Медиум на друм (36): За важноста на културните норми

31.01.2020 21:22
Медиум на друм (36): За важноста на културните норми

ТЕОРИЈА НА КУЛТУРНИТЕ НОРМИ

„Вртлозите и струите на несогласувања што постојат во мнението на народот, речиси воопшто не се присутни во медиумското толкување на светот“ (Вестергор, 1977).

Од шеесеттите наваму дошло до враќање на концептот на моќниот и влијателен медиум и до поместување на средиштето на внимание од краткорочните влијанија кон оние долгорочните, кои ги одредуваат границите и програмата на политичките дебати. Идејата дека медиумите влијаат врз нашите гледишта на општествената реалност со селективно прикажување и нагласување на информациите се нарекува „теорија на културните норми“.

Во тесна врска со теоријата за културни норми е процесот на „одредување на програмата“ каде границите или карактеристичните точки се дебатите поставени така да служат на интересите на владејачките групи во оштеството. Може накусо да се прикажат и други ставови, но тие се, во однос на претпоставеното „општо согласување“, обично претставени како периферни и често во негативно светло. Овој тип на известување Ролан Барт го нарекува „вакцинирање“ бидејќи се дозволува мала доза на „болеста“ (која му се заканува на постојниот поредок) да се „вметне на начин кој би осигурал дека општественото тело ќе зајакне, а не да биде загрозено со спротивноста која постои помеѓу постојниот поредок и оној радикалниот“ (Фиск, 1987).

Оттаму ретко се дозволува демонстрантите против изградбата на нови патишта во потполност да ги објаснат своите ставови што се косат со владината политика. Наместо тоа, нив и нивните идеи телевизиските репортажи ги прикажуваат само во директен судир со полицијата, судските извршители или работниците на патот. Исто така, и темата на борбата за „права на животните“ накратко се прикажува дури кога активистите ќе ги прекршат правилата или ќе ја „згрозат“ јавноста со тоа што директно ќе им се заканат на истражувачките лаборатории кои работат со животни.

Иако изградбата на патишта и експериментирање со животните (како и атомската енергија и другите видови „еколошки прашања“) се соочуваат со значајно противење од јавноста, речиси никогаш не се организираат расправи на овие теми помеѓу активистите и угледните политичари во „соодветниот“ простор на телевизиските студија.

Некои критичари тврдат дека токму поради неизвестувањето на медиумите овие групи прибегнуваат кон подиректни видови на судири со цел да привлечат внимание или признание за својата идеја. Во ова смисла, за телевизијата конечно може да се рече дека нуди „кислород на публицитет“ и за тероризмот.

Избор: Никола Гелевски

Гиф: Александар Јосифовски

Вез: НЕПРАКТИЧНЕ ЖЕНЕ (Бригита Меѓо и Владан Николиќ)

Превод: Фросина Крушкаровска

Извор: David McQueen, Television, 1998.

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото