1028 hPa
67 %
12 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 17:59
По само пет дена, Франческо и Паола добија илузија дека ги имаат видено сите чуда и чудесии во единствениот град на два континенти. На појадокот во хотелчето со поглед на Сината џамија решија да ги штиклираат на мапата местата што планирале да ги посетат и брзо заклучуваат дека веќе виделе сè (барем фотографирале сè), ама им остануваат уште два дена.
– Ајде да одиме во делфинариумот што го рекламираа кога крстаревме по Босфор – предлага Паола и фрла полуисцедена црна маслинка в уста, која ја натопува со силен црн чај.
– Ти се гледаат делфини?
– Да, ми се гледаат, а можеме и да пливаме со нив.
– Ама не е баш евтино тоа задоволство! – вели Франческо загледан во екранот од таблетот.
– Ај не тупи, како јас не зуцнав вчера што пола ден утепавме во Топкапи за да ги гледаш жезлата и азната на султаните, а и копјата на јаничарите? Ај сега и ти потроши пола ден од животот да ми направиш ќеф.
– Бене, бене, бене, кара! – неволно вели Франческо и оди кај рецепционерот Аднан за да се распраша за најлесниот пат до делфинариумот.
По само два часа Паола и Франческо се облечени во црни тесни нуркачки гумени одела. Паола му вели дека, вака облечен, Франческо личи на делфин, а тој ја погалува по рамото најнежно дотогаш.
Додека чекаат ред во поворката туристи подготвени да платат многу за неколкуминутно пливање со делфините, слушаат едно дете кое на цел глас вреска: „Дениз, Дениз, го сакам Дениз, не, некој друг делфин! Дениз! Дениз, само Дениз!“
– А што е со Дениз, кој е Дениз? – Паола го прашува Булент, младич кој личи на подвижна скулптура на антички атлет, одговорен за нивната група пливачи.
– Долга приказна, а и многу тажна! – ја спушта главата одненадеж натежениот Булент.
– А може да ни ја раскажете во скратена верзија, додека чекаме да дојде на ред нашата група? – вели еден крупен црнец натнат во црвенонуркачко одело.
– Ако треба, ќе ви доплатиме! – предлага една дама со маска за нуркање на лицето.
– Дениз беше најубавиот делфин, највисоко скокаше, најумешно ги прифаќаше сите наши гости, убедливо беше најдобро истрениран. Сите го обожаваа, од дете до старец!
– А што се случи со него? – прашува Паола.
– Беше многу приврзан за Филиз, која го подучуваше, го дресираше и го хранеше. Кога таа ќе се појавеше покрај базенот, Дениз можеше да скокне до таванот. Толку многу ѝ се радуваше!
– А што се случи со Филиз? – прашува дамата со маска.
– Е баш тука почнува тажната приказна! Филиз беше верена за Менсур, кој почна да му љубомори на Дениз.
– Да му љубомори на делфин? – прашува црнецот.
– Да, почна да ѝ префрла на Филиз дека мисли само на Дениз, дека само за него зборува, дека веројатно и го сонува ноќе кога ја дели постелата со него. Еден ден Филиз даде оставка, насолзена го погали Дениз и замина за Адана. Менсур купил огромна куќа таму само за да ја оддели Филиз од Дениз.
– Па, ова е како турска серија! – коментира некој од крајот на поворката.
– И што се случи потоа со Дениз? – прашува Франческо.
– Престана да скока, да плива, дури и престана да јаде, да дише...
– А со Филиз? – прашува Паола.
– Можеби нема да ми верувате, ама таа умрела во истиот миг кога и Дениз. Баш во истиот миг. Како некој одеднаш да ги прободел. И двајцата во ист миг. Со оние големине копја изложени во Топкапи.
Слики: The Royal Art Lodge
Извор: Владимир Мартиновски, ЗООСТОРИИ (Бегемот, 2019)