Конфликт на два капитализми (1)

10.02.2020 14:32
Конфликт на два капитализми (1)

 

Капитализмот владее со светот. Со исклучок на неколку мали исклучоци, целата планета сега го организира производството на ист начин: работата е доброволна, капиталот предимно е во приватни раце, производството е координирано на децентрализиран начин и е мотивирано од профитот.

За ваквиот триумф не постои историски преседан. Во минатото, капитализмот - без разлика дали оној во Месопотамија во шестиот век пред новата ера, во Римското царство, во италијанските градови-држави во средниот век, или во холандските предели во раното модерно доба - морал да коегзистира со други видови организации на производството. Овие алтернативи ги вклучувале ловот и собирањето, малите поседи кои ги обработувале слободните селани, феудализмот и ропството. Дури и до пред стотина години, кога со напредокот на индустриското производство и глобалната трговија се појавил првиот облик на глобализиран капитализам, многу од овие начини на производство постоеле. Потоа, после револуцијата во Русија 1917 година, капитализмот го делел светот со комунизмот, кој владеел во земјите со приближно една третина од човештвото. Сепак, капитализмот сега е единствениот преостанат вид производство.

Сѐ почесто меѓу коментаторите на Западот се слуша дека постојниот поредок е „доцен капитализам“, дека овој економски систем е на раб на исчезнување. Други сметаат дека пред капитализмот повторно се испречи оживеаната закана од социјализмот. Но неизбежна вистина е дека капитализмот е тука, дека нема да исчезне, и дека нема конкуренти. Општествата ширум светот го прифатија натпреварувачкиот и алчен дух кој е инхерентен за капитализмот, без кој платите се намалуваат, сиромаштијата расте, а технолошкиот развој се забавува. Наместо тоа, вистинската битка се одвива во рамки на капитализмот, помеѓу два модела кои се борат за превласт.

Во историјата често се случувало триумфот на еден систем или религија набрзо да биде проследен од шизмата помеѓу различните варијанти на едно исто верување. Откако христијанството се проширило ширум Медитеранот и Блискиот исток, се раскинало со свирепите идеолошки спорови кои најпосле довеле до голем раскол во оваа религија помеѓу Источната и Западната црква. Така било и со исламот, кој по вртоглавата експанзија веднаш се поделил на шиитска и сунитска гранка. А комунизмот, ривалот на капитализмот во дваесеттиот век, не бил монолитен предолго, разводнувајќи се на советска и маоистичка верзија. Во овој поглед, капитализмот е сличен: сега го протресуваат два модели, различни во своите политички, економски и општествени погледи.

Во државите од западна Европа и Северна Америка, како и во низа други земји како Индија, Индонезија и Јапонија, доминира либерално-меритократски облик на капитализмот: систем кој концентрира поголем дел од производството во приватниот сектор, кој наоколу овозможува искажување на талентот и кој се обидува да гарантира еднакви шанси за сите, преку мерки како што се бесплатното образование или данокот на наследство. Под рака со овој систем постои и политички модел кој го предводи државата. Негов епитом е Кина, но се појавува и во други делови од Азија (Мјанмар, Сингапур, Виетнам), во Европа (Азербејџан, Русија) и во Африка (Алжир, Етиопија, Руанда). Овој систем на прво место го става повисокиот економски раст и ги ограничува политичките и граѓанските права.

Овие два видови капитализам - со САД и Кина како водечки примери - неизбежно се натпреваруваат токму зашто се толку испреплетени. Азија, западна Европа и северна Америка, кои се дом на 70 проценти од светската популација и 80 проценти од економското производство, се во постојан контакт преку трговијата, инвестициите, протокот на луѓе, трансферот на технологија и размената на идеи. Тие врски и судири го одгледаа натпреварот помеѓу Западот и делови од Азија, а тој стана поинтензивен заради разликите во моделите на капитализмот. Овој натпревар - а не оној помеѓу капитализмот и некој алтернативен економски систем - ќе ја одреди иднината на глобалната економија.

Во 1978 година, речиси 100 проценти од економското производство на Кина беше во јавниот сектор; таа бројка сега падна под 20 проценти. Во денешна Кина, како и во потрадиционалните капиталистички држави од Западот, средствата за производство се наоѓаат главно во приватни раце, државата на компанииите не им наметнува одлуки за производството и цените, а повеќето работници работат за плата, Кина е капиталистичка според сите овие тези.

Капитализмот денес нема ривал, но овие два модели нудат значајно различни начини за структурирање на политичката и економската моќ во едно општество. Политичкиот капитализам им дава поголема автономија на политичките елити, ветувајќи им повисоки стапки на раст на обичните луѓе. Економскиот успех на Кина го поткопува ставот на Западот дека мора да постои јасна врска помеѓу капитализмот и либералната демократија.

Либералниот капитализам има многу познати предности, а најважни се демократијата и владеењето на правото. Овие две одлики се доблести сами по себе и на двете може да им се припише влијанието на брзиот економски раст, заради промовирање на иновациите и општествената подвижност. Но овој систем се наоѓа пред огромен предизвик: појава на самодоволна висока класа и растечка нееднаквост. Денес ова претставува најголема закана за долгорочната одржливост на либералниот капитализам.

Во исто време, кинеската влада и другите држави со политички капитализам мораат постојано да создаваат економски раст за да го легитимизираат своето владеење, што е обврска која би можела да биде сѐ потешка и потешка за исполнување. Државите со политички капитализам мораат да се обидат и да ја ограничат корупцијата, која е инхерентна на овој систем, и нејзиниот комплемент - забрзаната нееднаквост. Вистински тест за овој модел ќе биде способноста да се заузда растечката класа капиталисти која умее да се спротистави на моќта на државната бирократија.

Додека другите делови од светот (пред сѐ африканските земји) се обидуваат да ги трансформираат своите економии и да го покренат растот, тензиите помеѓу двата модели ќе дојдат во посилен фокус. Ривалитетот помеѓу Кина и САД често се посматра на прост геополитички начин, но во својата суштина тој повеќе наликува на туркање две тектонски плочи чие триење ќе одреди како ќе изгледа капитализмот во векот што доаѓа.

Либералниот капитализам

Глобалната доминација на капитализмот претставува една од двете епохални промени на денешниот свет. Втора е ребалансирањето на економската моќ помеѓу Западот и Азија. Прв пат од Индустриската револуција, платите во Азија се приближуваат до оние во западна Европа и Северна Америка. Во 1970 година Западот имаше само 56 проценти од светското економско производство, а Азија (вклучувајќи ја и Јапонија) вкупно 19 проценти. Денес, речиси три генерации подоцна, овој однос е променет - 37 наспроти 43 проценти - најмногу благодарение на вчудоневидувачкиот економски раст во земјите како Кина и Индија.

Западниот капитализам создаде технологија за информирање и комуникација која овозможи нов бран глобализација во доцниот дваесетти век, период кога Азија почна да го намалува заостанувањето зад „глобалниот Север“. Првобитно закотвена во имотноста на западните економии, глобализацијата доведе до ремонт на полумртвите структури и до огромен раст во многу азиски земји. Глобалната нееднаквост на приходите значително падна во однос на деведесеттите години од минатиот век, кога глобалниот коефициент Џини (мерило за дистрибуција на приходите, во кое нулата означува совршена еднаквост, а единицата совршена нееднаквост) беше 0,70; денес е околу 0,60. Тој ќе продолжи да паѓа како што ќе растат приходите во Азија.

Иако нееднаквоста помеѓу земјите се намалува, таа во рамки на државите - особено оние на Запад - расте. Коефициентот Џини во САД порасна од 0,35 во 1979 година, на околу 0,45 денес. Овој пораст на нееднаквоста во голема мера е последица на глобализацијата и нејзините ефекти на поразвиените економии на Западот: слабеење на синдикатите, гаснење работни места во производството и стагнација на платите.

Либералниот меритократски капитализам трае во последните 40 години. Него најдобро ќе го разбереме ако го споредиме со другите две варијанти: со класичниот капитализам, кој беше доминантен во 19 и раниот 20 век, и со социјалдемократскиот капитализам, кој ги дефинираше државите на благосостојбата во западна Европа и Северна Америка од Втората светска војна до раните осумдесетти години на минатиот век.

За разлика од класичниот капитализам од 19 век, кога богатството зависело од сопственоста, а не од трудот, богатите поединци во сегашниот систем го имаат и капиталот и трудот - значи, тие создаваат приходи од инвестициите и трудот. Тие исто така стапуваат во брачни односи и создаваат семејства со партнери со слична образовна и финансиска позадина, што е феномен кој социолозите го нарекуваат „асортативно парење“. Во класичниот капитализам, луѓето на врвот од распределбата на приходите главно биле финансиери, а денес се високо платени менаџери, веб-дизајнери, лекари, инвестициски банкари и други врвни професионалци. Овие луѓе работат за да имаат големи плати, но без разлика дали заради наследство или штедење, и тие имаат големи приходи од својот финансиски имот.

Во либералниот меритократски капитализам општествата се поеднакви отколку што биле во фазата на класичниот капитализам, жените и етничките малцинства имаат повеќе шанси да бидат работна сила, а социјалната помош и социјалните трансфери (платени од даноците) се користат за да се ублажи најголемиот пустош од акутната концентрација на богатството и привилегиите. Либералниот меритократски капитализам ги наследи овие мерки од својот директен претходник, социјалдемократскиот капитализам.

Овој модел беше изграден околу индустриската работна сила и се одликуваше со моќна присутност на синдикатите. Тие ќе одиграат голема улога во намалувањето на нееднаквоста. Социјалдемократскиот капитализам владееше во ера во која се усвоени закони како Gi Bill и Договорот од Детроит од 1950 година (договор за работниците во авто-индустријата) во САД, и економскиот бум во Франција и Германија, каде приходите пораснаа. Растот беше распореден рамномерно; населението имаше корист од полесниот пристап до здравствената заштита, недвижните и евтиното образование; повеќе семејства можеа да се искачат на економската скала.

Но природата на работата значително се промени со глобализацијата и со либерално-меритократскиот капитализам, особено кога станува збор за дисперзијата на индустриската работна класа и слабеењето на синдикатите. Од доцниот 20 век, уделот на приходите од капиталот во вкупниот приход растеше - што значи дека капиталот и капиталистите станаа позначајни од работниците и трудот, и со самото тоа освојуваа сѐ повеќе економска и политичка моќ. Тоа исто така значи и раст на нееднаквоста.

Болеста на западот

Актуелниот систем доведе до разновидност кај елитите (и во поглед на полот и во поглед на расата), но уредувањето на либералниот капитализам истовремено како последица има и пораст на нееднаквоста и прикривање на еднаквоста под велот на заслугите. Поверодостојно отколку нивните претходници од „појдовното доба“, најбогатите луѓе од денешницата можат да тврдат дека нивниот статус зависи од нивниот труд, што ги прикрива предностите кои им ги обезбедиле системот и општествените трендови кои ја отежнуваат општествената подвижност. Во последните 40 години почна да расте семиперманентната висока класа која сѐ повеќе е изолирана од остатокот од општеството. Во САД 10 проценти од сопствениците на богатството во своите раце држат повеќе од 90 проценти од финансиските средства. Владејачката класа е високообразована, многу нејзини членови работат, а нивните приходи од таа работа главно се високи. Тие веруваат дека го заслужуваат високиот статус.

Овие елити многу вложуваат во своето потомство, но и во стекнувањето политичка контрола. Со инвестирањето во образованието на своите деца, оние на врвот на следните генерации и нивната фела им овозможуваат да одржат високи приходи од трудот и да го одржат елитниот статус кој вообичаено доаѓа со знаењето и образованието. А со вложување во политичко влијание - во избори, тинк-тенкови, универзитети и слично - тие се грижат дека токму тие ќе бидат оние кои ќе ги одредат правилата за наследување, за финансискиот капитал да може лесно да се пренесе на следната генерација. Овие две нешта во содејство (стекнатото образование и пренесениот капитал) доведуваат до репродукција на владејачката класа.

Формирањето недопирлива висока класа е невозможно без политичката контрола која ја врши оваа класа. Во минатото ова се случувало на природен начин: политичката класа главно се состоела од богати луѓе, па постоела одредена истоветност на погледите и интересите на политичарите и останатите богаташи. Тоа веќе не е случај: политичарите денес доаѓаат од различни општествени класи и поднебја, а многу од нив споделуваат многу малку вредности - ако воопшто ги имаат - со богатите. Претседателите Бил Клинтон и Барак Обама во САД и Џон Мејџор во Обединетото Кралство дојдоа од скромни семејства, но мошне ефективно ги поддржуваа интересите на оној еден процент луѓе на врвот.

Во модерната демократија богатите ги користат своите парични прилози за политичарите и за финансирање или директна сопственост над тинк-тенковите или медиумите за да ја купат економската политика која им оди во прилог: пониски даноци на повисоки приходи, поголемо ослободување од даноци, поголеми поволности заради буџетски намалувања во корпоративниот сектор, помала регулатива итн. Повторно, оваа политика ја зголемува извесноста дека богатите ќе останат на врвот и ја формира најсилната алка во ланецот кој поврзува поголем удел на капиталот во приходот на една држава со создавање висока класа која си служи самата себеси. Ако високата класа не се обидува да се занимава со политика, таа и натаму би имала мошне силна позиција; кога троши пари на изборни процеси и создава сопствени институции на цивилното општество, нејзината позиција станува речиси недопирлива.

Како што елитите во либерално-меритократиските капиталистички системи се вкопуваат во своите ровови, така остатокот од општеството почнува да ги посматра со нетрпеливост. Незадоволството од глобализацијата на Западот најпрвин е предизвикано од расцепот помеѓу малобројните припадници на елитите и масите кои немале многу корист од глобализацијата и кои, без разлика дали е тоа точно или не, глобалната трговија и имиграцијата ги гледаат како причина за своите проблеми. Оваа ситуација морничаво потсетува на она што се нарекуваше „дисартикулација“ во земјите од Третиот свет во седумдесеттите години од минатиот век, како што видовме во Бразил, Нигерија и Турција. Бидејќи тамошната буржоазија беше всмукана во глобалниот економски поредок, позадината остана занемарена. Болеста која требаше да ги погоди само земјите во развој изгледа дека се прошири на глобалниот Север.

кон вториот дел

Карикатури: Pavel Constantin
Извор: Nedeljnik (Beograd)
Превод: Алек Кузмановски

 

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото