да разговара со него околу нашите односи со СССР и други социјалистички земји, како и за Комунистичката партија на Кина.“

„19.“, Верица Ацеска, „Прозарт медиа“

Не многу долго време откако за прв пат ги видов „пеперутките“, јас повторно станав зависник. Многу лесно станувам зависник од различни нешта, поради тоа што никогаш не знам да бидам умерена. Или сум зависник или сум на одвикнување... средина нема. Сета среќа што никогаш не пробав дрога. Од најмала возраст станав зависник од инаетот.Бев дете кое секогаш им се спротивставуваше на своите родители не за да се избори за своите права, затоа што сите ми беа признати,туку за да ги наметне сопствените правила на игра. Однесувајќи се така, нормално, наидов на бурна реакција од страна на моите родители, затоа што децата не смеат да ги водат родителите, туку тоа треба да биде обратно.Колку повеќе правила ми поставуваа, толку повеќе јас ги кршев. Како тинејџерка бев многу проблематична. Бев одличен ученик, но седењето на часови го сметав за губење време и никако не можев да се помирам со начинот на образование кој претпоставуваше следење на наставата, па потоа испрашување. Се водев од помислата дека тоа време што го поминувам на училиште, јас ќе го потрошам во учење на материјалот и потоа тоа знаење само ќе го покажам пред професорите. И никој не можеше да ме убеди во спротивното. Кога татко ми ми рече дека јас би била одличен раководител и менаџер - јас реков дека ќе студирам јазици. Кога мајка ми ми рече дека, сепак, повеќе ќе се пронајдам како математичар - изјавив дека ќе студирам глума. На крајот, за инает се запишав на медицина. Мојата прва година таму заврши неславно само поради тоа што се бараше редовност.Другата година запишав економија и факултетот го завршив, студирајќи вонредно. И, навистина, излегов добар менаџер.Тогаш решив да се одвикнам од инаетот. Не ми одеше лесно, но како што созревав барем успевав да го контролирам. Потоа станав зависник од љубов, и тоа за првпат со Него. Не можев да го замислам денот без Него, не знаев да си го организирам времето ако Тој беше зафатен, не одев никаде, зашто сметав на случајноста Тој да се ослободи од обврските, па да одиме некаде заедно. Од страв да не го изгубам, јас го изгубив сопственото достоинство, сопственото хоби и, на крајот, себеси. Од онаа што Тој ја запозна во почетокот, не остана ниту трага. Не можам да го обвинувам, Тој ме сакаше мене таква каква што ме запозна, а не таква во каква што јас подоцна се претворив.Губејќи го Него, јас не можев да се соочам со реалноста и станав зависник од храна. Постојано јадев. Кога гледав како моето тело започна да се деформира, ме фаќаше паника и во еден момент решив да не јадам толку. Тогаш не јадев ништо. Го започнував денот со чаша вода и го завршував на ист начин. Во текот на таа една година или се прегладнував или се прејадував. Депресијата често ја поврзуваат со тоа, па си реков дека кога ќе излезам од таквата состојба ќе ми се среди и односот кон храната. Со судни маки успеав да го направам тоа.

Кога имав четиринаесет години сите мои другари веќе пушеа, а јас за инает не ставав цигара во уста. Додека наполнивме шеснаесет, сите престанаа, а јас започнав да пушам. Кaкo и секој пушач, секогаш наоѓав оправдување зошто не можам да престанам. Кога ќе ми дојдеше фазата на одвикнување, насекаде трубев дека ја открив магичната формула за престанување со пушење и сите мораа да ме слушаат.Имав неколку кратки прекини по кои следуваа новите фази на повторно станување зависник од цигари и новите образложенија зошто морам да пушам.  

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото