ЕУ река (29): Михаил Бакунин

06.02.2020 21:39
ЕУ река (29): Михаил Бакунин

МИХАИЛ БАКУНИН

Анархизмот се покажал посебно привлечен во Русија во која немало претставничка влада ниту некаков начин, освен пишување петиции до царот, неправдата да се исправи по законски пат. Репресивниот режим, економската заостанатост, младинското движење страсно посветено за подобрување на квалитетот на животот на масите и водачот со магнетска привлечност, Михаил Бакунин - сето тоа придонело да се формира анархистичка традиција во Русија.

Бакунин (Михаил Александрович Бакунин, 1814-1876) бил човек од акција, револуционерен организатор и занесен борец за револуција. Иако син на руски благородник, ја напуштил царската војска за да студира филозофија на запад, каде што го привлекле идеите на Прудон и Маркс. Бил уапсен и предаден на царските службеници зашто учествувал во Германската револуција од 1848 година. Одлежал шест години затвор, а потоа бил протеран во Сибир, од каде побегнал во 1861 година.

Сметајќи дека „историјата на древните и модерните држави не е ништо друго туку низа одвратни злосторства“, Бакунин се посветил на организирање тајни друштва, кои ќе ги поведат угнетените во бунт против политичката власт. И додека Маркс сметал дека до револуција ќе дојде во индустриските земји со залагање на класно свесниот пролетаријат, Бакунин сакал да се побунат сите угнетени, вклучувајќи ги и селаните (огромно мнозинство од популацијата во централна и источна Европа.) За постигнување на таа цел тој ги фаворизирал тајните друштва и тероризмот, вклучувајќи и убиства на омразени службеници, што можело да покрене револуција.

Маркс и Бакунин не се сложувале околу значајното прашање на стратегијата. Маркс сакал да ги организира работниците во масовни политички партии; од друга страна, Бакунин сметал дека револуциите треба да ги водат тајни организации на фанатични бунтовници. Бакунин се плашел дека, откако ќе го отфрлат капиталистичкиот режим и ќе ја преземат власта, марксистите ќе станат нови господари и експлоататори, користејќи ја државата за да ја зголемат својата моќ. Тие ќе станат, како што рекол, „привилегирано малцинство... поранешни работници, кои, откако ќе станат владејачи и претставници на народот, ќе престанат да бидат работници и од високо ќе почнат да ги гледаат луѓето кои работат напорно. Оттогаш па натаму тие нема да го претставуваат народот туку себеси, и своите претензии да владејат со народот“. Според тоа, рекол Бакунин, кога работниците ќе ја освојат државата, би требало да ја уништат засекогаш.

Проникливите предвидувања на Бакунин дека социјалистичката револуција ќе ја наведе државната власт да зајакне, а не да исчезне, се исполнија во дваесеттиот век.

 

Бакунин - „Папата на анархизмот“

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Мирјана Лозановска и Александар Јосифовски
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Marvin Perry, An Intellectual History of Modern Europe 

ЕУ река (28): Алексис де Токвил

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото