Германците се обидуваат да ги спасат шумите

31.01.2020 00:21
Германците се обидуваат да ги спасат шумите

Околу еден куп стебла од брези, со листовите на една и корењата на друга страна се собраа волонтери. Земаа едно по едно стебло и ги носеа низ снегот кој беше прекриен со гранки во потрага по дупки ископани во црната земја на периферијата на Националниот парк Харц во Германија.

„Добро покријте ги со земја и внимавајте да не останат џебови со воздух под корењата“, рече Олаф Егерт, ренџер одговорен за овој дел од шумата.

Во Германија во последните неколку години изумреа повеќе од 180 000 хектари шума, според податоците на владата. Германците се загрижени за опстанокот на нивните шуми, национално богатство кое го сметаат за дел од својот идентитет. Затоа прават сѐ што можат за да помогнат.

Ренџерите велат дека од основањето на Националниот парк Харц постојано повикувале волонтери да садат нови дрвја, но дека сега не им е потребна никаква кампања.

„Имаме многу барања од луѓе кои имаат потреба некако да ѝ помогнат на шумата“, вели Егерт.

Во последните недели од есенската сезона за садење, студенти, работници од фабриките и членови на спортските клубови се појавуваа во толку голем број што се случуваше да нема доволно садници.

Во осумдесеттите, стравот дека германските шуми ќе изумрат доведе до масовни протести. Законите кои предвидуваат намалување на емисијата штетни гасови навремено доведоа до подобрување. Сега на шумите им се закануваат сѐ повисоките температури предизвикани од климатските промени.

Сушата во 2018 година по која следеше уште едно исклучително сушно лето во 2019, ги направи стеблата поранливи и подложни на инсекти кои ги убиваат дрвјата.

Дополнителна опасност претставува ослабениот диверзитет на видовите во германските шуми, бидејќи прастарите шуми се исчистени пред стотици години и се заменети со борова шума која е помалку отпорна.

Шумите имаат посебно место во колективната свест на Германците, уште од германските племиња кои се поклонувале пред дабовите кои ја прекривале нивната земја. Германските романтичари од 19 век ја оживеале претставата за шумите како митски места кои може да претставуваат опасност, како во „Црвенкапа“, или да понудат засолниште и заштита, како во „Снежана“.

Кај Германците индустријализацијата ги позиционирала шумите како извор на богатство со кое може да се управува.

Како одговор на тоа се родиле конзервационизмот и обидите за повторно пошумување на соголените паркови.

Ренџерите проценуваат дека околу Ширке во 2019 година се засадени 80 000 нови стебла.

Подлабоко во шумата, природата е оставена самата да регенерира, и покрај грижата дека мртвите стебла кои нема да се отстранат би можеле да доведат до ширење инфекции кај дрвјата.

Научниците сега се обидуваат да откријат кои видови ќе бидат поотпорни на сѐ повисоките температури, а пошумувањето е само дел од иницијативата тешка 889 милиони долари која ја одобри владата минатата година со цел да се сочуваат шумите.

Фотографии: Lena Mucha

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото