Медиум на друм (38): Homeland и Westeros

04.02.2020 21:16
Медиум на друм (38): Homeland и Westeros

Зарем не изгледа дека и самите терористи, припадниците на Исламската држава, додека режираат крвави сцени на погубување, се инспирирани од обичаите што владеат во кралството Вестерос? Не ли изгледа дека тие, пред камерите сликајќи се облечени во црно, облекувајќи ги своите жртви во портокалови униформи какви што носат затворениците во затворот Гвантанамо, редовно објавувајќи го идентитетот на жртвите-покајници, односно прикажувајќи ги лицата на киднапираните кои следни ќе бидат погубени, всушност ја најавуваат следната епизода од серијата?

Веќе не сме во телевизиската реалност во класична смисла на зборот. Фикцијата се претвора во реалност пред ужаснувачките погледи на светот. Благодарение на интернетот стануваме учесници во модерната верзија на она што некогаш биле јавните погубувања. Светската интернет мрежа едноставно го замени Плоштадот Грев или Плоштадот Конкорд – местата на кои во Париз во времето на Стариот режим или Француската револуција се вршени погубувања – и стана место каде што денес се принесуваат човечки жртви. Со една огромна разлика: порано на плоштадите пред таа морничава глетка присуствувале најмногу илјада луѓе; денес на вебот ги има милиони.

Играната серија станува влог во политичка или емоционална расправа, што најдобро го илустрира полемиката што се разви во врска со серијата Homeland во 2015. На неколкумина уметници од арапско потекло им била доверена задача на сетот, во филмското студио во Берлин, каде биле реконструирани улиците на Багдад, на зградите да испишат графити на арапски јазик. Со една цел, сето тоа да изгледа што повистинито и поуверливо. Проблемот бил во тоа што уметниците решиле во своите „спонтани графити“ на ѕидовите на кулисите во студиото да ја искритикуваат серијата, испишувајќи: „Homeland е расистичка серија“. Совршена игра на огледала. Геополитичката стварност директно влегува во серијата, додека самата серија, наводно, од неа само се инспирира за што подобро да ја реконструира.

Каде започнува и каде завршува фикцијата, каде започнува и каде завршува стварноста? Како да се почитуваат туѓите емоции и создавањето културни производи наменети за најшироката публика?

Како укинувањето на границите само да го зајакнува судирот на различните култури. Како англосаксонскиот свет, заради универзалната природа на своите производи да станува сѐ поранлив на обвинувањата за расизам и нетолеранција наспроти оние култури што постепено ја губат самодовербата и преминуваат во дефанзива.

Избор: Никола Гелевски
Фотографиите се од серијата Homeland
Превод: Фросина Крушкаровска
Извор: Доминик Мојси, Геополитиката на телевизиските серии, 2016.

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото