Последната лондонска магла

01.02.2020 15:33
Последната лондонска магла

Приказ на книгата од Кристина Кортон (Christine Corton)„London Fog: The Biography“, Belknap Press/ Harvard University Press, 2015.

Малиот паб „Мидлтон армс“ е уште тука и пред него е пешачкиот премин во улицата Каконбери. Таа вечер на почетокот на декември, 1962 година, излегов од пабот и збунет застанав кога зад мене се затвори вратата. Немаше премин, немаше семафор. Можев да ги препознаам влажните, сјајни плочки на тлото, но не можев да го видам работ на улицата. Зачекорив, слетав од тротоарот и се затетеравив на коловозот. Додека ги влечев нозете низ густото, жолто маглиште, одеднаш видов нешто што личеше на низа од семки од портокал, закачена над улицата. Продолжив да се движам во таа насока сè додека не се судрив со нешто широко и тврдо: голем објект, кој, како што се покажа, беше лондонски автобус, оставен на коловозот, напуштен од патниците и од возачот. Семките од портокал беа светлата од светилките на неговото прво ниво. Беше мирно, но не и безвучно. Како во некој расказ на Х.Џ. Велс во кој времето се успорило, а звуците се дезинтегрирале. Некаде се слушна мотор од автомомобил. Оддалечен звук на свирка на камион на пат кон Шордич. Се огласи испрекинат звук на аларм. Се слушнаа удари по земја на бастун, кои можеа да бидат блиску или далеку, потоа неколку чекори и тогаш ништо.

Тоа беше последната лондонска магла. Децата во Боу морале да преспијат во училниците. Илјадници напуштени автомобили ја блокираа северната обиколница. Војвотката од Кент не успеала да полета од Станстед; премиерот не можел да отиде на вечера во хотелот Савој. Еден мајмун се изгубил во улицата Оксфорд, а една птица-нуркач, која се обидувала да мигрира, иако не ја гледала ни земјата ни ѕвездите – присилно се спуштила во улицата Риџент. Во Ричмонд еден велосипедист паднал во реката. Започна бран на грабежи.

На маглата ѝ беше припишана вината за 750 мртви, што не е многу во споредба со претпоследната „Голема магла“, десет години пред оваа, за која се смета дека убила над 4000 луѓе. Но „маглата убиец“ предизвикала многу поголемо јавно негодување од својата претходничка во 1952-та година, пред сè заради зголеменото количество на сумпордиоксид. Весниците грмеа дека таа не смеела да се случи: зарем законот за чист воздух не е насила од 1956 година? Тоа јавно повикување и подоброто спроведување на мерките за контрола на чадот и за зоните без чад се заслужни што таа магла од 1962 година беше последната класична лондонска магла. Од втората половина на 60-тите години на минатиот век, смогот од јагленоводородот од автомобилите стана главна закана за лондонските бели дробови. „Лондонскиот специјалитет“, „чорбата од сув грашок“, која толку векови била бренд на градот, веќе не била видена, а како што кажуваат логиката и науката – никогаш ниту ќе биде видена. Но, тоа го мислевме и пред 1962-та година.

Извонредната книга на Кристин Кортон истражува три прашања: како луѓето ја објаснувале лондонската магла; што преземале во врска со неа; и како таа станала толку огромен, речиси неисцрпен извор на култура и метафори. Подложноста на магли, во крајна линија, има врска со местоположбата на Лондон во речен басен и со брда, северно од градот, кои оневозможуваат струење на воздухот. Атмосферата се згуснувала во време на кралската лоза Тјудори, кога кралицата Елизабета рекла дека „многу ја натажуваат и ја вознемируваат вкусот и чадот од јагленот“. И тогаш во 17-от век, вината се барала кај индустријата и се обвинувал чадот од согорувањето на дрва во процесот на печењето на варовникот и јаглеродниот чад од пиварите, пекарниците и топилниците за стакло. Во својата расправа „Зачаденоста или непријатноста на лондонскиот воздух и чад“ (1661), Џон Евелин ја отфрла идејата дека семејните огништа се виновни за непријатната појава, што во тоа време веројатно било точно.

Евелин пишувал за „облаци чад и сумпор, полни со смрдеа и темнина“ и забележал дека загадениот воздух „на сè што ќе допре остава премаз од чад сличен на крзно“. Тој Лондон и јас го затекнав кога во текот на Втората светска војна, видов град со црни храмови чиишто столбови и лакови беа обвиткани во сомотен омот од смог (Можат ли помладите од 50 години, кои го виделе само нагиздениот центар на градот, да го замислат тој призор?). Предлогот на Евелин бил сите дејности поврзани со чадот да се преместат од Лондон и градот да се опкружи со миризливи растенија. Ништо не било сторено. Но со обвинувањето на фабриките почнало надмудрудувањето помеѓу индустриското лоби и оние кои зборувале за сè поголемата опасност за здравјето на граѓаните и нормалниот градски живот, и на таа игра се попусто потрошени 400 години. Особено во викторијанските и едвардијанските години, политичарите на сите можни начини се обидувале да ја избегнат дури и самата помисла на тоа дека лондонската магла, повеќе отколку оџаците на фабриките, ја произведува согорувањето на јагленот во домовите на граѓаните – значи самото свето семејно огниште. Како што во 1822 година напишал еден новинар, на секој предлог за контрола на чадот, би се спротивставиле „чадобранителските“ пратеници во интерес на индустријата и кога и да настапела пауза во работата на парламентот „повторно ќе западневме во својот исконски чад“.

На крајот на 18-от и почетокот на 19-от век, Лондон веќе бил нарекуван „Чад“ и маглите биле сè почести и погусти. Нивната боја станала потемна, преоѓала од сумпорножолта во кафеава, па дури и црна боја, како што се згуснувал товарот на честичките гареж. Законот со кој се налагало сопствениците на парните машини да преземат нешто – немал никакво дејство. Парламентот се свртел кон помалиот извор на загадување, но, бидејќи англиските шуми главно биле раскрчени, растечкиот број на населението во Лондон, за греење и готвење немало ништо друго освен јаглен.
Со температурните инверзии, кога горниот слој на потопол воздух го спречувал постудениот, загаден воздух кој е поблиску до тлото да се распрши, настанувале такви магли што денот речиси не се разликувал од ноќта затоа што содржината на чадот во лондонскиот воздух бил сè поголем. Жителите на Лондон се навикнале по маглата да ја перат облеката на која се таложеле масни наслаги на гареж и сметале дека е сосема нормално да го искашлуваат овој црн секрет. Повеќе од сто години подоцна, идниот политичар Крис Прајор ја симнал маската што му ја дала мајка му за време на маглата од 1952 година и видел дека е обложена со кафеава смолеста маса што личела на „мармајт“ (намаз од пивски квасец). Во педесеттите години кога работев во Манчестер, ни таму воопшто не беше подобро – навикнав на црните дамки на моето шамивче.

Во времето на романтизмот маглата била предмет на подбив, но и величање. Во „Дон Жуан“, Бајрон вака ја опишувал престолнината: „џиновска сивокафена купола налик на круна од картон на главата на дворски шут – тоа е градот Лондон“. Книжевните описи станале пријатна должност на сите писатели кои доаѓале да го посетат главниот град, исто како и драматичните цртежи со перо на кои била прикажувана катедралата на Св. Павле која се издигнува над облаци од чад. Во триесеттите години на 19-от век, овде се родила омилената и постојано повторувана тема (непобедената Англија што се издига над црните облаци) која достигна врв на една слика од 1940 година: куполата на „Св Павле“ се појавува од оганот и чадот на вртлогот на војната.

Имињата на маглата еволуирале во текот на 19-от век. „Чорба од сув грашок“ понекогаш му се припишува на Мелвил. Тој во 1850 година пишувал дека ја запознал „вистинската лондонска магла налик на чорба од сув грашок – матна, со темножолта боја“. Но од ова може да се заклучи дека тој израз веќе наголемо бил во употреба. (Кортон која е склона кон прилично симпатични напади на педантерија овде се впушта во расправа за видовите на сув грашок, подготвувањето на чорбата и исхраната на сиромашните во викторијанско време. Исто така, таа спомнува дека густата жолта магла имала препознатлив вкус и дека некои жители и гости во Лондон, импресионирани од темножолтиот пудинг од грашок, си поигрувале со идејата дека маглата, всушност, е хранлива). Нејзино друго име било „лондонски бршлен“. Во 1904 година, зборот „смог“ го исковал Хенри де Ве, кој водел кампања против чадот, а дури подоцна овој збор почнал да го означува хемиското загадување на воздухот предизвикано од сообраќајот. Од друга страна, „лондонскиот специјалитет“ има многу подолга историја. Се смета дека го смислил Чарлс Дикенс во написот за условите за живот во Спитофилдс, дел од источен Лондон, каде го цитирал еден работник што се жалел дека „црниот лондонски специјалитет“ остава дамки на ткаенините. Дикенс тој израз повторно го употребил во „Проклета куќа“. Меѓутоа, Кортон го пронашла во придружниот текст на една карикатура на Мајкл Игертон (нејзиниот избор на илустрации на лондонската магла, од Крикшенк до Дејвид Лангдон, е интересен и информативен).

Кортон му се восхитува на мајсторството на Дикенс во „користењето на маглата како проширена метафора“. Се разбира, ниедна магла во литературата не може да се мери со онаа од воведот во „Проклета куќа“: „Магла насекаде. Магла спротиводно, каде тече меѓу зелените островчиња и ливади, магла низводно, каде извалкана се тркала меѓу контејнерите со стока на пристаништето и загадениот брег на големиот (и валкан) град“. На крајот, маглата го обвиткува Високиот суд на лордот канцелар „најзаразниот меѓу ноторните грешници“. Метафората на Дикенс го надраснува загадениот град. За него, маглата е метафора на крајот на светот, тешката сиромаштија, незаслужените болести, неприродноста на градовите и индустриите, неизлечивата ароганција и глупост.

Кортон обрнува внимание и на една особено морничава употреба на оваа метафора: маглата како силувач и убиец. Во „Нашиот заеднички пријател“, Дикенс опишуваше: заплаканата газиена ламба на прозорецот на сметководството и провалничкиот прамен магла кој се прикрадува низ клучалката на влезната врата за да ја задави“. Дикенс ја користел маглата како средство на одмазда, како метафора за распад на поединецот, како општа неодреденост во која се случуваат преобразби. Се чини дека нема нешто што тој човек не можел да направи со таа појава, која, како што се жали Гапи во „Проклета куќа“ „остава дамки како ималин“.

Маглата го достигнала врвот во 80-тите години на 19-от век. Градската популација нагло растела од 1840 година и веќе во 1880 година, во градот имало три и пол огништа во кои се горел евтин јаглен. Често огнот се одржувал во текот на целата ноќ со додавање голема количина на јаглена прашина која произведувала густи облаци чад. Во 1862 година, потрошувачката на јаглен во Лондон изнесувала пет и за 20 години пораснала на 11 милиони тони. За време на маглата во 1879 година, смртноста пораснала за 200 отсто, а во 1886 година, се проценува дека од бронхитис умирале по 700 луѓе неделно, во сè почестите периоди на магла. Од 1881 до 1885 година, Лондон во просек имал 55 магливи денови годишно, а од 1886 до 1890 година, нивниот број се зголемил на 63.

Таа статистика на смртност предизвикала нов бран предупредувања, од „British Medical Journal“ до многу популарниот памфлет за лондонската магла на Роло Расел, син на поранешен премиер. Исто така, таа ја поттикнувала имагинацијата. Во овој период маглата го симболизирала распадот на општеството и крахот на човечноста и цивилизираниот поредок. Маглата од 1886 година се совпаднала со вистински наплив на грабежи, каменувањето на клубовите на Вест Енд и немирите на Трафалгар сквер и во други делови на Лондон. Имало сомнежи дека „момчињата за врска“, кои со факели во рацете ги воделе кочиите и пешаците низ маглата, ги намамуваат своите муштерии во разбојнички заседи. Познавачите почнале да зборуваат за моралното и телесното пропаѓање на сиромашните како последица на лошото здравје, кое делумно е последица на загадениот воздух.

Писателите се заинтересирале за чувствата на младите, ранливи жени кои сами скитаат низ темницата. Во „Портрет на една дама“, Хенри Џејмс ја испраќа Изабел Арчер, сама без никаква придружба, храбро да чекори од Јустон до Пикадили низ „густиот, темен воздух“. Меѓутоа, Кортон сугерира дека маглата „метафорично го претставува недостатокот на светлина во нејзиниот живот, темнината на нејзината емоционална иднина“. Ни првпат, ниту последен пат во оваа книга, авторката со многу смели толкувања прави сопствена чорба од сув грашок. Во „Принцезата Казамасима“, таа наоѓа две жени кои „се заробени во маглата на лажната идеологија и лажните морални вредности“. Џејмс признавал дека маглата го фасцинира. Таа за него значела дека Лондон „уште се одликува со својата чудовишност“ и му се чинело дека таа на некој начин ги штити луѓето така што укинува секаква претстава за времето, па дури и за годишното време.

Кортон собрала неверојатна збирка на фикција во која маглата игра важна улога. Открила цела полица заборавени романи од серијата „Лошата судбина на Лондон“ во кои гинат илјадници, па и милиони луѓе затоа што се распаѓа поредокот и ѕверскиот неморал извира од маглата во загушливите сиротински квартови. Речиси во целата таа литература, и онаа квалитетната и онаа евтината, во средиштето на заплетот е судбината на жените во маглата. Некогаш ги силува банда, а некогаш – особено по вајтчепелските убиства – бидуваат исечени и задавени. Но понекогаш завесата од магла на жената ѝ подарува момент на слобода во кој може да побегне од улогата што ѝ е доделена (префинет пример е расказот „Љубов во магла“ од Хестер Оукли: непрепознаената принцеза стапува во врска со непознат кој ја спасува на улица). Хенри Џ. Велс во романо „Љубовта и господин Лушам“ (1899) опишува како маглата го претвора „секој метар на плочникот во приватна соба“: „човек можел да направи илјада бесрамни, важни работи кои барале различни степени на притисок и милување на малата рака“.

Во таа школа на фикција, на мажот му се дава уште поголема моќ. За жените, лондонската магла била закана зашто ја зголемувала опасноста од машкото насилство, убиство и силување, пишува Кортон. Таа ги замаглувала општествените и моралните разлики, иако...обезбедувала и добредојдена анонимност за љубов и романтика, сепак носела опасности кои налагале присуство на машки заштитник. Во светот што маглата го вратила во природната состојба, или кој го вратила во праисторијата, силниот маж бил крал

Странските посетители на викторијанскиот Лондон ги пуштиле од синџир своите метафори: Иполит Тен: „Од оддалеченост од триесетина чекори, некоја куќа или параброд изгледаат како дамки од мастило на впивачот...по еден час одење, човек го обзема меланхолија и самоубиството му станува сосема разбирливо“. Натанјел Хоторн ја доживеал маглата како „авет на кал, одуховен медиум на починатата кал по која починатите граѓани на Лондон одат во пеколот“. Џејмс Вистлер дошол од Америка, Петербург и Париз да го наслика Ноктурно во сиво и златно, Пикадили (околу 1882), е најсмелиот пример на магллена уметност на 19-от век. Клод Моне работел во собата од хотелот Савој или во болницата Св. Тома и создал речиси стотина слики на маглата околу мостовите на Темза и вестминистерските кули. Најлошиот момент за него настапил еден ден кога станал и видел дека воздухот е сосема чист: „Се ужаснав кога видов дека нема магла, дури ни праменче магла; бев очаен...но тогаш малку по малку, како што се палеа огновите, чадот и маглата почнаа да се враќаат“. Тој вид на склоност кон чадот и замагленоста го навела Оскар Вајлд да забележи дека: „лондонските магли не постоеле додека не ги изислила уметноста. Сега, мора да се признае, маглите се дотерани до крајност и станаа обичен маниризам на една група“.

Џозеф Конрад разумно ја користел маглата кога пишувал за Лондон, но постигнувал убави резултати. Тајниот агент е втопен во маглата. Кортон сугерира, овојпат убедливо, дека „маглата означува на моралните перцепции и збрканост на идентитетите на Велок и Стиви“. Но нашата авторка е на потенок мраз кога ќе дојде до Конан Дојл и Шерлок Холмс. Во тие приказни маглата е насекаде, како што таа точно забележува, но претерано е да се каже дека маглата „може да ја претставува состојбата на умот на Холмс, пред конечно да разреши некоја мистерија“ или дека маглата „ја означува менталната состојба на Холмс во моментите кога не се решава некој случај“.

Но Кортон е уверлива кога вели дека на крајот на викторијанскиот век и на почетокот на следниот, начинот на кој маглата се користи во фикцијата добива нови елементи. Една нова нишка е националистичката, дури ксенофобична во годините кога Европа се приближува кон војна и Британија се натпреварува со Германија во поморското вооружување. Хју Овен во „Отровниот остров“ (1908), за истребувачката магла го обвинува увозот на евтин и штетен странски јаглен (штрајкот на нелојалните британски рудари ја уништил домашната индустрија); но Кралската морнарица успева да ги победи дивите бунтовници на Ист Енд и да ја исчисти Темза од отпадоците. „Тука маглата станал нешто туѓо што треба да го избрка со британска воена акција“, вели Кортон.

Таа воочува уште една промена, сè почесто е поврзувањето на лондонската магла со минатото. Во деценијата пред 1914 година, воздухот станал почист. Во текот на 80-тите и 90-тите години на 19-от век, градот во просек бил во магла 60 денови годишно; во 1900 година, тој број се намалил на дваесетина дена. Помеѓу останатото причините биле ширењето на шпоретите на плин, постепата замена на малите парни машини со електромотори, подобри печки во домаќинствата и казнувањето на незаконските загадувачи. Кога сепак ќе се појавела, маглата била побледа; ретко ја достигнувала црната боја на стариот специјалитет. Писателите кои посегале по метафората на чорбата од сув грашок, почнале своите приказни да ги поместуваат во минатото. Раните приказни за Шерлок Холмс наговестувале дека големиот детектив е модернизатор кој делува во сегашноста. Но кога Конан Дојл морал да го воскресне (откако го прогласил за умрен на водопадите на реката Рајхенбах), Холмс стамал фигура од старите времиња; неговите подвизи се пренесени во времето на маглата и плинското светло. Дејствието на „Авантурите на плановите Брус – Партнгтон“, приказна напишана во 1908 година се случува во 90-тите години на 19-от век. „Тајниот агент“ е напишана приближно во исто време но Конрад ја сместил во 80-тите години на минатиот век, а романот „Љубовта и господин Лушам“ со сите негови магли, Велс го поставил дваесетина години наназад во однос на 1899 година, кога бил објавен. Како што вели Кортон, култот на Дикенс со годините толку пораснал што просторот да се каже нешто оригинално за лондонската магла, жалосно се намалил.

Но маглата сепак не си заминала. По Првата светска војна, го нападнала градот со старата жестокост. Многу густа чорба од сув грашок го погодила Лондон во ноември 1921 година, а набрзо следеле „темни ѕидови“, еден во јануари 1922 година, а следниот во ноември следната зима. Во текот на периодите на магла во декември 1924 година, момчињата за врска повторно се појавиле на улиците на Лондон; овојпат со факаели го осветлувале патот на автомобилите. Во времето кога Т.С. Елиот во „Пуста земја“ ја евоцирал „темната магла во зимското изгрејсонце“, Одборот за истражување на атмосферското загадување инсистирал дека две третини од проблемите ги предизвикуваат домашните печки.

Со новите инструменти било забележано дека во магловите ден, грашаните на Лондон вдишуваат по 340 000 делчиња на гареж во секој кубен инч на воздухот. Лордот Њутн, најголемиот борец против јаглениот чад, тврдел дека „врз Лондон годишно паѓа најмалку 70 000 тони јагленов гареж“. Како проблемот повторно да се зголемил и по зачестеноста и по густината. Да не е тоа неизоставен дел од лондонскиот живот, нешто со кое треба да се биде горд? Во дваесеттите години на 20-от век, Х.В. Мортон напиша дека „странецот во својата прва магла наоѓа неброени возбуди; а граѓанинот на Лондон, колку и да ја мрази, не може да одрекне дека постои извесна детинеста радост во наенадејниот прекин на рутината, во тоа што другата улица се доживува како авантура и опасност“.

Науката почнала да доминира. Парламентот наоѓал безброј причини да ги одложи и заобиколи законите за намалување на чадот, но во средината на дваесеттите години, имало малкумина кои негирале дека домашните грејни тела се главен произведувач на маглата. Се водела битка околу правото на државата да ги нападне.

Лордот Банбери бил ужаснат од лордот Њутн: „Благородниот лорд вели дека не сака слугинката да ја носи кантата со јаглен, два или три ката. Тој вели дека треба да се воведе греење на гас. Јас секогаш сум верувал дека ова е слободна држава“. Постепено реформистите ги надвладеале конзервативците. Гасот и електричната енергија станале поевтини и полесни за употреба. Сепак, индустријата и јагленото лоби не се предавале; во декември 1926 година, била усвоена поблагата верзија на Законот за намалување на чадот, во него не се споменувале домашните печки. Но, Националното друштво за намалување на чадот не седело со скрстени раце, а му помогнало постојното преминување на плин (во 1938 година јагленот задоволувал помалку од половината потреби за гориво на домиќинставта).

Густите магли преживеале до триесеттите години на 20-от век. Младиот Ерик Хобсбом дошол во Лондон во 1933 година и во својот дневник го опишал Специјалитетот: „Еве ме во мојот свет чијшто пречник е десет метри. Надвор од него е белина што всисува“. Маглата се вратила на голема врата по Втората светска војна со застраѓувачка темнина во 1948 година, која траела неколку денови и ги парализирала бродовите и авионите. Потоа дошла џиновската, беспримерната магла од 4 декември 1952 година, која траела безмалку една недела и го стопирала транспортот, ги потемнела животните на саемот за стока во Смитфилд и однела помеѓу 4 и 6 илјади човечки животи.

Гневните јавни повици нешто да се преземе стануваат заглушувачки гласни. Харолд Макмилан, тогашен министер за домување, бил сосема затекнат: „Не можеме многу да направиме, но можеме да се преправаме дека работиме – а денес е тоа половина од битката“. Но одборите се состанувале, собирале докази и препорачувале и во 1956 година, конечно е донесен закон со кој биле прогласени зони без чад ширум Лондон (Манчестер ги имал веќе со години). И тоа би било сè за Лондон ако во декември, 1962 година не наидеше неочекуваната магла што ги гушела граѓаните со повеќе сумпордиоксид, но со помалку чад гареж отколку порано. Зоните без чад биле проширени во текот на 60-тите години и лондонската магла конечно била испратена во литературата.

Дотогаш таа била неисцрпен книжевен извор. Кортон повторно се врти кон фикцијата во последните сто години. Маглата била на прозорците кога Соимс Форсајт (конечно го искористил своето право и постапил како маж“, така што ја силувал својата жена Ирена; Кристијана Бренд и П.Д. Џејмс своето злосторство го потопија во чорбата од сув грашок; Хенри Грин во „Патување на забава“ (1939) ја користи маглата за да ја сопре групата весели млади луѓе кои се упатиле кон Континентот. Емброуз Силк, јунак на романот на Ивлин Во, „Закачете повеќе знамиња“ (1942), се жали заради опаѓањето на Англија кое започнало „оној ден кога го напуштивме јагленот“: „Некогаш живеевме во магла, во раскошни, сјајни, жолтокафеави магли на нашето рано детство. Златна аура на златното време... Маглата се подига, светот нè гледа онакви какви што сме, и што е уште полошо, самите се гледаме онакви какви што сме“.

Кога зборува за Хенри Грин, Френк Кермоуд го сфаќа влијанието на маглата како „откажување на сетилата...прекин во конвенционалната обработка на информациите, во нашето банално конвенционално знаење за тоа каде сме и што сме“. Тоа е сосема точно. Писателите на романи чија тема е „Лошата судбина на Лондон“ сфатиле една важна работа: кога не можете да видите каде сте, не знаете кој сте. Во Лондон маглата значела страв, ненадејна солидарност меѓу непознати луѓе, укинување на класните бариери, ерупција на злосторството.

Кортон напишала промислена, жива, многу впечатлива книга. Но можела да извлече многу повеќе од сличноста помеѓу доживувањето на маглата и бомбардирањето на Лондон во Втората светска војна. И тогаш во текот на затемнувањето луѓето го совладувале стравот поврзувајќи се со непознати додека се сопнувале од урнатините на класните односи, ги отфрлале моралните инхибиции и се обидувале да се носат со бомбите и најголемиот бран на злосторства во историјата на Лондон. Еднократните катастрофи – поплава, чума или пожар, па дури и бомбашите самоубијци во метрото – не ја менуваат перцепцијата на истиот начин. Парадоксално, маглата со себе донесе визија дека работите можат да бидат поинакви, многу полоши, но на некој начин и многу подобри. На Лондон во 21-от век, поделен и нескротлив, каков што секогаш бил, добро би му дошол некој нов Специјалитет кој малку би ги замаглил неговите арогантни извесности.


Извор: London Review of Books

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото