Слободен како птица: интернетот и цензурата

03.02.2020 01:12
Слободен како птица: интернетот и цензурата

Во предбожиќниот период од годината кој е зад нас, осамна вест дека црвеногушката која требало да се наоѓа на една божиќна честитка е непримерна за социјалната мрежа Фејсбук.

Со еленот и верверичката, црвеногушката е дел од серија божиќни честитки кои ги осмислила Џеки Чарли, 52-годишна британска уметница која се надевала дека полесно ќе ги продаде овие честитки преку Фејсбук.

По неколку обиди да ги постира фотографиите на социјалниот медиум, и по неколку одбивања од истиот, Фејсбук го образложил сопствениот потег на следниот начин: „Се чини дека не сме ја одобриле вашата објава зашто не дозволуваме продажба на услуги за возрасни, на пример, сексуални објави и видеозаписи за возрасни“.

Исклучително „контроверзната“ честитка на која се наоѓа црвеногушката не е прв ваков случај.

Во 2016 година фејсбук избриша пост на норвешката премиерка Ерна Солберг во кој се наоѓаше фотографијата што освои Пулицерова награда: „The Terror of War“ (Ужасот на војната) за публиката попозната како „Napalm Girl“ е фотографија од виетнамската војна која ја снимил фотографот Ник Ут на 8 јуни 1972 година.

Познатата фотографија прикажува голо деветгодишно девојче како бега на пат, откако напалмот ја изгорел на грбот.

Солберг беше една во низата норвешки политичари кои ја шеруваа иконската документарна фотографија откако Фејсбук го избриша постот на Том Егеланд кој изјави дека фотографијата спаѓа во седумте фотографии кои ја променија историјата на војувањето и кој одредено време беше баниран од социјалната мрежа.

За неговото суспендирање тогаш извести Афтенпостен, норвешки весник чиј главен уредник, Еспен Егил Хансен, тогаш одлучи истата слика да ја објави на насловната страна.

Потоа, Фејсбук го контактираше Хансен, со барање да се отстрани сликата од насловната или барем да се пикселира, на што Хансен со отворено писмо му одговори на Цукерберг.

На почетокот Фејсбук ја бранеше својата одлука за остранување на сликата изјавувајќи: „Иако препознаваме дека оваа фотографија е иконска, тешко е да се разбере во кој случај проаѓа фотографија со голо дете“.

Се чини дека после оваа епизода медиумите ја започнаа и продолжија дискусијата.

Слободните и независни медиуми имаат големо влијание и одговорност во ширењето информации: без разлика дали преку текст, слика или аудио содржина.

Иако Фејсбук е технолошка платформа, а не медиумска компанија, игра голема улога како најважен светски дистрибутер на вести и содржини. За многу луѓе Фејсбук = интернет.

Контроверзната Црвеногушка

Објавувањето информации понекогаш може да резултира со непријатност за мал процент од населението кое ќе се најде навредено од сликата со голото дете која е исклучиво со едукативна, информативна, документарна природа. И токму затоа треба да биде објавена.

Постојат таканаречени Прописи на заедницата, кои не се ништо друго освен насоки кои ги измисли Фејсбук за тоа што смее, а што не смее да се објави на нивната социјална мрежа. Содржините кои не ги почитуваат насоките ќе бидат избришани. Целта на прописите е безбедноста на луѓето, поттикнување примерно однесување, заштита на корисничкиот профил и заштита на интелектуалната сопственост.

Во однос на голотијата постојат две насоки. Дозволени се слики со брадавици во медицински или здравствени цели.

Исто така, дозволени се фотографии со жени кои дојат или прикажуваат гради после мастектомија. Дозволени се фотографии на сликарски, кипарски или други уметнички дела кои прикажуваат голи фигури. Сѐ останато не е дозволено.

Тогаш зошто беше забранета оваа фотографија? Или, уште полошо, грвеногушката?

Митот дека интернетот е слободен и дека пристапот до информациите исто така е бесплатен и слободен, можеби е идеја која би требало повторно да ја преиспитаме.

Приврзаниците на демократскиот интернет каде секој би требало да има (под)еднакво право на глас и изразување, но исто така и пристап (постојат многу земји во кои владата го регулира пристапот до интернет), сигурно не се задоволни. Достапен и слободен дигитален свет 24/7, каде веб страниците и социјалните мрежи се отворени за сите, е сон на многумина. Интернет услугата се плаќа. Огласувањето исто така (да имаме на ум дека интернетот главно се финансира преку огласување).

Понатаму, постојат правила кои некој ги „измислил“ за нас. Правилата се потребни за да не се премине во тотална анархија. Правилата претставуваат некаков ред. Сепак, слободата е во можноста за учество.

Во случајот со Фејсбук, постојат три „судии“ кои одлучуваат за соодветноста на содржините.

Првиот е автоматизираниот систем, де факто машина која ги гледа сликите. Вториот е личност која поминала обука и која работи за Фејсбук, тоа може да го работи од далеку и дневно прегледува приближно илјада слики.

Третиот судија сме сите ние и нам ни е дадена можност да пријавиме некоја непосакувана содржина на која случајно „сме налетале“ додека сме биле на социјалната мрежа.

Фејсбук изјавува дека нивната политика е насочена кон запирање на порнографијата и злоставувањето, генерално кон сѐ што би можело да ѝ наштети на заедницата. Што е сосема во ред.

Фејсбук признава дека ги користи двете, и вештачката интелигенција и модератори (лица чија задача е следење на објавените содржини и применување однапред утврдени правила и насоки за отстранување на истите ако тоа е потребно; мораат да поминат обука во траење од две недели) пред преземање какви било мерки.

„Napalm Girl“

Корисниците на социјалните мрежи исто така се поттикнуваат на активно известување со помош на алатки, можно е да се пријави нешто за кое мислиме дека е на несоодветно место.

Системот ги споредува извештаите на корисниците и сликите кои лицата-рецензенти ги означиле како слики со чувствителна содржина: потоа системот утврдува дали се кршат насоките.

Фејсбук вели: „Ја ограничуваме голотијата, зашто некоја публика во нашата голаблна заедница може да биде чувствителна на овој вид содржини - особено заради својата културна позадина или возраста“.

Ако содржината ги крши правилата на Фејсбук, истата се брише и корисничкиот профил на личноста може да биде суспендиран. Фејсбук наведува дека е голем проблем тоа што реакцијата на чувствителните содржини мора да биде брза, но дека е важно во тимовите кои работат за нив сите да добиваат исти насоки според кои ќе се регулира содржината.

Но, зачудувачки е како Фејсбук дозволува пренос на самоубиства (обиди за самоубиства, односно пораки или видеа на кои луѓето зборуваат дека ќе си го одземат животот) сѐ додека се корисни (?) и го привлекуваат вниманието на публиката, но истите содржини ќе се избришат тогаш кога веќе нема да има можност да им се помогне на тие лица. Или пак оние содржини каде луѓето се обезглавени (снимки со отсекување глави, каде модераторот одлучува дали се со информативна содржина или не).

Откако медиумските експерти и весниците ширум светот го кренаа гласот за одлуката на Фејсбук поврзана со „Napalm Girl“, која не е ништо друго туку документарна фотографија поврзана со виетнамската војна, Фејсбук одлучи да ја врати фотографијата, со изјава дека станале свесни дека нивните прописи се применети во овој случај. Додавајќи ја премисата дека сликата со голо девојче вообичаено би можела да се класифицира како детска порнографија, но во случајов треба да се препознае историската важност на фотографијата.

Станале свесни и дека вредноста за дозволување на споделувањето ја надминува вредноста за заштита на заедницата со отстранувањето па затоа одлучиле да ја вратат сликата онаму каде што знаат дека била отстранета.

Фејсбук стана водечка платформа за ширење информации и дискутирање и одржување на социјалниот контакт меѓу луѓето (во САД дури 44 проценти од возрасните се информираат преку Фејсбук) и затоа неговата улога е многу голема.

Потребно е да се регулираат информациите и содржините, особено оние кои прикажуваат каков било облик на злоставување, неетичко однесување, дискриминација на малцинствата итн.

Евентуалната цензура би требало да настапи после темелни проценки, можеби од страна на луѓе, а не на алгоритми кои, иако се корисна и паметна алатка за категоризирање на содржините, сѐ уште имаат некакви ограничувања.

Машината сѐ уште не развила смисла за проценка и, додека сме на милоста и немилоста на машините, речиси сум доведена во искушение да ја купам несреќната честитка.

Извор: http://pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото