Дрвените играчки на Благоја Секуловски

06.02.2020 19:10
Дрвените играчки на Благоја Секуловски од Журче

 Благоја Секуловски своите пензионерски денови ги минува во своето родно село Журче, населено во живописен и прекрасен предел од општината Демир Хисар. „Многумина ме викаат Бале Ќосот, а тоа име и надиме или како што тука викаат прекар, ми останаа од времето кога играв фудбал во фудбалскиот клуб 'Демир Хисар'“, вели Благоја кој во последно време станува препознатлив по друга вештина – изработка на дрвени фигури и играчки.

– Селото Журче е прекрасно место за пензионерски живот. Мирно, тивко, полно со чист воздух, дрвја, со рекички и потоци, риби, птици и разни домашни и диви животни. Се што можела природата да даде, дала. Но, за пензионерските денови да бидат покреативни одлучив да ги исполнувам со занаетот што сум го наследил од моите дедовци и прадедовци, кои биле вешти на раката, посебно користејќи го дрвото за изработка на разни предмети за домаќинството, па се до фигури и играчки за внучињата. Помислив дека треба да се обидам да направам нешто, а првата помисла ја поврзав со белоглавиот орел кој на ова демихисарско поднебје е во исчезнување. Имав и помош, ама го направив белоглавиот орел, ист како живите орли кои често се хранат и со риби од рекичките па и од Црна Река чии извори се во нашиот демирхисарски крај, вели Благоја Секуловски.

Изработката на фигури и играчки од дрво е добра од повеќе аспекти, пред се' од еколошки аспект бидејќи играчките од дрво се подобри наспроти пластичните, впрочем дрвото се користело од дамнина до денес, појасни Благоја.

-Шумата, во околината на селото Журче е густа, има многу дрвја. Јас лично најмногу го користам дрвото од орев или ореово дрво што е цврсто, не пука и е многу квалитетно. Изработката на фигури и играчки од дрво уште повеќе може да ве внесе во природата затоа што тоа е материјал од природата. Кога ќе го допрете дрвото вие всушност веќе сте во допир со природата, со растенијата… Децата но и возрасните знаат дека фигура или играчка изработени од дрво подолго траат. Затоа од дрво го изработив белоглавиот орел со уловена риба, но изработив и други птици, гулаби…кои предизвикуваат посебни чувства кога ги држите во рацете, појасни Благоја.

Пензионерот Благоја Секуловски при изработката на фигури и играчки од дрво се инспирира од различни мотиви и сеќавања, случки од животот. За изработка на една фигура потребни се најмалку два месеца, а многу време потрошил при изработката на фигурата за еден писател кој напишал книга за селото Журче, и затоа одлучил во знак на лична благодарност да изработи фигура со неговиот лик каде за награда е почестен со заслужено кафе.

-Фигурата за писателот ја правев со посебен ќеиф. Полека, полека и релаксирано. Сакав да биде поубава од книгата што тој ја напиша за селото Журче, се потсмевнува Благоја и додава дека со задоволство ја чува дома, а изложува на јавни манифестации. Инаку, јас се' што изработувам не продавам, туку подарувам. Но најмногу се радувам кога радоста на другите заеднички ја споделуваме. Затоа многу дечиња се радуваат на изаботените коњчиња, магаре, запрежна кола… а, возрасните, пак,сеќавајќи се на вестерн филмовите и американските каубои, посебно се загледуваат на каубојот на коњ, вели Благоја.



Според Благоја Секуловски, изработувач на фигури и играчки од дрво, најголемиот позитивен ефект од неговите оригинални изработки го воочил кај децата кои почитувајќи го дрвото, всушност ја почитуваат природата, а родителите кои на децата им нудат дрвени играчки, истовремено им приредуваат еко-четива.

-Дрвената играчка се раѓа во природата и во таа смисла слободно може да речам дека екологијата не е само наука, туку и начин на живеење. Да се чуваат играчки од дрво и не е толку многу тешко бидејќи децата стануваат „зависни“ од нив, не се одделуваат од нив и раскажуваат за нив. Впрочем, дали приказната на Ѓепето за „Пинокио“ лесно се заборава, се запрашува Благоја, раскажувајќи ја својата приказна за пензионерските денови во своето село Журче, уверен дека ниту една негова играчка нема да прооди. Но истовремено жали што белоглавиот орел се помалку лета над демирхисарското поднебје. Благоја не претендира да биде „македонскиот“ Ѓепето, но сака дел од своето време да го помине промовирајќи ги своите дрвени фигури и играчки пред децата од основните училишта во општина Демир Хисар.

Извор: МИА

ОкоБоли главаВицФото