Доделени наградите за стрип „Лифт“ за 2019

11.02.2020 12:00
Доделени наградите за стрип „Лифт“ за 2019

Вчера, на 10.02.20., во скопското кафуле „Гаврош“ беа доделени наградите од втората „годишна награда за стрип Лифт“, за 2019 година. На настанот беа прикажани и таблите на трите најдобро оценети стрипови:

„Reborn“ од Јована Велинова;

„Hope“ од Џошкун Алиевски;

„Си беше еднаш еден човек“ од Александар Стеванов и Дарко Богданов.

Во име на жирито (Јана Јакимовска, Владимир Битољану и Никола Гелевски) на настанот зборуваше Гелевски, образложувајќи ги одлуките на жирито.

Во уводот на книгата во која се претставени сите десет стрипови пристигнати на конкурсот пишува:

„Радува што повеќето стрипови пристигнати на конкурсот се мошне солидни. Радува и шаренилото на темите и пристапите: меѓу десетте стрипови има и типични жанровски дела (Hope, Ironheart, Вулгарин...), уметнички експерименти (Дада, Мирен сон, -1С...), ангажирани дела (Синдром здрвување), психолошки и лирски записи со примеса на научна фантастика (Reborn)... Трите најдобро оценети стрипа само за нијанса се издвоија од другите (интересно е што дури осум стрипа, од десетте, добија по некој поен од четиричленото жири - што зборува за воедначеноста на конкуренцијата). Затоа ги охрабруваме и другите луѓе кои се занимаваат со стрип (не само почетниците и младите, туку сите!) годиниве пред нас да ни ги испраќаат своите дела. Така ќе ја зајакнуваме важноста на оваа награда, но, уште поважно, ќе ја зајакнуваме и релативно слабата македонска стрип сцена.“

Наградниот фонд на наградата Лифт изнесува 500 евра, но во книги, изданија на Темплум и Бункер. Гелевски вели: „Жал ни е што не обезбедивме парични награди, но такви се (мрачни) економските состојби во кои овде живееме низ годиниве. Што, се разбира, не нè спречува и понатаму да ги буткаме работите кои ги сметаме за важни и кои (и заради тоа се важни) можат барем малкуцка да ја променат земјава на подобро.“

Во продолжение од настанот пренесуваме десетина фотографии на Небојша Гелевски.

Јована Велинова

Џошкун Алиевски

Фотографии: Небојша Гелевски