Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

03.02.2020 13:53
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

„Ноќта кога ја напуштив Прага“, Јован Илиески, „Култура“

Денови ли се, тегоби ли се. Куферите со оштетен повез се уште ги носам со мене, ги влечам од Прага. Работите што сакав да ги кажам, се уште не сум ги кажала. Проклети неколку месеци откако рацеве ги корнам под штиците во фабриката. Секој ден облечени во белило, а во душата црнила. Рацете пепел сторени, со рани невидливи, кои ги чувствував само ноќе пред да заспијам. Кога ќе ги поставев под перницата можев да ги сетам големите отвори на кожата во кои се насобираа чадови и смрадови од нечовештината. Снагата секој ден ми се потеше, работејќи ги чевлите за кои ни налагаа големците од другите држави. Потта ми се калемеше под кожата и секое утро ја мирисав ужасната смрдеа од косите, знаејќи дека повторно ќе го правам истото. Секој ден, месеци и месеци тешки, ми поминуваше пред очи смртта на мајка. Како својата душа, мојата Каја Дворак ја остави на малите шивачки машини што ги редеа во паралелни редови и не распоредуваа како војници кои штотуку треба да стрелаат во војна, ама само што снагата толку не ни се ценеше. Не ни се ценеше воопшто. Секој ден, Матео го оставав во рацете на старецот Марек, полни со црни старечки дамки и најчесто кога ќе дојдев дома од проклетата фабрика, го прегрнував Матео и му спуштав на вујче еден бакнеж во образ, а потоа како мртва легнував под сиромашната постела.

Вујче не велеше ништо. Не знаеше што да каже, а знаеше што и да каже - ќе ми ја распара душата која знаев да ја зашијам одвреме- навреме и така да закрепнам. Знаеше дека тоа го правам за нив, особено за мојот Матео. Ама, знаеше и дека секој ден морам да поминувам низ истата зима кога мајка ја зедоа ангелите. Со тешки отворени капаци ги гледав истите очи секој ден, и истите изморени очи гледаа во мене. Сите таму го проколнувавме истиот земјопоседник и сите ние таму го мразевме истиот Бог. Некои го колнеа, некои премолчуваа. Некои беа движечка револуција, но тоа само душата им го знаеше.

Важно, јас крвта ја оставав на таа машина. Да можев да видам така како што не сакав да видам, ќе гледав распослани спомени и скршени соништа под рачната машина на која рацете ми играа. Нејзината постава ја гледав секој ден. Нејзиното струење и звукот на измачување на нејзината снага како и на мојата, го гледав секој ден.

Најмногу сум виновна за тоа што не можев да најдам време и сила да го одведам Матео да прошетка во ливадите. Немав време да го однесам да види барем мал дел од убавините на младиот живот, ако сеуште постојат.

„Временската енигма“ („Експеримент 51“,II дел), Методија Диневски, „Културa“

Леталото за некоја секунда полета. По неколку часа летање над егејските острови, се најдоа пред градот Салоника. Астро подзастана со леталото и го гледаше градот. Прво нешто што виде беше импозантниот светилник висок 90 метри, кој најгоре имаше сребрен круг со дијаметар од 10 метри, дебел еден метар, кој ги рефлектираше сончевите зраци и можеше да се забележи на километри и служеше за полесна навигација на морнарите. Под сребреното тркало имаше бронзен сад полн со десетици литри газија, кој навечер се палеше и гореше и светлината се рефлектираше од сребреното тркало. Над светилникот најгоре на метален јарбол се вееше црвено знаме со сонце со 16 краци на него. Белото Море беше мирно. Сончевите зраци се рефлектираа над морето правејќи го вистинско огледало над кое се рефлектираа светилникот и целото пристаниште. Пристаништето преполно како и секогаш. Имаше бродови од цел свет со најразлични облици и знамиња. Сите трговци задолжително еднаш месечно доаѓаа во Салоника. Центар на 3 континенти. Најголеми муштерии беа членовите на кралски или богати семејства, кои најмногу купуваа свила и скапоцени камења. Свилата доаѓаше од источните земји, особено Кина, и беше најскапа. Ако некој носеше наметки од свила, сите знаеја дека се работи за богат човек или некој близок на кралот или фараонот, па, така, имаше повеќе привилегии во сите сфери на општеството.

Астро го вклучи радарот за да види дали има присуство на некаква напредна технологија. По некое време, радарот светна, се појави црно триаголно летало без никакави ознаки ниту вклучени радио фрекфенции во полукружна форма, речиси како триаголник, кое леташе многу ниско до земјата за случајно да не биде забележано.

- Ете ги копилињата! - извика Астро гледајќи на радарот.

На Изис и на Барит не им беше јасно што се случува, за нив тоа беше само некој вид мали сонца и ѕвезди што се мрдаат. По извезно време, леталото застана на една точка надвор од градот. Астро го исклучи леталото за да не ги забележат, надевајќи се дека ќе начека добра позиција да ги фати. По извесно време, на екранот го пушти зумот и гледаше. Леталото слета над една ледина во близина на едно помало езерце, кое веројатно се полнеше само за време на врнежи.Оттаму прво слезе Евринома и чекаше. По извесно време, дојде голема кочија со црно знаме со буквата омега. Од кочијата излегоа двајца со црни наметки држејќи две бебиња во рацете и една девојка со наметка врз главата.

-Персеј!Птоломеј! - избувна Астро со жар и нервоза во очите. Душата му се кинеше кога ги виде.

-Минета!Сестричке моја! Астро, кажи ми, те молам, дали е добро, те молам, кажи ми - викна Изис во паника со болка во срцето.