Контраспин: Техничката влада не е арена за предизборна кампања

14.02.2020 13:17
Контраспин: Техничката влада не е арена за предизборна кампања

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја забораваат суштината на постоењето на техничката влада и ја претворија (по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ), во арена за мерење на суетите и мускулите. Поради тоа, наместо контролен механизам преку институции кои ќе функционираат со цел фер и праведни избори, техничката влада се претвори во објект и субјект за пласирање на спинови во јавноста со предизборни цели.

Околу прашањето на однесувањето на министерката Рашела Мизрахи во бројните изјави на политичарите може да се сретнат и следниве во кои може да се детектира недоследност, т.е спин:

Спин: Нема нешто во државата поважно од тоа да се почитува Уставот и законите. Јас можам да правам компромис и да разговарам за политички теми и за нив да бараме решение, ама да барам компромис за почитување на Устав и на закон и посебно на министер кој даде свечена изјава пред Собранието дека ќе го почитува Уставот, тоа нема да се случи. Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат кој ги почитува Уставот и законите. На пример, еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам.

[Извор: Фактор – Оливер Спасовски...-датум: 13.02.2020]

Спин: Свесни се дека губат, ја разбирам нивната нервоза, знаат дека следи одговорност по 12 април. Нема потреба од ваква нервоза…. Апелирам до Спасовски да се воздржи од какви било политички маневри и слугувања на политиките на СДСМ, да го гледа државниот интерес и свесно да не ја тера државата во едно тешко политичко сценарио. Не е добро, ниту за државата, вака по пат на насилство да се туркаат работите. Политички договор постои и тој треба да се почитува. Имаме 60 дена до денот на гласање, колку толку барем да имаме елементарни услови за пристоен изборен ден на12 април.

[Извор: Фокус – Христијан Мицкоски, датум: 12.02.2020]

Контраспин:

„Патриотското“ однесувањето и изјавите на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи околу таблата во МТСП со името Република Македонија, предизвикаа серија изјави и чекори од двете најголеми политичкии партии. Техничкиот премиер Оливер Спасовски по барањето на министерот Никола Димитров, да ја врати таблата со новото уставно име, поднесе предлог за разрешување на Мизрахи од функцијата. Мизрахи повторува дека не згрешила ништо, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели победувале (ВМРО-ДПМНЕ), па затоа СДСМ од страв ја разрешуваат Мизрахи.

„УТНАТА ТЕМА“

Всушност и Спасовски и Мицкоски ја „утнаа темата“, па затоа во нивните изјави може да се детектираат недоследности, полуспинови или спинови во изјавите.

На пример, неоследна изјава, но и спин е дека Спасовски не може да прави компромис со министер кој не почитувал ни Устав, ни закон, а дал свечена изјава во Собрание, зашто истиот тој Спасовски во минатото седел со министри од коалицискиот партнер ДУИ, кои не почитувале Устав и закон и изјаувале дека за нивната функција и за квалитетот на нивната работа не одлучува Зоран Заев, туку лидерот на ДУИ Али Ахмети. Што е тоа ако не е компромис со колеги министри во иста влада, а да не зборуваме за компромисите што мораше да ги направи целата влада, вклучувајќи го и Спасовски, за да се промени Уставот и законите, за да се имплементира Преспанскиот договор, за да се усвои и законот за јазици, итн…

Мицкоски, пак, од друга страна, спинува дека го гледа државниот интерес, дека „тој е најважен“ и дека не било убаво за државата, „вака по пат на насилство да се терале работите“.

Доколку Мицкоски беше загрижен за државата и за претстојната операција наречена избори, која секако ќе биде од екстремна важност за брзината на тековниот евро-интеграциски процес, „ќе ја спастреше“ министерката Мизрахи да не прави инциденти од „патриотски“ тип, да дава изјави пред старата табла во МТСП со името Република Македонија. Дали имало табла или не е помалку важно, дали таа разбира дека има нова реалност е помалку важно, но важно е дека таа е поставена од Мицкоски и тој може да ја исконтролира доколку прави штета, а прави. Но, тој тоа не само што не го стори, туку како што констатира дел од јавноста, „ја пушта низ вода“

ТЕХНИЧКА ВЛАДА Е ТЕХНИЧКА А НЕ Е ПАРТИСКА

Всушност, двете страни ја забораваат суштината на поостоењето на техничката влада. Таа не е партиска и од нејзе не се очекува исполнување на програма на политичка влада, туку само едноставно функционирање на институции во период од 100 дена пред избори. Техничката влада не е арена за препукување на партиски програми и позиции и не е мегдан каде треба да си ги мерат мускулите едните или другите. А, јавноста токму тоа го гледа од крајот на декември, со мал чесен исклучок последниот месец во МИОА.

Додуша, трендот го почна ВМРО-ДПМНЕ, уште со првата изјава на Чулев дека постојат индиции за криминал… Значи, техничката влада не се занимава со индиции, таа не исполнува политичка програма, туку таа е воспоставена за меѓусебна контрола на власта и опозицијата која треба да придонесе на крајот за фер изборен процес. Ова, се чини, го забораваат и двете страни, иако почесто СДСМ е де факто нападната страна, а ВМРО-ДПМНЕ е тој што напаѓа во техничката влада.

Лидерите на двте партии ова мора да го расчистат, а нивните претставници да не ѝ пласираат на јавноста спинови.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото