ЕУ река (30): „Изгубените бели племиња“

08.02.2020 19:42
ЕУ река (30): „Изгубените бели племиња“

Приказната започнува 1791 година кога сопствениците на плантажите во тогашната француска колонија Сан Доминго одбиле да ја прифатат одлуката на Париз за укинување на ропството, по што робовите се побуниле. Тие, имено, наивно поверувале дека револуционерните властодршци во Париз радо ќе им ги подарат истите слобода, еднаквост и братство прокламирани во револуционерниот Париз. Но не било така. Колониите имале преголемо економско значење: шеќерот, какаото, кафето, тутунот, индигото и памукот со околу 7000 плантажи во Сан Доминго сочинувале две третини од целата француска прекуморска трговија.

Бунтот што избил после решителното одбивање на сопствениците на плантажите прераснал во револуција и, како сите револуции, станал хаотичен. За оружје се фатиле не само робовите туку и сиромашните белци, мулати и марони - избеганите робови - групи кои повремено и меѓу себе се судирале. Сопствениците на плантажите веќе го назначиле тонот со своето сурово владеење, засновано на насилство, мачења, убиства и понижување. Бунтовниците жедно ја грабнале можноста да одговорат со иста мера. Резултат била граѓанската војна која дури и по тогашните мерила била мошне сурова. Сепак, не пресудиле теророт и масакрите туку фактот дека робовите и другите бунтовници успеале добро да се организираат и остро да се борат водени од својот надарен и бескрупулозен командант Тусен Лувертир - „црниот Наполеон“; тие прво ги совладале француските сили на островот, па потоа една шпанска инвазија, па една британска. Во 1802 година Наполеон решил дека е доста и наредил поход кон островот. Во напад се пратени, меѓу другите, и околу 4000 Полјаци, доброволци кои некогаш се собрале во Франција со надеж дека слободата на револуцијата ќе ја пренесат во својата земја.

Ентузијазмот на полските војници бил умерен. Не само што биле опремени со лошо оружје и со дебели униформи предвидени за европската не толку врела клима, туку откриле дека се доведени да се борат против тешко угнетувани луѓе кои, токму како и тие, се бореле единствено за својата слобода и независност. Околу 500 од нив 4000 ја промениле страната и кога новиот водач на револуцијата, суровиот и храбар Десален,* две години подоцна ја прославил конечната победа забранувајќи им на белците да живеат на островот - параграфот е спроведен со масовно убиство на сите преостанати Европјани - тој тие Полјаци, кои толку добро му служеле, посебно ги издвоил од одредбата. И така тие таму останале.

Janvier Suchodolski - Битката за Сан Доминго (Битката кај брдото на палмите), 1845

Денес повеќето потомци на полските војници живеат изолирано, високо на неплодно и голо брдо, кое луѓето самите го соголеле во текот на вечното собирање дрва. Нивниот град, Касалес, нема струја, телефон, ни текушта вода. Нема школо, не постои амбуланта, ни продавница, нема плоштад, нема дури ни пат.; повеќето куќи има ѕидови од набој (набиена земја) и кровови од палмино лисје и расфрлани се без никаков план. Вистина, има неколку постари куќи од тули, изградени во „чуден стил кој повеќе потсеќа на Тирол отколку на Карибите“, и една камена црквичка која во почетокот на 19 век ја подигнале првите полски војници, но и таа се урушила од старост и неодржување. Вековите на вкрстување тие луѓе ги направиле послични со нивните соседи во долината, но цртите под сè потемната кожа и понатаму се словенски; многумина имаат зелени или сини очи и права коса која се прелева во руса, коса што жените и понатаму ја плетат во кики, како што Полјачките правеле пред 200 години.

Тие Polonaises живеат во најстрашна беда. Повеќето ги презираат; малкуте белци ги сметаат за премногу црни, а црните ги сметаат за премногу бели. Тие одамна го изгубиле својот јазик и - веројатно зашто повеќето војници не знаеле ни да читаат ни да пишуваат - нивното сопствено потекло им изгледа како магловит и збунувачки мит од онаков вид кој ги одбележува сите народи без пишувана историја. Во склад со тоа, тие се сеќаваат на минатото доволно за тоа да ги измачува, но премалку за да им послужи како патоказ. Голем дел од нивното време поминува, во тропската врелина, во чекање на спасот кој ќе дојде од Lapologne; ја чекаат пораката од далечна земја која никој не ја видел и која ни нема да ја види. (Нивниот култ на чекање доби ненамерна сурова поддршка во 1983 година, кога папата со полско потекло го посети Хаити и кога една набрзина составена делегација на Polonaises - која ја одвезле до аеродромот во Порт-о-Пренс и им дале полски знаменца од картон - можеше за миг да го сретне.)

Тоа не е единствен пример на она што Италијанецот Рикардо Оризио го нарече tribu bianche perdute, „изгубените бели племиња“. Имаме и околу 4500 Португалци кои сè уште живеат во својата мала енклава во бивша Малака; имаме Французи во Пондичери, чија историја во Индија досега сè до средината на 17 век; ги имаме германските менонити** во Белизе на Јукатанскиот полуостров; ги имаме confederados во Бразил, потомци на војниците на Конфедерацијата кои, разочарани, се иселиле на југ по поразот во северноамариканската граѓанска војна; тие сè уште на ѕидовите ги држат портретите на Роберт Е. Ли и на забавите своите момчиња ги облекуваат во познатите сиви униформи; ги имаме Швеѓаните во Украина. А во Авганистан постојат веројатно најстарите остатоци од сите тие преселени луѓе: Гавурите, бледоликите потомци на грчките војници кои марширале со Александар Велики тогаш кога тргнал на крај на светот, но кои таму и останале.

Toussaint Louverture, 1805

* Во таа 1802 година Тусен Лувертир (François-Dominique Toussaint-Louverture; 1743-1803) на измама бил киднапиран и со брод префрлен во Франција и затворен во тврдината Же (во Јурските планини), каде што во април 1803 година умрел од лошо постапување, глад, осаменост и разочарување. Неговиот наследник Десален се именувал за цар на Хаити под името Жан-Жак I. Тој го присвоил споменот на револуцијата за себе и, меѓу другото, забранил да се спомнува името на Лувертир. По теророт кој траел неколку години, во 1806 избила нова побуна, сега насочена кон новиот цар, кого бесната толпа го тепала, мачела и шутирала до смрт.

** Припадници на германско протестантско пацифистичко движење произлезено од анабаптизмот од 16 век.


Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јисифовски
Извор: Петер Енглунд, Мали истории, 1991. 

ЕУ река (29): Михаил Бакунин

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото