ЕУ река (25): Против верскиот прогон

30.01.2020 20:54
ЕУ река (25): Против верскиот прогон

ПРОТИВ ВЕРСКИОТ ПРОГОН

Просветителите биле сложни во осудата на верскиот прогон. Во своите повици на толеранција, Волтер зборувал во име на просветителството:

Јасно е дека секој поединец кој прогонува некој човек, свој брат, оти не размислува исто - е чудовиште. Од сите религии, несомнено христијаните треба да влеваат поголема трпеливост, иако од сите луѓе досега најнетолерантни се покажаа христијаните.

И се заколнал:

Никогаш нема да престанам... да проповедам трпеливост со сиот глас.. сѐ додека не исчезне прогонот. Прогресот на разумот е бавен, корените на предрасудите се длабоки. Несомнено никогаш нема да ги видам плодовите од своите настојувања, но тие се семе кое еден ден може да изрти.

Просветителите го напаѓале христијанството и зашто тоа ја сметало човечката природа за изопачена, а луѓето без божја поткрепа за бесмопомошни суштества; зашто се фокусирало на небото на сметка на човечката среќа на земјата; зашто ги поддржувало фанатизмот и прогонот; и зашто спречувало стекнување корисно знаење преку прокламирање повисок авторитет наспроти догмите и откровенијата.

Свештениците и тираните ги држеле луѓето покорни, исплашени и збунети со религијата - заклучиле просветителите. За да се воспостави просветено општество, мора да се скрши силата на свештенството, христијанските догми мора да се отфрлат, а верскиот фанатизам кој ги предизвикал крстоносните ужаси, инквизицијата и верските војни треба да се исчисти од европската душа.

Просветителите се согласувале со презирот на Волтер за христијанската догма, фанатизмот и институциите наведени како примери во неговиот борбен извик против Римокатоличката црква: „Ecrasez l'infame!“ („Уништете ја бесрамницата!“) Тие раскинале со христијанското минато, иако ги задржале основните елементи на христијанскиот морал.

 

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото