Оскаровскиот говор на Хоакин Феникс

10.02.20 12:06

Хоакин Феникс освои Оскар за најдобра машка улога за филмот „Џокер“. Неговиот говор го привлече вниманието на јавноста.

„Во моментов сум исполнет со многу благодарност. Не се чувствувам над другите номинирани или кој било во просторијава бидејќи сите ја делиме истата љубов - тоа е љубовта кон филмот. А оваа форма на изразување ми подари неверојатен живот. Не знам каде би бил без него.

Но, мислам дека најголемиот подарок, но и на многумина во оваа индустрија е можноста да го употребиме нашиот глас во име на обезгласените. Размислував за некои вознемирувачки проблеми со кои колективно се соочувавме.

Понекогаш мислам дека мислиме или сме принудени да мислиме дека се бориме за различни каузи. Но, јас гледам заедништво. Без разлика дали зборуваме за родова нееднаквост или расизам, или права на сексуалност, или права на припадност, или права на животните, зборуваме за борба против неправдата.

Зборуваме за борбата против верувањето дека една нација, еден човек, една раса, еден пол, еден вид има право да доминира и да ги користи и контролира другите без да биде казнет.

Мислам дека веќе не сме поврзани со природниот свет. Многумина од нас гледаат на светот од егоцентрична точка и мислиме дека сме центар на универзумот. Одиме во природниот свет и му ги ограбуваме ресурсите. Сметаме дека имаме право вештачки да оплодиме крава и да ѝ го украдеме бебето, иако нејзините крици на болка се незапирливи. Потоа го земаме нејзиното млеко, кое е наменето за нејзиното теле и го ставаме во нашето кафе и во нашите житарки.

Се плашиме од идејата за лична промена бидејќи мислиме дека треба да жртвуваме нешто, да се откажеме од нешто. Но, најдобрите човечки суштества се креативни и иновативни и ние може да создаваме, развиваме и имплементираме системи за промена кои имаат поволности за сите суштества со чувства и за околината.

Бев никаквец целиот мој живот, бев себичен. Понекогаш бев суров и тежок за соработка и сум благодарен што многу од вас во оваа просторија ми дале втора шанса. Мислам дека тогаш сме најдобри - кога меѓусебно се поддржуваме. Не кога се откажуваме од некого поради грешките во минатото, туку кога си помагаме еден на друг да напредуваме. Кога меѓусебно се едуцираме, кога се водиме заедно до откупувањето.

Брат ми го напиша ова кога имаше 17 години. Тој рече: „Трчај кон спасот со љубов и ќе имаш мир“.

 

Извор: You tube

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото