ЕУ река (35): Angelus Novus

15.02.2020 11:46
ЕУ река (35): Angelus Novus

Кле има слика која се вика Angelus Novus. На неа е прикажан ангел кој изгледа како да има намера да се оддалечи од нешто со што е фасциниран. Очите му се ококорени, устата отворена, а крилјата раширени. Така мора да изгледа ангелот на историјата. Лицето го свртел кон минатото. Она што ние го гледаме како верига од настани, тој го согледува како една единствена катастрофа што непрекинато трупа урнатини врз урнатините и му ги фрла пред нозе. Тој радо би застанал, би ги будел мртвите и би го составувал скршеното. Но од рајот дува толку страшна бура што раширените крилја ангелот не може да ги склопи. Таа бура незадржливо го гони кон иднината, на којашто тој ѝ го врти грбот додека купот урнатини под него расте до небото. Она што го нарекуваме напредок е таа бура.

Валтер Бенјамин, Angelus Novus

Развојот одел од времето кое било циркуларно, природно и конкретно кон линеарното, механичко и апстрактно време. Шведскиот историчар Ленарт Лундмарк зборува за важната разлика помеѓу квантитативната и квалитативната страна на времето. Квантитативната страна го претставува времето како мерлив ресурс, а квалитативната се претставите за времето во форма на минато, сегашност и иднина. Во современите општества квантитативната страна преовладува („времето е пари“), додека времето како историја се потиснува отстрана (или наназад).

Некои велат (љубителите на серијата „Lost“, на пример) дека веќе, како човештво, не трагаме по изгубената црна кутија (која, налик на Пандорината, ќе ни ги расветли тајните), туку дека самите се наоѓаме во црната кутија како во темна комора: без слух, вид, мирис, без ориентири или какви било документи за (само нејасно ја насетуваме) доживеаната катастрофа.

За тоа зборува и сликата на Пол Кле од 1920 година и славната анализа на Бенјамин од 1940 година: како да не можеме пак да ги склопиме крилата и да се свртиме напред; како урнатините постојано да го голтаат просторот под нас, како Пекмен да го прождира патот зад-пред Новиот ангел... (За време на Првата светска војна смислена е една бизарна „тактичко-техничка“ иновација: „ползечкиот јуришен оган“. Замислата била пешадијата да напредува со пресметана брзина од 25 метри во минута, а за тоа време артилеријата со истото темпо пред неа да ја помрднува завесата од бучни железни шрапнели и чад - пишува Петер Енглунд во книгата „Малите истории“.)

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Слика: Пол Кле - Angelus Novus (1920)

Кон ЕУ река (34)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото