Потсвест која треба да се протолкува, тело кое треба да се ослободува

05.02.2020 16:45
Потсвест која треба протолкува, тело кое треба да се ослободува

Кон „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски
(во издание на „Или-или“, Скопје)

„Телото во кое треба да се живее“ во делото на Петар Андоновски, ѝ припаѓа на една шеесетгодишна судијка пред пензија. Иронично, на судијката при крајот од кариерата ѝ е доделен важен случај, со едно безживотно девојчинско тело и еден млад маж осомничен за негово силување и убиство. Заплетот настанува кога судијката одговорна за случајот, развива привлеченост и почнува да добива телефонски пораки од осомничениот. Разврската и расплетот пак, се толку умешно водени, што овозможуваат две паралелни толкувања на крајот. Во прилог се двете интерпретации на делото, како и можните мотивации на ликовите.

И двете толкувања имаат свои линии на разграничување, односно контури кои ги заокружуваат и одвојуваат од останатите читања. Тие имаат и точки на прекршување, во кои се брише границата меѓу внатрешниот живописен свет на ликот и надворешниот след на настанот (т.е. меѓу потсвеста и стварноста). Во секое од понудените толкувања постои и централна оска (односно настан кој ја потпира приказната), а постојат и тангенцијални точки (односно споредни ликови како тој на записничарката или мајката на осомничениот, кои се допираат до приказната). Сепак, во сите варијанти центарот е секогаш сместен во главниот лик на судијката.

Судијката како проекција на записничарката

Во оваа верзија споредниот лик на судската записничарка е реален, а тој на судијката е замислен. Поточно судијката претставува идеализирана проекција на записничарката. Зашто записничарката е жена која е мажена за бивш осуденик и така заробена во брак со насилник. Таа е жртва на семејно насилство, лишена од слобода и самостојност. Дури и нејзиното име (Вера) е индикативно за слепа верност и безрезервната оданост. Од друга страна, судијката (со апстрактно име Бригита) е жена која е немажена, водена од импулсот за слобода и независност. Таа е арбитер на вистината и симбол на моќта. Таа не робува туку пресудува, а може и сурово (на затвор) да осудува. Во оваа варијанта, потсвеста на записничарката, преку ликот на судијката, ја одживејува улогата на пресудувач врз осудениот, и го олеснува животот на жртва од насилникот.

Централната оска на оваа приказна е секако епизодата од детството и клучната реплика од таткото, каде наводното одбивно тело на мајката, се користи како изговор за напуштање на домот и ќерката. Сексизмот, шовинизмот и егоизмот на таткото, се причина за интернализираниот срам и незадоволство од сопствениот изглед кај ќерката, проследени со чувството на ропство кон телото (од таму и насловот на книгата). Во оваа верзија, ликот на записничарката ги диктира линиите на разграничување (од други можни толкувања) на приказната. Од друга страна, точката на прекршување (со прелевање на потсвеста во стварноста), се отчитуваат во случајната средба со сопругот од записничарката, кој е препознаен како бивш осуденик од страна на судијката. Или во ликот на убиената девојка, кој се меша со сопствениот лик во огледалото на судијката.

Органската поврзаност на двата лика (судијката и записничарката), се отчитува во нивната блискост и интимност. Имено, тие иако имаат блиски работни места, не делат ниту заеднички дом ниту ист работен простор. Па, сепак бележат едновремена присутност во сите клучните моменти од романот (вклучувајќи го и конечниот расплет на крајот). Освен тоа обете имаат слична склоност и еротска привлеченост од насилници. Кога врската со осудениот насилник е реална, тогаш таа е позната како хибристофилија. Тоа е парафилија (односно застранување во сексуалниот интерес), која се одликува со привлеченост од убијци и криминалци. Во книгата, експлицитните сцени на сексуална субмисивност и доминација, еротска асфиксија (возбуденост од гушење), па дури и сексуален мазохизам и садизам, се во функција на оваа линија на нарација. Историјата нуди примери на светски злосторници кои уживале слава кај цели групи следбеници. Тоа обично биле обожавателки кои сопствените чувства на неважност и маргинализираност (но, и латентната нарцисоидност) ги компензирале преку интимизирање со славниот престапник и озлогласениот осуденик. Таков е односот меѓу Вера и нејзиниот сопруг. Од друга страна, ако врската со насилникот е замислувана, тогаш таа е именувана како еротоманска делузија. И повторно, таа е типична за сексуално неискусни и зависни индивидуи, кои сопствените чувства на инфериорност (но, и латентната нарцисоидност), ги компензираат преку замислената врска (како што е телефонската преписка) со славниот а недостапен лик. Таков е проектираниот однос меѓу судијката и нејзиниот осуденик.

Осудениот како проекција на судијката

Во оваа варијанта на приказната, осудениот постои единствено во потсвеста на судијката. Поточно тој е идеализирана проекција на реалната судијка. Па така, преку неговата дезинхибираност таа компензира за постојаното чувство на репресираност. А, преку контролата на физички надмоќниот насилник (често изедначуван со предатор и прогонувач), судијката ја надминува физичката немоќ, повлеченост и инфериорност (често илустрирана низ призма на плен и потчинувана).

Органската поврзаност на двата лика (судијката и осудениот), се отчитува во неверојатното пресликување на поединечни особини, но и севкупната сличност во нивните карактери. Имено, и судијката и осуденикот се одликуваат со емоционална дистанцираност што резултира со отсуството на сожалливост и сомилост кон послабите (како миленици и општествени отпадници во случајот со судијката, или партнерки и нејаки девојки во случајот на осудениот). Заради ова, сите долгорочни релации на блискост и интимност се тешко воспоставувани, а потенцијални ситуации на ризик и опасност (кои можат да завршат со фатален исход) се некритички проценувани. Севкупно, оваа дијада личности се одликува со таканаречената темна тријада одличја: нарцисоидност (со изразен егоизам и хедонизам), макијавелизам (со нагласен опортунизам) и психопатичност (со асоцијалност, аморалност и недостаток на емпатичност).

Централната оска и кај оваа приказна е повторно траумата од детството и неприкладниот изговор на таткото. Сепак, во оваа верзија, алибито за напуштањето на домот (т.е. одбивноста на мајчиното тело) предизвикува незадоволство кај ќерката кое не е насочено кон сопствениот изглед, ами е свртено подлабоко, против сопствениот идентитет. Тоа чувство на ропство е ориентирано кон сопственото присуство и себство (од таму и насловот на книгата). Во оваа верзија, ликот на осуденикот ги диктира линиите на разграничување (од останатите толкувања) на приказната. Од друга страна, точката на прекршување (и прелевање на потсвеста во стварноста), се отчитуваат во кусата епизода со посетата на домот и средбата со мајката на осуденикот. Нејзиниот поглед полн осудување, презир и прекорност, за судијката е некако познат и чудно препознаен, како да повикан од детските сеќавања.

Литерарни јунаци и реални страдалници

Во делото за телото и телесноста, за површноста и појавноста, за сексизмот и патријархалноста, односите меѓу записничарката и сопругот, но и судијката и осудениот, само служат за да го потенцираат насловот и потсилат наративот околу репресивноста на системот. Од таму, сите взаемни релации заедно со сите можни интерпретации, функционираат како еден хибриден спој. Оти литературата дозволува паралелни читања, а и медицината не препорачува изолирани дијагностицирања. Во реалноста не постојат литерарани јунаци, ниту чисти медицински симптоми и учебнички синдроми. Во реалноста постојат личности со душевни страдања и проблеми. Најпосле, сложената психа во медицината повикува на лекарски пристапи кои се сестрани и повеќедимензионални, а во книжевноста на литерарни толкувања кои се хибридни и интегрални. Резултатот во двата случаи е успешно протолкувана потсвест, ослободена телесност и подобро спознаена личност (најпрво сопствената, а потем и на другиот).

 Слики: Aleksandra Waliszewska