Војната и... часовникот

07.02.2020 00:58
Војната и...  часовникот

Британски рововски часовник од 1916 година

Во 1914 година времето не течело исто за секого. Војниците итале кон регрутните центри, весело задолжувале униформи во Париз, Берлин, Виена, на Хиподромот во Белград. Меѓу првите завојувале Парижаните и Берлинците во таканаречените гранични борби. А само неколку недели пред тоа мислеле дека војната ќе биде нешто најубаво што некогаш им се случило. Испратени со паради, посматрачи на терасите и шпалири на улиците, со борбени и патриотски песни; девојките им ставале цвеќиња во цевките на пушките и времето за сите регрути од завојуваните страни поминувало мошне брзо во првите денови од мобилизацијата во Големата војна.

А потоа сѐ се променило и времето почнало да тече мошне, мошне бавно. Првите војници сфатиле дека се фатени во замка и дека војната нема да наликува на малку марширање и парадирање со воена музика. Сите кои на своите најмили на булеварот Шанзелизе или булеварот Унтер ден линден им ветувале победничко враќање до Божиќ 1914 година, сфатиле колку погрешиле.

Кал, студена куша, вошки и, згора на сѐ, смрт - смрт во најразлични и најстрашни форми. Сето тоа ги запрело психолошките часовници и секој војник уште на почетокот на 1915 година мислел дека го живее само сегашниот момент. Навечер сум жив - утре е нов ден. Загинаа сите мои пријатели од водот, а јас сум недопрен: тоа е среќа на лотаријата на животот. Легни! Потрчај! Те промашиле куршумите. Утре е нов ден.

Кој би размислувал на часовници во такво опкружување. Сепак, војниците ги носеле. Повеќето војници Французи, Германци и Австријци имале часовници; во српската војска часовници имале офицерите и подофицерите - и сите часовници биле џебни, закачени за сребрено синџирче и ставени во внатрешниот џеб од мундирот.

До почетокот на Големата војна мажите речиси по правило не носеле други часовници освен џебни. Германците во џебовите најчесто имале швајцарски „шафхаузен“, Американците „валтам“, Французите „савонет“. Сепак, џебните часовници се покажале како непрактични. Војникот не можел во исто време да носи оружје и да гледа во часовникот. Освен тоа, иако имале поклопци, лесно се кршеле при брзото легнување во засолниште или за време на борбите гради в гради. Поклопецот често се кршел, се кршело и стаклото, а вретената и запчаниците на часовникот се распрснувале небаре тој загинувал во борба...

Тогаш на сцената стапуваат рачните часовници. Иако нивното производство почнува неколку години пред Големата војна, првата масовна примена ја имале во првиот светски конфликт на човештвото во 20 век.

Часовникот Валтам на американските војници

А како почнало сето тоа?

Првата потреба од рачни часовници ја искажале пионерите на воздухопловството. Бразилецот Алберто Сантош, еден од првите воздухопловни асови, го замолил својот париски пријател Луј Картје за него да направи часовник кој лесно ќе се носи околу рачниот зглоб и ќе биде корисен во текот на летот. Тоа било време кога европските денови веќе почнале да мирисаат на барут, но старите навики и тогаш умирале тешко, исто како и денес. Еден современик запишал:

„Да се носи часовник околу зглобот на раката е исто како и да се носи во уста“!

И затоа и во Големата војна се тргнувало со стотици илјади џебни часовници и практично со ниеден рачен. Но, рачните часовници незапирливо се приближувале кон фронтот. Првиот рачен часовник кој го добила британската војска меѓу војниците бил познат под називот „рововски часовник“. Првите американски војници исто така пристигнуваат опремени со првите воени рачни часовници „валтам“. Предностите од употребата на ваквите часовници се покажале веднаш. Офицерот во исто време можел да го држи непријателот на нишан и да гледа во часовникот. Тоа било од пресудна важност при усогласувањето на времето на нападот.

Но не мирувале ни сомничавите кои тврделе дека носењето рачен часовник е исто толку неповолно како и тој да се држи во уста. Првите рачни часовници имале стакло кое се кршело лесно, па нивните противници тврделе дека при детонациите во близина на војниците часовникот можел да се распрсне, а неговото стакло, како гелерите, да се распрсне во лицето на војникот!

Затоа произведувачите го направиле првото непробојно стакло за часовник, а занаетлиите на „валтам“ отишле и чекор понатаму и, како што може да се види на сликата, направиле не само досетлив, туку и мошне складен оклоп од дванаесет лепезни метални отвори кои потсетуваат на цвет. Ова го прифатил и Картје. Кога ги видел првите тенкови „Рено“ кои се упатуваат кон боиштето, овој славен париски произведувач на скапоцености и часовници направил сопствен „тенковски оклоп за часовник“ кој сепак не бил толку складен како оној на „валтам“ и, како што рече еден современик, повеќе наликувал на поклопец за печка отколку на поклопец за рачен часовник.

Реклама за рачен часовник од 1918 година

Часовник за „девојчиња“

Меѓутоа, и една статусна потешкотија на почетокот го спречувала ширењето на рачните часовници меѓу војниците. Непосредно пред Големата војна, рачни часовници носеле главно жените, па вистинските мажишта меѓу војниците (оние со џебни часовници) ги исмевале своите другари со рачни часовници дека се како „девојчиња“. Но, и покрај тоа „девојчињата“, а меѓу нив и најпознатите војсководци, како британскиот командант Даглас Хејг, сѐ почесто носеле рачни часовници. Затоа на пазарот пред крајот на Големата војна влегуваат и подоцна познатите произведувачи „ролекс“, „лонжин“, „зенит“, „омега“, и многу други.

Така во Големата војна времето почнало да се мери прецизно, но дали тоа субјективно им минувало брзо или бавно на војниците? На ова прашање морал да одговори секој војник за себе. Се знае дека во текот на овој крвав конфликт имало уште (зло) употреби на часовниците. Во досетливото нервирање на противниците најдалеку отишле французите. Во 1916 година забележани се неколку случаи на истовремено ѕвонење на будилници на различни делови од Западниот фронт. Будилниците ѕвонеле точно напладне и излудувајќи ги германските војници кои прво мислеле дека станува збор за уште еден напад со хемиско оружје, а потоа, кога виделе дека ѕвонењето на упатува на ништо, почнале да раскажуваат најразлични приказни зошто ѕвонат будилниците, вклучувајќи ја и онаа дека ѕвонењето ги обележува оние кои ќе загинат тој ден...

Да се има часовник или не - недоумицата можеби не била толку драматична како да се има гас маска или не, но често ја обележувала разликата помеѓу животот и смртта. Колку долго преживеале првите рачни часовници од Големата војна? Ги има и денес понекогаш на аукциите. Достигнуваат цена од 150 евра (расипани), па до неколку илјади евра за првите примероци „ролекс“ со стрелка која ги покажува часовите. Секако, ако се исправни и сѐ уште го покажуваат времето.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Свет / Историја
Свет / Технологија / Историја
Фотографија / Свет / Технологија / Филм
Општество / Свет / Технологија
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото