ЕУ река (31): Балканците - мрачната страна на Европа?

10.02.2020 22:30
Балканците - мрачната страна на Европа

Лошата состојба на меѓусебните односи на Балканот не е нешто што се случува под стаклено ѕвоно. Појавата наречена процес на „верижно ориентализирање на другите“ на Балканот, еден одвратен обичај на прикажување на соседот како „поориентален“ од нас, карактеристична е за пошироката состојба на духот која ја именував како „балканизам“. Отвореното понижување кое произлезе од тој дискурс, а кое најсилно го чувствуваат интелектуалците, и понатаму ја влошува атмосферата на обесхрабреност во регионот бидејќи им дава тежина на два спротиставени стремежа: откажувањето од решавање на проблемите и целосно оддалечување од нив, од една страна, и уште поогорчен традиционалистички изолационизам и негување на синдромот на прогонетост, од друга страна. Потребни се крајна ненаметливост и деликатност, за идејата за југоисточноевропската соработка, под паролата дека Балканците мораат конечно да ја земат судбината во своите раце, да не биде сфатена како обид на наметнување мирољубиво однесување во гетото.

Пол Валери рече дека историскиот идентитет е растргнат меѓу лудите идеи за големината и делириумот на прогонувањето. Кога го критикуваме Балканот поради делириумот на прогонувањето, не смееме да заборавиме дека таа огорченост е само еден дел од неодвоивата европска дијада. Таа постои во соседството на луди идеи за величини во подобрата половина на Европа, но и поради нив.

Она што јас го дефинирам како балканизам е создавано постепено, за време на отприлика два века. Во 18-иот и 19-иот век, време кога Балканот беше откриван и истовремено измислуван, се појавија посебни обрасци на перцепција. Тие се искристализираа во специфичен дискурс (во Фукоова смисла) за Балканот дури некаде за време на Балканските војни и Првата светска војна. Следните децении тој доби дополнителни карактеристики, но тие додатоци беа повеќе работа на деталите отколку на суштината. Тој дискурс беше пренесуван во груби црти, а се пренесува и денес речиси непроменет. Тврдев и дека, за разлика од ориентализмот, кој претставува дискурс за импутираната спротивност, балканизмот е дискурс за импутираната амбивалентност. Бидејќи се наоѓаат некаде „помеѓу“, и се во состојба на премин од едно во друго, Балканците можеа едноставно да станат нецелосни други; наместо тоа, тие се конструирани како нецелосно јаство. За тоа постојат две причини: религијата и расата.

Бидејќи географски е неодделлив од Европа, а културно сепак конструиран како „другиот“ во рамките на неа, Балканот можеше лесно да апсорбира многу политички, идеолошки и културни фрустрации создадени од тензиите и противречностите својствени за регионите и општествата вон него.

Со текот на времето балканизмот стана згодна замена за емоционалното празнење кое дотогаш го пружаше ориентализмот, со што го ослободи Западот од обвиненијата за расизам, колонијализам, евроцентризам и нетолеранција на христијанството кон исламот. Бидејќи Балканците се наоѓаат во Европа, бели се, повеќето се христијани; според тоа, причината што тие станаа предмет на екстернализација на фрустрациите не можат да бидат расните и верските предрасуди. Како и во случајот со источњаците, на Балканците им беа припишувани негативните карактеристики наспроти кои беше конструирана позитивната и самозадоволна слика на „Европеецот“ и „западњакот“. Бидејќи Истокот и ориентализмот повторно станаа независни семантички вредности, Балканците останаа робови на Европа, антицивилизациски елемент, alter ego, нејзината мрачна страна.

(фрагмент од книга)

Избор: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Вез („куварица“): Ленка Зеленовиќ (НЕПРАКТИЧНЕ ЖЕНЕ)
Извор: „Кревање на минатото во воздух. Огледи за Балканот и Источна Европа“, 2010 година

Кон ЕУ река (30)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото