Одбележен јубилејот на Музеј на Град Скопје

13.02.2020 14:37
Одбележен јубилејот на Музеј на Град Скопје

Музеј на Град Скопје вчера го одбележа својот јубилеј - седум децении постоење со промоција на монографијата „70 години Музеј на Град Скопје“, изложба и видеопроекција.

Во монографијата, која ќе ја промовира академик Вера Битракова-Грозданова, претставени се сите значајни предмети и уметнички дела од збирките на музејот, наведени се значајни настани и печатени изданија што се резултат на работата на неколку генерации музејски работници. По повод јубилејот, од 20 часот во Музејот ќе има и изложба и видеопроекција.

– Видеопрезентацијата преку фотографии во проекција од 360 степени, првпат изработена на нашите простори во 3Д-мапинг технологија и ја опфаќа музејската и галериската работа во изминатите седумдесет години поделена на декади. Во секоја декада, почнувајќи од основањето до денес, се презентира Музејот и неговата досегашна работа, соопшти МГС.

На изложбата е претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани (изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации…) и избор од најзначајните публикации во седумдесетте години од постоењето на институцијата.

Изложбата ќе може да се посети до 12 март 2020 година.

Градоначалникот Петре Шилегов присуствуваше на промоцијата на монографијата и рече дека е посебно горд што Град Скопје има вакава инстиуција.

„Таа во својата дејност вклучува повеќе компоненти: археологија, етнологија, историја, историја на уметност и архитектура; остварува богата научно-истражувачка дејност и врши собирање, чување, заштита и презентација на музејски материјал. Денеска е мигот кога вреди да ја споменеме и меѓународната активност на музејот. Во овие сали нашата публика имала можност да ги види делата на Дејвид Хокни, Марина Абрамовиќ, Оља Иваницки, големата изложба на германски експресионизам, Богатството на Романови…, а пак наши изложби гостувале во Јапонија, Англија, Германија, Романија, Турција, Грција… Исто така, Музејот од 2004 година па наваму е носител на македонскиот павилјон на престижното Венециско биенале, беше учесник на ЕКСПО-то во Лисабон 1998, а за посебна пофалба е минатогодишното учество на големата изложба во престижниот МОМА во Њујорк – рече Шилегов.

Тој додаде дека сево ова е доказ дека Музејот на град Скопје ја оправдува и ја потврдува својата мисија и визија и претставува значајна алка во заштитата, промоцијата и презентирањето на нашето културно наследство

„Оваа монографија по повод 70-годишнината од основањето на Музејот ќе посведочи и ќе го пренесува сето тоа. Посакувам овој простор да биде исполнет со големи изложби, а вам почитувани музејски работници ви пожелувам уште многу успеси во вашето работење на кои ќе се гордееме сите“, нагласи Шилегов.

Фотографии: Небојша Гелевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото