(Креветот на кој легнав вечерва ми е тесен и кус...)

10.02.2020 12:22

Креветот на кој легнав вечерва ми е тесен и кус
Во првата дома е, кај што се познатите ткаени ќебиња и мирис на жолт јасмин
А јас не сум истата, проширена сум и издолжена
сама на себеси изложена
Како музејски експонат во сопствените ѕидови
Не успевам ни да заспијам - нешто ме боде во утробата
Тоа детето во мене се пробива
Сака да излезе на виделина
Да застане крај полиците со книги и да листа и глода зборови од енциклопедиите
Одамна немам дојдено дома,
Книгите си се чуваат самите, не ми пререкуваат
Се трудам да се смалам како кога бев мала
И ми студеше ако ми се откриеја стапалата.
Не читам енциклопедии, но знаењето го барам меѓу страниците сон
Се тарашкам меѓу два грчевити кошмари и сеќавања на детството
И не заспивам.
Го слушам силниот дрвосечачки ѕвон.
Татко ми 'рчи.
Мајка ми поткашлува.
Дете сум меѓу нив, будно.
Детето мое спие меѓу нив, заспано.
Јас сум во другата соба
Креветот на кој легнав вечерва ми е тесен и кус.
Одамна сум заминала од оваа форма.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото