ЕУ река (33): Европа - постнационална федерација

12.02.2020 22:35
ЕУ река (33): Европа - постнационална федерација

Етјен Балибар во своето предавање во Солун 1999 година предупреди дека „за судбината на европскиот идентитет денес се одлучува на Балканот (иако тоа не е единствената локација на неговото преиспитување)“ и дека Европа има две опции: „Или во балканската ситуација ќе ја препознае не монструозноста всадена во нејзините гради, патолошката ’последица’ од неразвиеноста или комунизмот, туку сликата или последицата на сопствената историја, и ќе почне да се соочува со неа, да ја решава и така самата себе да се доведува во прашање и да се трансформира. Дури тогаш Европа веројатно би почнала одново да станува можна. Или ќе одбие да се соочи самата со себе и ќе продолжи да го третира проблемот како надворешна пречка која може да се надмине со надворешни средства, помеѓу другото и со колонизација“ (Балибар, 2007).

Задачата на Европа е да создаде и консолидира една активна европска граѓанскост, којашто, како што вели Етјен Балибар, е ослободена од мистиката на идентитетот, од секоја илузија за нужноста на историското течение и, а фортиори, од секое верување во непогрешивоста на власта. За Балибар постојат три клучни активни принципи со кои се устројува граѓанскоста, односно демократската политика: тоа се еманципацијата, или колективното освојување на основните индивидуални права; општествената преобразба на структурите на доминацијата и односите на моќта; и најпосле, цивилноста, или произведувањето на услови и претпоставки, „теренски“ и „теориски“, за едно поинакво политичко дејствување воошто да биде можно.

Францускиот филозоф Балибар мисли дека е последен момент Европа да го фати курсот на постнационална федерација која ќе биде јавна управа, а не држава предводена од политичари и стручњаци. Според Балибар, за воопшто да опстане, но и за да го задржи глобалното влијание, Европа мора да ја осигура реалната еднаквост меѓу народите и да се бори против реакционерниот национализам.

Нов полет на општите демократски процеси, смета Балибар, не можат да дадат побожните говори за „граѓанската свест“, за „постнационалноста” или за „европскиот проект”, туку автономните мисловни и акциони иницијативи. Европа не може да биде создадена исклучиво одозгора, ниту може да биде препуштена на новите популизми кои божем конечно ја откриваат новата победничка формула: „ни левица, ни десница”. Според Балибар, во мислите, во инвенцијата, во борбите треба да отвориме цела низа градилишта на граѓанскоста. А смислата на денешниот интернационализам е во тоа на тие градилишта да им понуди максимум јасност и интензитет, за одново да се отворат можностите кои ги даваат историјата и политиката.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Цитатите се од книгата „Насиље и цивилност“ од Етјен Балибар, Београд 2011.

Кон ЕУ река (32)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото