Медиум на друм (39): 21 век - време на сериите

05.02.2020 21:34
Медиум на друм (39): 21 век - време на сериите

Од оваа временска дистанца повикувањето на сериите Далас и Дерик може да изгледа анахроно. Кога зборуваме за нив, сигурно не станува збор за истиот културен производ кој го сочинуваат денешните играни серии. Имено, добата на квалитетните серии (со ретките исклучоци од типот на Твин Пикс, серијата на Дејвид Линч која ја сметаме за предвесник) започнува дури кон крајот на деведесеттите години на 20 век со ремек-делата на овој жанр, Фамилијата Сопранови или Западно крило. Постојат повеќе причини кои доведоа до оваа квалитативна револуција.

Со појавата на приватниот канал HBO серијата како жанр добива свое заслужено место меѓу аудио-визуелните уметности, но и една форма на слобода, незамислива на други места. Истото го тврди и Џорџ Р. Р. Мартин, сценаристот на Играта на престолите, во опширното интервју објавено во списанието Лир. Да не беше HBO, серијалот Песната на мразот и огнот никогаш не ќе беше пренесена на малиот екран. Форматот на класичниот игран филм едноставно веќе не е доволен за да го прикаже целото богатство на интригите и праведно и рамноправно да обезбеди простор за мноштво ликови кои одеднаш веќе не се споредни. Освен тоа, без слободата што ја обезбедува HBO, сцените на насилство и секс, незаобиколни во доловувањето на атмосферата на постојано кршење на правилата и мрачноста која зрачи од книгата, не ќе беше можно да бидат снимени.

Згора на тоа, од техничко стојалиште, благодарение на револуцијата во осветлувањето, кадрирањето и монтажата, играните серии отворија еден сосема поинаков свет. Границите што порано постоеја помеѓу нив и филмот постепено се изгубија. Играните серии престанаа да бидат сиромашни роднини на возвишениот филмски жанр. Во прилог на тоа треба да се каже дека во Музејот на модерната уметност во Њујорк (МОМА) во 2001 година беше поставена ретроспективата на првите две сезони на серијата Фамилијата Сопранови.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гифовите се од серијата Sopranos (1999-2007)
Извор: Доминик Мојси, Геополитиката на телевизиските серии, 2016.

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото