1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Во 2013 започна да се одбележува Светскиот ден на радиото, под покровителство на УНЕСКО, со цел да се подигне свеста во јавноста за радиото како медиум и за неговата улога и вредност, како и да се нагласи важноста на обезбедувањето пристап до информации преку радио.
Овој датум е избран во знак на сеќавање на 13 февруари 1946 година, кога е основано радиото на Обединетите нации. Според УНЕСКО, ова е можност за насочување на вниманието кон единствената вредност на радиото „кое денес останува медиум кој допира до најшироката публика и кој ги усвојува новите технолошки форми и уреди“.
Радиото е најприсутниот масовен медиум во светот до кој, благодарение на едноставната технологија, има пристап 95% од светската популација, вклучувајќи ги и оддалечените и маргинализирани општествени заедници. Според податоците на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), радио поседуваат повеќе од 75% од светските домаќинства.
Првата вистинска радио програма била емитувана на Божиќ, 1906 година, кога канадскиот пронаоѓач Региналд Фесенден, кој се наоѓал на крајбрежјето на Масачусетс, на виолина ја исвирел „Света ноќ“ и го прочитал описот на Христовото раѓање од Евангелието по Лука. Но повеќето слушатели на Фесенден биле радио оператори на бродовите во водите на Источниот брег на САД. Во 1910 година кога друг иноватор, Ли де Форест, организирал пренос од Метрополитен операта, стотици њујорчани се собрале во центрите каде можеле да стават слушалки и да го слушнат напукнатиот, деформиран глас на Енрико Карузо. Дури и првата комерцијална програма во Питсбург, на денот на претседателските избори во 1920 година, не стигнала до повеќе од илјада слушатели, кои наведнати над своите приемници ја слушнале веста за победата на Ворен Хардинг. Останатите морале да ги почекаат утринските весници за да ги прочитаат резултатите.
Во 1922 година, кога радио станицата на градот Њујорк ја емитувала првата позната реклама во која се величале предностите на становите на Хоторн Корт, во Џексон Хајт во Квинс, во целата земја имало триесетина радио станици. Но технологијата се развивала, делумно благодарение на иновациите во текот на Првата светска војна. По војната бројот на слушатели и бројот на емитувачи повеќекратно пораснал. Веќе во 1924 година имало повеќе од 500 станици; во 1930 година членовите на 40 отсто на американските домаќинства го вклучувале радиото за да ги следат важните настани во реално време или слушале радио драми, вести, музика, временска прогноза или реклами. Една деценија подоцна имало 80 отсто такви домаќинства.
***
Во триесеттите години на 20-иот век, Бертолт Брехт размислувал за радиото. „Радиото е еднострано, а би морало да биде двострано“, пишува тој. „Тоа едноставно е апарат за одвраќање на вниманието, за пренесување звук во една насока. Еве позитивен предлог: променете го апаратот така што нема да служи за дистрибуција, туку за комуникација. Радиото би бил најдобар апарат за комуникација во јавниот живот, огромна мрежа на гласни жици“. Кога радиото би можело „да му дозволи на слушателот да зборува а не само да слуша“, заклучува Брехт, би можело „да го вклучи во комуникацијата наместо да го изолира“.
Подоцна, тој многу поинтимно зборувал за радиото. Кога Хитлер дошол на власт, Брехт ја напуштил Германија и заминал во прогонство кое ќе потрае 15 години. Скитал низ Швајцарија и Франција, пред да застане во Данска. Светот на прогонетиот е своевидна тишина. Сепак, малиот радио апарат му овозможувал да прислушкува што се зборува на неговиот прв јазик – емиргрантите и прогонетите пред него не можеле да ја замислат таа невидлива врска. Во една песна за радиото, Брехт ја изразил својата приврзаност кон мајчиниот јазик, иако оние што говорат на тој јазик го протерале:
Мала кутијо, што во бегството те држев нежно покрај себе
за да не ти се скршат лампите,
носена од куќа до куќа до едреник до воз,
за моите непријатели да продолжат да ми зборуваат,
за покрај мојот кревет да продолжат да ѝ зборуваат на мојата болка,
пред да заспијам и штом се разбудам,
за своите победи и моите грижи,
вети ми дека нема одеднаш да замолчиш.
Избор: Никола Гелевски
Гифови: Мирјана Лозановска
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.