Бакунин, лажниот пророк

07.02.2020 15:35
Бакунин, лажниот пророк

Реакција на текстот ЕУ река (29): Михаил Бакунин

Марвин Перви во својата книга „An Intellectual History of Modern Europe“ поентира дека „Проникливите предвидувања на Бакунин дека социјалистичката револуција ќе ја наведе државната власт да зајакне, а не да исчезне, се исполнија во дваесеттиот век.“ Погоре во истиот текст Марвин Перви „аргументира“: „Маркс и Бакунин не се сложувале околу значајното прашање на стратегијата. Маркс сакал да ги организира работниците во масовни политички партии; од друга страна, Бакунин сметал дека револуциите треба да ги водат тајни организации на фанатични бунтовници. Бакунин се плашел дека, откако ќе го отфрлат капиталистичкиот режим и ќе ја преземат власта, марксистите ќе станат нови господари и експлоататори, користејќи ја државата за да ја зголемат својата моќ. Тие ќе станат, како што рекол, „привилегирано малцинство… поранешни работници, кои, откако ќе станат владејачи и претставници на народот, ќе престанат да бидат работници и од високо ќе почнат да ги гледаат луѓето кои работат напорно. Оттогаш па натаму тие нема да го претставуваат народот туку себеси, и своите претензии да владејат со народот“. Според тоа, рекол Бакунин, кога работниците ќе ја освојат државата, би требало да ја уништат засекогаш.“

Во писмото до Јозеф Вајдемаер (од 5 март 1852), Маркс отворено се залагал за диктатура на пролетаријатот, односно зајакнување на државната власт во рацете на работничката класа организирана во комунистичка партија. Според тоа, историските настани од 20-от век само го потврдија предвидувањето на Маркс, а не тоа на Бакунин!

„Што се однесува до мене, немам заслуга во откривањето на постоењето на класите во современото општество или борбата меѓу нив. Многу одамна пред мене, буржоаските историчари го опишале историскиот развој на оваа класна борба, а буржоаските економисти економијата на класите. Она што јас го придонесов како ново е што докажав: (1) дека постоењето на класите е единствено поврзано со одредени историски фази во развојот на општеството, (2) дека класната борба неопходно води кон диктатура на пролетаријатот, (3) дека самата оваа диктатура само го сочинува преминот кон укинување на сите класи и бескласно општество.“ (Маркс до Јозеф Вајдемаер)

Постоењето на класите во современото општество не може да се негира, како што не може да се негира нивната меѓусебна борба, таа борба меѓу класите одамна пред Маркс, како што самиот тој нагласува во писмото до Јозеф Вајдемаер, ја објасниле капиталистичките историчари. Она што Маркс го докажа, а што Бакунин, или Јасна Котеска во нејзиниот поговор кон македонското издание на Архипелагот Гулаг III од Александар Солженицин, не го побиле е дека оваа класна борба неизбежно води кон организирање на диктатура на пролетаријатот во самоодбрана од капиталистичката класа, внатрешна и надворешна. За време на граѓанската војна Советската држава била нападната од армии на 14 капиталистички држави, вклучително и домашните белогардејци! Природната реакција на самоодбрана од страна на младата советска република бил воениот комунизам. Бакунин и Јасна Котеска не го побиле фактот дека таа дефанзивна диктатура на пролетаријатот е само премин кон уништување на експлоатациските класи и кон социјализам односно бескласно општество.

Диктатурата на пролетаријатот има и своја историска оправданост како општествена самозаштита од специјалната војна против СФРЈ. На пример, Јасна Котеска симултано запаѓа во противречност со тоа што ја прифаќа антифашистичката борба на физичко уништување на непријателот додека ја отфрла антикапиталистичката борба на физичко уништување на сите хибридни елементи на странска и внатрешна реакција коишто се служеле со најрационални видови на субверзија и терор во послевоена Југославија (види Иван Бабановски, Југославија како објект на специјалната војна, Млад Борец, Скопје, 1982 год.). Овие помодарски „левичари“ односно либерали, како да заборавија на славната реченица од „Комунистичкиот манифест“ дека историјата на секое досегашно општество е историја на класните борби“, дека „буржоаските историчари одамна … го изложија историскиот развиток на таа борба меѓу класите“. Јасна Котеска, фригидната критичарка на советскиот комунизам, класно свесно како членка на ситната буржоазија или несвесно поради простодушност, го игнорира овој контекст на диктатурата на пролетаријатот.

Нормално, за модерните, либерални сфаќања, диктатурата на пролетаријатот е вчудоневидувачка фраза, но треба да се има на ум дека со истата анализа, ние сме биле едно време и сѐ уште сега живееме под диктатура на буржоазијата (живи докази се мартирите на слободата како Мумиа Абу-Џамал, Лин Стеварт и Челзи Менинг). Според Маркс и Енгелс, постоењето на која било влада подразбира диктатура на една општествена класа над друга. Според тоа, без да заобиколуваме со јазикот на политичката коректност, суштинското прашање е која класа е во доминирачка улога, а не класификацијата на авторитарност!!!

Маркс никогаш не стоел на становиште дека дури и во комунизмот ќе дојде до некое утописко општество, во кое секој поединец ќе биде неограничено слободен. Една мера на организација, односно една мера на социјално посредување, секогаш ќе мора да постои. Тоа бил всушност стожерот на Марксовата мисла врз која Бакунин се нафрлил со сета острина. Додека Маркс сметал дека државата постепено ќе одумира се’ додека не се зададе конечен смртоносен удар на светската буржоазија, но кој процес на одумирање на државата, под раководство на свесните сили на слободните производители сепак ќе има свој краен успешен исход, Бакунин истакнувал дека државата треба да се укине, така да се каже, преку ноќ, дека треба да се уништи со експлозија на бунтот на масите, дека со таа експлозија државата треба да се распарчоса (а замислете си како ќе им годи тоа на соседните капиталистички земји), дека треба да се изврши слеп јуриш на масите врз сe` што постои и дека треба да се уништи секоја организација во општеството. Но, на прашањето – што останува потоа?? – Бакуњин никогаш не одговорил. Кога ќе се уништи се`, што останува? Отприлика, како денес прашањето – што ќе остане по нуклеарната војна?

Анархизмот беше и остана утопија, лош сон за наполно слободен поединец кој живее надвор од организацијата, за поединец кој својата апсолутна слобода ја доживува како изолираност од општеството и кој непомирливо му е спротивставен на општеството. Маркс, напротив, инсистира на една хумана организација на општеството, каде според познатата изрека од ,,Комунистичкиот манифест‘‘, слободата на поединецот ќе биде услов за слободна заедница, каде, според тоа, меѓу поединецот и заедницата во комунистичката организација ќе постои усогласен и хармоничен однос.

Од времето на судирот меѓу Маркс и Бакунин, не е изведена ниедна анархистичка револуција, ниту е воспоставено ниедно анархистичко уредување. Значи, ако ја усвоиме познатата изрека, дека историјата е учителка на животот, тогаш токму историјата во таа смисла покажа во колкава мера Маркс имаше право во овој судир со Бакунин, во колкава мера мислеше историски и дијалектички, а не на утописки, мечтателен и анархистички начин.

Еден податок ќе биде доволен. Анархистите решително станаа против поддршката на Париската Комуна во 1871-та година, без оглед во колкава мера Париската Комуна имаше благородни цели во ослободувањето на пролетаријатот, зашто Маркс за неа пишуваше дека тоа е првиот облик што ја покажува можноста за ослободување на трудот, организирано! Но, Бакунин и неговите приврзаници, во времето кога ја развиваа својата идеологија, единствено најдоа поддршка во слојот на пролетаријатот што ја имаше изгубено надежта, што беше разочаран и деспериран и кого Маркс го нарекува лумпен-пролетаријат. Тоа се слоеви на пролетаријатот што никогаш не успеале да ја развијат класната свест. Оние слоеви кои не стигнале до сознанието за својата вистинска класна положба. Бакунин кај нив се обиде на демагошки начин да изнајде социјална основа за своето движење, проповедувајќи дека токму тој слој мора да ја предизвика експлозијата на гнев на масите која ќе ја разурне државната и политичката организација. Но, тој и тука историски промаши, зашто тој слој, немајќи развиена класна свест, никогаш не можеше да изведе организирана класна побуна, како што можат свесните слоеви на работничката класа.

ОкоБоли главаВицФото