Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (3)

05.02.2020 09:19
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (3)

 „Александар и Клеофила“, Паскал Гилевски, „Панили“

„Кога вчера во островчето на Свети Наум ве видов среде групата момчиња, веднаш помислив на Бетовен. Вашата бујна коса...“ Не ја заврши реченицата, ја тргна раката што неколку секунди беше положена врз мојата рака, ја крена накај мојата глава, божем сакаше да ми ја допре косата, но ја спушти врз своето откриено колено,како да сакаше, според некој длабок инстинкт, да си го заштити. „Раскажете ми за вас. Знам само толку, колку што кажа професорот во црквата, дека сте колеги, значи и вие сте историчар...Но сакам да дознам уште...“ И додаде, небаре за да ја ублажи смислата на својата последна реченица: „Јас сум љубопитна по природа. Сакам да ги запознам убавите и вредни работи“. Бев толку зашеметен и толку импресиониран од нејзината појава, од нејзиниот мил поглед, од нејзиниот глас и од нејзината омајна егзотичност, што мислев дека сето тоа што ми се случува е навистина сон, мечта и не знаев што да кажам, плашејќи се да не ја растурам со некоја несмасност целата таа ненадејна магија. Во главата имав еден хаотичен метеж, еден цел Вавилон од истории што повтев да и ги кажам, како, на пример, ми дојде на ум Александар Велики, можеби, како што ти добро знаеш, пријателе, затоа што откога научив дека го носам името на големиот војсководец, некако наивно повтев да се идентификувам со неговата славна личност, а сега кога првпат запознав една вистинска Кинескиња, си присемнив на една позната подробност дека последна желба и мечта му била да ја освои и Кина, а штом ќе ја освоел таа најголема земја на Истокот, сигурно ќе се оженел и со најубавата кинеска принцеза, како што правел и во другите освоени земји...Да, Анастасе, можеби тоа ќе беше многу добра тема и ќе ја заинтригирав оваа мила Кинескиња, која толку неконвенционално и надмено се однесуваше како да ги имаше манирите на некоја далечна источна принцеза, а сега, се појавува со две милениумска задоцнета компензација за мојот идол. Но никако не ми одеше како да почнам. Кога виде дека мене не ми оди лесно, таа проговори и мене ми се стори како да ги прочитала моите мисли: „Кога денеска во манастирот Свети Климент се запознавме и вие срамежливо го кажавте вашето име, се сетив дека како студентка во московската национална библиотека, во една излитена древна книга прочитав, меѓу другото, дека Александар Велики планирал, а тоа му била и последната животна желба, да ја освои Кина, со што би ја заокружил својата голема идеја со која го вдахновил неговиот учител Аристотел за обединување на Запад и Исток, првенствено културно, но и пошироко, како еден вид планетарно сплотување, би рекла, нешто што може да се случи во нашево технолошки развиено време. Јас како студентка просто живеев со таа фантастична идеја, па со голема радост ја прифатив шансата, бидејќи го знаев вашиот јазик, да дојдам да работам како советник во кинеската фирма за изградбата на патишта во Скопје. Случајна околност беше дека и маж ми, со кого сме во брак една и пол година, е од таа струка, па така дојдовме заедно...“ Овој податок ме стресе малку, и со треперлив глас прашав:„И вашиот маж е тука?“ Таа таинствено се насмеа и одговори:„Не, тој не дојде со нас, поради презафатеност во Скопје.“ Потоа не гледајќи во неа прашав:„Имате дете?“ - и веднаш се покајав за таквото глупо и несмасно прашање што непосредно буричка по интимноста на личноста.



„Кафез за душата“, Јован Дамјановски, „Дијалог“

Најсигурен начин за спокоен живот по „специфичната работа“ во Париз за Ивана беше родниот крај. Во нејзините соништа пред конечната одлука да се врати наоѓаше пример во штрковите. Кај сите домаќинства во нејзиното родно село се чекаше времето на доаѓањето на штрковите. Дали тоа беше вистинскиот дом или доаѓаа од своето претходно живеалиште беше прашање и за неа.„Е, моја Ивон!- Еве, и со пријателката од детството Магдалена се покажа исправна одлуката да дојдам дома, во мојот роден крај. Таму, во мојата авантура што ми ја приреди судбината имав само времено живеалиште. Животот има смисла само ако утврдиш каде сакаш да живееш. Кога ги запрашав со писмо мајка ми и брат ми Атанас кои останаа да живеат во нашето село на семејниот имот веднаш ми одговорија: да си дојдеш дома. Како една модерна и современа жена која залута во овој современ свет ќе може да продолжи да живее на село? - Им напишав во писмото дека живот на село за мене никогаш повеќе не доаѓа предвид. Може да биде Скопје или Тетово. Брат ми веднаш се заложи тоа да биде Скопје...јас се одлучив за Тетово...тука во овој град каде завршив средно училиште и работев на неколку места, остана мојата душа.Како во соништата да ме повикуваше. Во тој зовриен велеградски живот вриеше и мојата душа. Од длабината на душата барав промена на животот.Ми требаше некое морално чистење.Тоа беше услов да побарам промена во мојот живот. И, еве ќе се обидам да се вклучам во животот овде...ама, и овде се е променето. Само, материјално сум обезбедена и верувам дека за мене ќе се најде и човек за заеднички живот. Брат ми ме охрабри откако сфати дека така одлучив и никако поинаку . Во Тетово кој израсна во голем град очекував да се сретнам со познаници кои во мене нема да препознаат жена од животот надвор од моралните и религиозни стеги. Во тој голем град имаше многу стари и нови станови. И со цени кои не беа високи за човек да размислува. Напротив, брат ми го отвори прашањето зошто има толку слободни станови за продавање. Заштедените пари ми обезбедуваа нормален живот за една средовечна жена која не е повеќе за таа работа што ја работеше. Како пензионерка, боже ми прости. Станот е нов и комотеен и ми дава надеж дека еден ден во него ќе живеам со човек кој знае да простува зошто и јас знам да простувам Можеби ќе го прифати моето темно минато. Најубаво е да не се знае...“

Ивана модерно и современо го опреми својот стан во Тетово. Во средината на дневната соба имаше широка тркалезна маса, со шест рустични столици. Бела тантелна покривка ја красеше масата. Среде широката маса Ивана стави голем пепелник од оникс. Во него имаше десеттина опушоци од цигари Малборо. Филтерот од цигарите беше обоен во црвена боја како карминот на усните на сопственичката на станот.