Во метрото

14.02.2020 16:11

Откако не успеав да најдам ниту една збирка суппоезија,
се решив за подземно патување.
Женскиот глас нѐ предупредува нас, патниците,
да внимаваме на багажот
и да им обрнеме внимание на вработените за секој просјак,
зашто имаме право на цивилизирано патување.
Далеку се времињата кога во Букурешт луѓето во метрото
читаа весници, а и книги.
Патниците зјапаат во мобилните телефони
или изгубено ѕурат пред себе.
Обезбедувачите во црни униформи и со палки на појасот
како џелати ги демнат просјаците и другите нарушувачи на цивилизацијата.
Дрнкањето на возот станува неподносливо, затоа излегувам.
На излезот двајца полицајци
луто ја погледнуваат бездомната старица
и со поглед ѝ велат дека заврши нејзиното работно време.
Дури набрзина ги собира работите
на земјата ѝ паѓа везено милје,
најверојатно од чеизот,
кое некогаш го красело телевизорот
или било подлога за некоја порцеланска или стаклена фигурка.
Но огромните екрани на постојките во метрото
се секогаш рамни и не дозволуваат никакви украси.
Дури со него си ги брише аглите од усните
по храната од околните корпи за отпадоци,
меѓу кои сигурно ги нема Прустовите мадленки,
но има некое парче печиво,
си споменува на покојниот маж.
Барам ситно и брзам над земјата.
Универзитетскиот плоштад е изметен и празен.
Одамна ги отстранија тезгите со книги
зашто не изгледаа цивилизирано.
Снаодливите антиквари што подоцна книгите ги продаваа на земја
исто така ги избркаа
врз основа на некое решение.
Новиот век е обележан со прогонство,
а и јас таму засекогаш
го изгубив својот дом.

Препев: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото