За две години, нула изнајмени велосипеди во Скопје

15.02.2020 11:32
За две години, нула изнајмени велосипеди во Скопје

И покрај тоа што Градот Скопје има поставено цел до 2021 година дури 5 отсто од вкупниот број на патувања на граѓаните да бидат со велосипеди, во реалноста бројките покажуваат дека јавниот систем за изнајмување велосипеди не функционира веќе две години. Остварените приходи на ЈП „Градски паркинг“ од изнајмување велосипеди во 2018 и 2019 година изнесувале 0 денари, а системот „Скопје изнајми велосипед“ едвај функционирал и во годините пред тоа. Во главниот град во моментов единствено се активни приватни иницијативи за изнајмување велосипеди, кои се ограничени на мал број пунктови и не се интегрирани со јавниот превоз.

 

 

 

Градот Скопје минатото лето се одлучи системот за изнајмување велосипеди да им го префрли на ЈСП – Скопје, за интегрирање на велосипедите за изнајмување во скопскиот јавен превоз. Идејата на градските власти беше да се изведат 30 пунктови за автоматско изнајмување велосипеди во Скопје, кои би можеле да се користат преку плаќање со кредитна картичка или СМС порака.

Од ЈСП – Скопје изминатава есен ветија дека вршат анализа на досегашниот начин на функционирање на системот за изнајмување велосипеди, тврдејќи дека реализацијата на проектот би почнала претстојната пролет. Сепак, од јавното сообраќајно претпријатие за „Мета.мк“ велат дека одговор на прашањата во врска со проектот за изнајмување велосипеди треба да дадат од Град Скопје. Градските власти, пак, досега немаат одговорено на поставените прашања.

Наспроти негативната состојба на терен, во „Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019 – 2021“, Град Скопје има поставено амбициозни планови што треба да се спроведат во претстојниве две години. Заедно со зголемувањето на вкупниот број на патувања со велосипед, во документот е вклучена можноста велосипеди да се транспортираат со возилата на јавниот транспорт во Скопје и да се воведе станица за изнајмување, долготрајно паркирање и сервисирање на велосипеди во Транспортниот центар.

И додека Скопје во изминативе години ја „преспа“ можноста за воведување на ефикасен систем за изнајмување велосипеди како алтернативен јавен превоз, во повеќето европски градови веќе постојат и системи за рентање на електрични тротинети како нова алтернатива за брзо и евтино патување на граѓаните во градските средини. Воедно, надвор од земјава се водат полемики околу тоа дали системите за изнајмување велосипеди треба да бидат раководени од градовите или од приватни компании, доколку навистина се сака овие средства за транспорт да бидат дел од подолгорочниот развој на јавниот превоз.

Еден од последните градови каде што пропадна партнерството во ваков проект меѓу приватна компанија и градските власти е Краков, каде што компанијата „Вавел“ на крајот од 2019 година се одлучи да ги повлече од употреба велосипедите за изнајмување поради неисплатливост и да ги остави граѓаните што склучиле годишни договори без превоз.

Извор: Мета

 

Слични содржини

Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Европа / Екологија / Живот
Јавни простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото