Живот, рецепт што не го знаеме

14.02.2020 00:24
Живот, рецепт што не го знаеме

Експериментот Милер-Уреј

Еве ги потребните состојки: За живот е неопходен океан. Сад. Или барем колевка. За оваа прилика можеме да употребиме и каква било голема и проѕирна кутија од некаква пластика, отворена од едната страна.

Потоа - Сонце. Бидејќи не можеме со леснотија да обезбедиме толкава ѕвезда, ќе употребиме некој друг моќен мотор. На пример, вентилатор со огромна сила. Ако го насочиме кон кутијата, кон отворената страна, наместо топлите зраци кои паѓаат на Океанот, енергија на системот ќе му обезбеди исклучително силниот ветар.

Потоа ја земаме првата нежива супстанца, некаква обична неорганска молекула. Можеме да користиме и обично пинг понг топче со пречник од четири сантиметри. Во кутијата со ветер топчето повремено ќе скока горе-долу, како што и доликува на една „молекула“.

Ако наместо едно употребиме десет топчиња, системот станува поинтересен - топчињата скокаат, се судираат и се движат хаотично како Браунови честички. Очигледно, системот е мошне динамичен, но очигледно не е жив.

Ни недостасува - комплексност. Затоа ќе употребиме друг вид топчиња. Да речеме, двојно поголеми и двојно помали. Ако ги ставиме сите заедно во садот и ги изложиме на ветар, тие ќе се движат на начин кој многу повеќе ги зема предвид заемните односи. Во некои делови ќе се појават првите кластери, групи топчиња, на други места топчињата само скокаат хаотично - да се охрабриме и да ги наречеме протоклетки.

Со зголемувањето на десет видови топчиња, поголеми и помали, сѐ повеќе се зголемуваат и таквите појави. Садот го заземаат кластери, помали и поголеми, тие се раскинуваат и топчињата се групираат одново. Овие протоклетки се спојуваат и тргнуваат во круг - почнуваат да ја поврзуваат енергијата. Овие синтетички протоклетки практично имаат метаболизам. Некои нови форми на постоење. Речиси живот.

Стенли Милер и Харолд Уреј

Ако замислиме дека нашиот сад е доволно голем (или топчињата многу, многу помали), така што ќе има милион видови топчиња во него. Би можело да се очекува и дека ќе се создадат џиновски кластери кои енергијата од ветерот ќе ја заробат на подолго време, разменувајќи топчиња. Дека ќе метаболираат. Ќе се одвојуваат и спојуваат и на тој начин ќе се репродуцираат. И како што поминува времето, ќе еволуираат во посложени форми.

Но, веројатно веќе помисливте дека не може така. Дали нешто може да се смета за живо, дури и без органски молекули? Или органските молекули се нужни? Пред четири милијарди години, во примордијалната супа, обичните неоргански материјали, навидум вообичаено, се претвораат во првиот живот. И иако постојат повеќе теории и хипотези како можело да дојде до тоа, современата биологија и хемијата сѐ уште не ја откриле тајната состојка. Како да се пополни празнината помеѓу неживата материја и настанувањето на самореплицирачкиот жив систем? Како да се повтори тоа во лаборатоија?

Некои научници веќе со децении се обидуваат одново да создадат живот користејќи најразлични материјали, како што се кристалите или капките масла со кои создаваат речиси „живи“ структури. Секако, најмногу обиди се потпираат на јаглеродот и симулација на условите од „примордијалната супа“, кои според бројни хипотези владееле во време кога од неоргански молекули се создала првата „коацерватна“ капка, односно една поголема група молекули кои веќе не биле само тоа, туку живо битие.

Најпознат таков експеримент е Милер-Уреј, кој во 1952 година на универзитетот во Чикаго го извеле Стенли Милер и Харолд Уреј, со желба да ја проверат хипотезата за настанокот на животот на Александар Опарин и Ј. Б. С Холдејн.

Според нивната хипотеза, условите на примитивната Земја ги поттикнале хемиските реакции во кои од неорганските се синтетизирале органски соединенија. Милер и Уреј направиле експеримент со вода во стаклен сад (океан), електрична искра (молња) и гас во кој бил измешан метан со амонијак (атмосфера), и успеале во лабораториски услови да добијат дури пет аминокиселини.

Нивниот експеримент со потеклото на животот е повторен повеќе пати, а во изведбата од 2008 година научниците вештачки добиле дури 22 аминокиселини. Меѓутоа, бројни други ин витро (во стакло) обиди во такви услови да се создаде нешто што ќе биде не само органска молекула туку живо суштество, никогаш не успеале.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото