Моја Европа: „Дилот“ на Трамп на Балканот

01.02.2020 13:19
Моја Европа: „Дилот“ на Трамп на Балканот

Извор: Дојче веле

Русите доаѓаат?! Ова беше најчестото очекување откако Европската унија во регионот минатата есен со нејзиното „не“ за пристапните преговори за балканските земји Албанија и Северна Македонија се откажа од својот најважен лост во регионот, перспективата за пристапување. Кој би ја пополнил празнината која ја оставија Европејците? Некои се обложуваа на Кина. Зарем Кинезите со своите напори економски и политички да се етаблираат во Европа, веќе со години не покажуваат интерес за Балканот? Како таен фаворит важи Турција, новата регионална моќ. Но во суштина, местото на Европејците го презема една сила на која ретко кој сметаше: САД.

Во изминатите неколку месеци Вашингтон назначи дури двајца специјални претставници за регионот за кој, всушност, долго време го имаше загубено интересот. Сега измачениот Балкан е поле за делување на надворешната политика на Трамп. Според неговата доктрина, американскиот претседател сака да постигне „дилови“ насекаде во светот: во секој конфликт во светот, главните играчи во конфликтот, „силни луѓе“ налик на него, треба да се договорат за т.н. решенија. Не треба да се земаат предвид меѓународните правила, договори, меѓународното право или интересите на трети страни. Стратегијата на Трамп досега не ожнеа успех никаде во светот. Балканот, така барем ѝ се чини на Белата куќа, би бил добредојден полигон за вежбање: актерите таму се слаби и имаат огромна почит кон Америка.

Штотуку назначен, специјалниот прратеник на Трамп и американски амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, започна со продорна дипломатија: На Косово, би требало „силен човек“ по образецот на Трамп, значи претседателот Хашим Тачи, повторно да је преземе контролата над работите. Фактот дека неговата партија беше казнета на изборите во минатиот октомври, и оти самиот Тачи стана омразен лик кај голем дел од населението, не ѝ наштетува на поддршката која ја има од Белата куќа.

Дали САД на Косово ќе постигнат успех со ваквата стратегија, ќе биде одлучено во понеделник, кога победникот на изборите на Косово пред четири месеци, левичарскиот популист Албин Курти, треба да се соочи со парламентот. Американците не го сакаат и наместо тоа работат на создавање шарена, несигурна коалиција против која Тачи би имал лесна задача. Косовците веќе се навикнати на тоа странските амбасадори да одлучуваат кој ќе влезе во косовската влада, а кој не. Од 45 проценти кои сè уште излегуваат на гласање, една добра третина од нив го прави тоа само за да си го осигура работното место: ако партијата на која треба да сте ѝ благодарни за вработувањето загуби, ќе со снема и работното место.

Косово и Србија треба да разменат области, албанско население во Србија за српското население на Косово. Тоа е „дилот“ што Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ би сакале да го постигнат. Но само на прв поглед размената на територија би била решение за сѐ уште отвореното косовско прашање. Сите искуства со создавање „чисти“ решенија на Балканот застрашуваат: кога нивното население е доволно етнички „чисто“ и авторитарните лидери од обете страни не треба веќе да ги земат предвид малцинствата, нивните права и пред сè нивните заштитнички сили тогаш може да се чувствуваaт како господари во сопствениот дом и да прават што сакаат.

Во Косово, аверзијата кон договорот и воопшто кон авторитарните, корумпирани лидери и кон странското старателство е значителна. Но, оправдано е сомневањето дека оваа аверзија е доволна за да им се одолее на искушенијата и заканите од Вашингтон. Дури и ако бунтовниот Курти стане шеф на владата против волјата на САД, притисокот од Вашингтон ќе продолжи. Економски доминантните Европејци не се никаква помош. Дури и европски достоинственици од сите партии одеднаш почнаа да мислат дека можат да напишат историја и беа првите кои на големата сцена го изнесоа фаталниот „дил“ за размена на територии помеѓу силните луѓе, Тачи и Вучиќ: либералниот претседател од Франција, зелениот претседател од Австрија, конзервативниот шеф на Комисијата на ЕУ од Луксембург, пред сè, социјалдемократската шефица за надворешна политика на ЕУ од Италија - на ужасеност на Германците и на Британците, но и на нивните сопствени дипломати и сите што го познаваат регионот.

Европа на Балканот повторно потфрли и повторно Американците се оние кои настапуваат во настанатиот вакуум - како веќе еднаш за време на војната во Босна и Херцеговина и веќе двапати на Косово. Ова не е добра вест ако ги погледнете резултатите: БиХ е сè уште поделена, Србија е несигурен кандидат и жонглира со Европа, Путин и сите кои сакаат да имаат влијание на Балканот.

Косово е протекторат на сили кои меѓусебе не се поднесуваат. Интересот од кој се водени САД во актуелниов случај предизвикува уште полоши стравувања: претседателот е во потрага по евтин триумф во надворешната политика во изборната година и патем ја искористи можноста уште повеќе да ја ослабне ЕУ, која ја презира. Од кажаното „не“ до следниот чекор за проширувањето кон исток, формулиран од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, Европејците и без тоа немоќно стојат на маргините. Без разлика дали ќе продолжуваат да се расправаат или не, тоа за Балканот веќе не е релевантно.

Инсталации/скулптури: Matthieu Lavanchy

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото