ЕУ река (28): Алексис де Токвил

05.02.2020 21:27
ЕУ река (28): Алексис де Токвил

ТОКВИЛ

Мал број мислители во првата половина на деветнаесеттиот век го сфатиле растечкото значење на масите во политиката како што тоа го сфатил Алексис де Токвил (1805-1859), француски политички теоретичар и државник. После Француската револуција, Токвил, роден аристократ но либерал по убедување, признал дека разорувањето на аристократијата, систем заснован на сталежи, не можe да се заузда, како ни напредувањето кон демократијата.

Во своето дело Демократијата во Америка (1835-1840), кое се темели на неговите патувања во Соединетите држави, Токвил со ладна непристрасност и брилијантност ја анализирал природата, предностите и слабостите на американското демократско општество. За разлика од Франција од периодот на Стариот режим, според Токвил, американското општество немало наследна аристократија со специјални привилегии и патиштата кон општествениот напредок и учеството во политиката им биле отворени на сите.

Токвил сметал дека демократијата е поправедна од аристократската влада и предвидувал дека тоа ќе биде политички систем на иднината. Но, предупредувал и на опасностите што таа ги носи. Во демократското општество, според Токвил, страста на луѓето да бидат еднакви натежнува над нивната желба за слобода. Поттикнати од идеалот за еднаквост, граѓаните во демократијата посакуваат почести и поседи за кои сметаат дека им припаѓаат. Бараат патиштата кон општественото, економското и политичкото напредување да бидат достапни за сите, и веќе не ја прифаќаат нееднаквоста во богатството и положбата како дел од природниот поредок. Но, бидејќи луѓето природно не се со еднакви способности, многумина се оштетени па бараат од државата да им даде поседи и предности кои самите не можат да ги стекнат. Тие имаат волја да ја жртвуваат политичката слобода за да ја обезбедат својата материјална благосостојба.

Во согласност со тоа, демократиите се соочуваат со сѐ поголема опасност од тоа што луѓето, копнеејќи да ја достигнат еднаквоста, ќе ја предадат сопствената слобода на централната влада која ветува дека ќе им обезбеди посед и други привилегии. Бидејќи народот ѝ дава сѐ поголема сила, државата ќе управува со животите на своите граѓани и ќе ги сруши локалните институции кои спречуваат централизирана контрола и наметнување на уверувањата на мнозинството спрема малцинството.

Слободата не се губи заради деспотизмот на кралевите туку заради тиранијата на мнозинството. За да се спречи демократијата да се претвори во државен деспотизам, Токвил го поддржал зајакнувањето на институциите на локалната власт, со формирање бројни приватни асоцијации над кои државата нема контрола, штитејќи ја независноста на судството и зачувувањето на слободата на печатот - сето тоа треба да го унапреди активното и одговорно граѓанство.

Во демократското општество, според Токвил, постои опасност мнозинството да му го наметне сопственото гледиште на малцинството. Мнозинството бара сообразност на уверувањата. Токвил сметал дека неговата сила е толку неодолива што малцинството стравува да не залута од патот што го пропишува мнозинството. Токвил изјавил: „Мислам дека слободата е во опасност кога оваа сила (мнозинството) не е под контрола на пречките кои можат да го забават нејзиниот тек и да ја принудат да ја ублажи сопствената жестина.“

Исто така, според Токвил, демократијата изнедрила еден себичен индивидуализам кој би можел да дегенерира во вулгарен хедонизам. Поттикнати од претераната грижа за стекнување профит, луѓето би ја изгубиле желбата за политичко ангажирање и грижата за јавното добро. Доколку преовлада преокупираноста со приватните грижи над чувството за јавна должност, слободата не може да издржи долго.

Иако ги признавал ограничувањата на демократијата, Токвил не барал нејзиниот раст да се врати назад. Во новата доба што се раѓа:

... Сите оние кои ќе се обидат... да ја засноваат слободата врз аристократските привилегии ќе пропаднат... сите оние кои ќе се обидат да црпат и да ја задржат власта во рамки на една класа, ќе пропаднат... Сите... кои ќе воспостават или обезбедат независност и достоинство за своите блиски, мора да се покажат како пријатели на еднаквоста... И така не се поставува прашањето како да се реконструира аристократското општество, туку како да се направи слободата да оди понатаму од таквата демократска состојба на општеството во кое нѐ поставил Бог.

Проблемите на демократијата, според Токвил, мора да се разрешат без доведување на политичките слободи во опасност. Задача на демократското општество е преку негување на несебичноста да го ублажи екстремниот индивидуализам и незаузданата желба за стекнување. Без директно учество на граѓаните со смисла за заработка, односно, без грижа за општото добро, демократијата е соочена со мрачна иднина. Слободата помалку зависи од законите отколку од култивирањето на чувствата и навиките на граѓанската чесност.

Избор: Никола Гелевски
Гифови: Nicolas Monterrat
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото